Дали оздравените корона-пациенти се имуни? | Панорама | DW | 15.04.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Дали оздравените корона-пациенти се имуни?

Досега оздравеле повеќе од 300 илјади луѓе во светот заболени од Ковид-19. Дали се тие сега навистина имуни на вирусот? СЗО не сака да буди лажни надежи и е исклучително воздржана во врска со прашањето на имунитетот.

Надежта на многумина во време на пандемија на Ковид-19 гласи: можеби веќе сум бил инфициран со коронавирусот без да почувствувам симптоми, или можеби сум имал само благи симптоми како во случај на настинка, но сега веќе не може ништо да ми се случи. Сега сум имун. На имунитет се надеваат и многу од болните кои оздравеле од болеста.

Но, експертите од Светската здравствена организација ги спуштаат ваквите големи надежи. Директорот на програмата за итни случаи на СЗО, Мајкл Рајан, во Женева изјави дека се’ уште нема јасност дали оздравените пациенти од Ковид-19 се навистина имуни и ако е така - колку долго трае имунитетот:

„Би се очекувало едно лице кое има целосен одговор за имунитет со антитела да е заштитено на одредено време. Но, не знаеме колку долг е тој период на заштита. Би можеле да очекуваме соодветно траење на заштитата, но многу е тешко да се дадат оценки за новиот вирус. Би можеле всушност само да извлекуваме заклучоци од искуствата со други коронавируси, но дури и тоа досега е можно само во многу ограничена мерка.“

Иако бројот на оздравени пациенти се зголемува од ден на ден, досега едноставно нивниот број е премал. Во светот досега оздравеле околу 300.000 луѓе, вели Марија ван Керкове, техничка раководителка на СЗО за Ковид-19. Епидемиологот на прес-конференција пренесувана преку на интернет укажа на едно од првите истражувања за прашањето на имунитетот на оздравените:

„Постои студија објавена неодамна во Шангај. Се работи за текст кој се’ уште не е прегледан од вештаци. Таму е испитувана крвна плазма од 175 оздравени пациенти. Според истражувањето, од тие лица има такви со силна реакција на антитела, но дали таа реакција навистина значи и имунитет, тоа е друго прашање. Тоа е нешто што треба навистина подобро да го осознаеме, имено - што одговорот со антитела значи во смисла на имунитетот.“

Повеќе:

Како имунолошкиот систем се бори против коронавирусот

Како да го зајакнете имунитетот среде пандемијата на коронавирусот?

Лек за коронавирус од антитела на излечени пациенти

Карантин: Седењето дома му штети на имунолошкиот систем

Исто така, се покажало и дека одговорот со антитела воопшто не е ист кај сите оздравени.

„Во истата студија има пациенти кои не покажале воопшто никаква реакција со антитела. И, има пациенти кои имаат многу голема реакција“, изјави Ван Керкове.

Таа појаснува дека едноставно досега е познато премалку за иминитетот на оздравените пациенти. Но, научниците од цел свет се на пат да ги поврзат сознанијата од различни истражувања:

„Во моментов има низа студии кои ги истражуваат антителата со различни серолошки тестови. Кај некои од нив се работи за скрининзи, а за други се потребни лаборатории со голема безбедност за спроведување тестови.“

Штом СЗО ќе добие информации во врска со тоа, нив и ќе ги објави, уверува Ван Керкове. Во превод: во моментов едноставно нема доволно сознанија за имунитетот на оздравените пациенти.

Реклама