Дали независноста на Шкотска ќе ја чини членството во ЕУ и НАТО? | Европа | DW | 11.09.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Европа

Дали независноста на Шкотска ќе ја чини членството во ЕУ и НАТО?

И да се отцепи Шкотска од Велика Британија, и натаму ќе остане дел од ЕУ. Така барем смета Алејн Смит, шкотски член на Европскиот парламент. Но, дали тоа навистина ќе биде така?

Дојче веле: Веќе десет години сте член на Европскиот парламент, а воедно и на Шкотската национална партија, која припаѓа на Зелените. Дали е точна мојата претпоставка дека сте подготвен дури и да се откажете од вашата позиција, само за да го подржите отцепувањето на Шкотска од Велика Британија и ЕУ?

Алејн Смит: „Не, апсолутно не. Шкотска е про-европска, социјалдемократска земја. Ние сме дел од земја-членка која се повеќе се оддалечува од ЕУ. Имаме британска влада која ги запоставува човековите права, меѓународното право, ја претставува ЕУ во лошо светло и сметам дека тоа е спротивно од интересите на Шкотска. А, мислам дека не е во интерес ниту на Велика Британија. Времето на Велика Британија помина. Граѓаните на Шкотска на 18-ти септември ќе донесат одлука која ќе ја дефинира иднината на земјата“.

Дојче веле: Значи сакате да се одделите од Велика Британија, но не и од ЕУ. Но, Брисел вели дека тоа не е така едноставно. Комисијата забележува дека ако ја напуштите Велика Британија, тоа ќе значи и напуштање на ЕУ, што значи дека ова е комплицирано прашање.

Alyn Smith, Europaabgeordneter aus Schottland für die Grünen

Алејн Смит веќе една деценија во Европскиот парламент води кампања за независноста на Шкотска

Алејн Смит: „Да комплицирано е, исто како и се друго во ЕУ. Ова е прагматична организација, која е градена врз демократија, човекови права и заеднички интереси. Практично никој во законот не вели дека треба да ја напуштиме ЕУ, во рамки на договорите и секундарната легислатива не е предвидено такво нешто. Но, ние сме земја- членка која придонесува. Имаме 80 отсто од британската нафта и гас, 20 отсто од европскиот обновлив енергетски потенцијал, бидејќи тука е ветровито и врне многу. ЕУ не би сакала да не изгуби како земја-членка, а и ние не сакаме да си одиме од ЕУ. И британската и шкотската влада се согласија да го испочитуваат резултатот од гласањето. И нема сомнение дека најдобро за сите ќе биде од регион во земја-членка да преминеме во самостојна земја-членка. Ние сме европска земја и како таква и сакаме да останеме.

Дојче веле: Дали сте загрижени дека земји како што е Шпанија, на пример, можат да се обидат да ве спречат? Шкотската независност може да послужи како пример за останатите региони во Европа кои сакаат независност, како што е Каталонија.Теоретски би можело да има блокада?

Алејн Смит: „Па и метеор би можел да ја погоди Шкотска во следниве пет минути. Сметам дека треба да обрнеме внимание на она што е разумно и веројатно дека ќе се случи. Не верувам дека некоја земја-членка на ЕУ има намера и интерес за блокирање на членството на Шкотска во ЕУ. Никој во Шпанија не рекол дека ќе го блокира шкотското членство. Шпанскиот министер за надворешни работи изјави дека британската влада ќе го одреди шпанскиот став, а британската влада веќе се согласи со Шкотска дека ова (резултатот од референдумот, н.з.) ќе се спроведува и почитува. Значи Велика Британија и Шкотска ќе излезат пред ЕУ со усогласен заеднички договор“.

Дојче веле: Што е со натамошното членство во НАТО? Сакате ли и натаму да останете во воената алијанса?

Алејн Смит: „Стратешки, ние сме многу важни. Имаме долго крајбрежје со многу нафта, гас, енергетски средства и други ресурси. Така што ќе бараме и натаму да останеме во НАТО. Исто како и со ЕУ – има процес низ кој треба да се мине, но секако е во корист на земјите-членки на НАТО ние да останеме во рамките на Алијансата. Веруваме дека НАТО е дел од иднината на Шкотска и нејзиниот одбранбен систем. Но, истовремено ќе имаме и пишан устав со кој во законодавството ќе има ограничување за тоа кога, каде и што ќе прават нашите војници. Во моментов Велика Британија има привилегирана моќ, која повеќе наликува на игра на престоли, отколку на модерна демократија“.

Дојче веле: Дали ќе има проблем со нуклеарното оружје на Велика Британија? Дали ќе остане во Шкотска?

Алејн Смит: „Во моментов се наоѓаме во крајно недемократска ситуација во која сто отсто од британското нуклеарно оружје е стационирано во Шкотска. Тоа се подморници, кои лесно може да бидат преместени, така што Британија може да си го чува нуклеарното оружје на друго место. Ние нема да бидеме земја-членка на НАТО без нуклеарно оружје и тоа сметам дека е добро за прогрес во светот“.

Pro-Unabhängigkeitsfahne in Schottland

Актуелните анкети покажуваат тесна разлика во поддршката за и против независноста на Шкотска

Дојче веле: Дали ќе има граница ако Шкотска се оддели од Британија? Или, пак, Шкотска ќе се приклучи кон Шенген зоната – европската безвизна зона?

Алејн Смит: „Па ние веќе имаме заедничка зона на патување низ Велика Британија, Шкотска и Ирска, исто како што е и случајот со скандинавските земји, затоа и Норвешка е дел од Шенген зоната, но не и од ЕУ. Велика Британија во моментов не е дел од Шенген зоната. Не очекуваме дека ќе станеме дел од шенген зоната. ЕУ не губи ништо ако ние не се приклучиме кон Шенген зоната, затоа и сметаме дека најрационално би било да не пристапиме кон Шенген зоната. Но, дефинитивно остануваме во областа за заеднички патувања со Велика Британија“.

Дојче веле: Тоа значи дека на кралицата нема да и’ треба пасош?

Алејн Смит: „Па ако сака може да земе шкотски пасош – тоа е нејзина одлука“.

Дојче веле: Но, ќе остане шеф на шкотската држава?

Алејн Смит: „Секако, унијата на круни е поразлична од унијата на парламенти. Круната има поголема традиција. Исто како што кралицата е кралица и на Канада, Нов Зеланд и Австралија, така ќе биде и на Шкотска. Во однос на државјанството, секој жител во Шкотска ќе има право на државјанство на денот на независноста. Но, како и во останатите земји така и во нашата, секој којшто ќе сака ќе може да има и двојно државјанство“.

Алејн Смит (41) е член на Шкотската национална партија, која се залага за независноста на Шкотска. Тој е европарламентарец од 2004, а Шкотската национална партија моментално држи две од вкупно шестте места во европарламентот. Лабуристичката партија, која е против независноста на Шкотска, во моментов држи две места. Обете конзервативци и десно-ориентираните популисти (Независната партија на Велика Британија) имаат по едно место. Секој од овие европарламентарци е исто така против отцепувањето на Шкотска од Велика Британија.