Дали навистина сакаме во ЕУ? | Северна Македонија | DW | 02.11.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Дали навистина сакаме во ЕУ?

Патот кон Европа е напорна, долга и заморна угорница. Па така, ако сме искрени со самите себеси, треба да си признаеме дека ние, на тој пат, најмногу ги сакаме европските пари. За вредностите ќе видиме.

Не е тешко да се прифати разумниот и компромисен Преспански договор. Тешко е да се гледа тажната, поразителна и мачна состојба на македонското општество што реакциите на овој договор ја распослаа пред очите на домашната и европска јавност. Состојба на чиста конфузија во која мора да се постави прашањето - дали ние навистина сакаме да бидеме дел од ЕУ како економско-политичка заедница и да ги споделуваме европските вредности?

Тешко е исто така да се состави логична приказна од изјавите што се слушаат овие денови откако ВМРО-ДМНЕ, како што тврди, почна да раскрстува со минатото, откако Сашо Мијалков почна да практикува епистоларна уметност и откако почнаа да паѓаат, како зрели јаболка во есен, оставки и разрешувања.

Ако ги синтетизираме изјавите на овие луѓе, кои велат дека се против антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, дека сите тие се проевропски расположени, сакаат земјата да тргне кон ЕУ и НАТО, велат дека нема никакви шанси да се дојде до подобар договор со Грција и не сакаат нивната партија да биде меѓународно изолирана. Но, сите се против Преспанскиот договор!

Декларативната определба на ВМРО-ДПМНЕ

Одлучното одбивање на најголемата опозициска партија да го поддржи Преспанскиот договор е контрадикторно со нивната вербална заложба за ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ на цел глас тврди дека е проевропска и прозападна, но никако од зборови да мине на дела. Партијата одбива да седне и да разговара за уставните амандмани кои се единствената можност да се поправат делови од тој договор во насоката која би била добра за сите.

ВМРО-ДПМНЕ, по 11 години владеење, покажа дека декларираната желба за ЕУ е само вербална. Таа ги прогласуваше документите на ЕУ, кои од нас бараа владеење на правото, како „палома хартија“. Сега, преку барањето за амнестија, покажува дека барањата на ЕУ за правна држава повторно би можеле да станат хартија за еднократна употреба.

Декларативната определба на ВМРО-ДПМНЕ за ЕУ е мотивирана само од анкетите на мислењето на јавноста која, во речиси 80 отсто, тврди дека сака земјата да биде дел од ЕУ. А ВМРО-ДПМНЕ нели, како што постојано ни повторува, не може да оди против она што го сака народот. Народот е за ЕУ и против Преспанскиот договор. И? Сега би можеле да се сетат на зборот „лидер“ кој очигледно не постои во вмровскиот речник.

За да може да му се допадне на народот, партијата со години сесрдно работеше на падот на граѓанската поддршка за ЕУ. Нејзините неофицијални гласноговорници со години нѐ убедуваа дека ЕУ е во фаза на распаѓање, па нема потреба да итаме кон заедница која и онака нема долго да трае. За жал, овие измислици, базирани на лажни вести и фалш интерпретации на настаните во ЕУ, фатија доста цврст корен во голем дел од јавноста.

Декларативноста на партиите на Албанците 

Но не е само ВМРО-ДПМНЕ за критика. Најавите за нови амандмани во Уставот што доаѓаат од албанскиот политички блок, го отвораат истото прашање - сакаат ли навистина да почнеме преговори со ЕУ или се подготвени да ја забават работата на Собранието за да добијат отстапки кои убаво би им легнале за освојување гласови на следните избори? 

Ние го сакаме Западот поради неговата либерална економија, социјалните придобивки, технологијата, изобилството што го нуди потрошувачкото општество, средените градови и села, средениот јавен превоз, инфраструктурата и.т.н.

Но кога се работи за европските вредности како правната држава, правдата, солидарноста, добрососедството или прифаќањето на различноста, во Македонија наеднаш бледнее европското расположение.

Други колумни од авторката:

Временската машина на Мицкоски

Траги-комичниот македонски мазохизам

Збунувачкото ВМРО-ДПМНЕ

Зборуваме за правна држава, но искрено не веруваме дека тоа навистина може да се случи и кај нас. На сите обиди да се воспостави правна држава ние гледаме со недоверба, а често и презир. Ние живееме во теориите на заговор и патетичната херојска интерпретација на таа историја.

Ете, тоа се основните постулати на конзервативната културна револуција која сакаше да ја донесе Груевски и која сѐ уште живее. Шарената револуција беше брана пред конзервативизмот, но работата е далеку од завршена. Како што токму еден член на ВМРО-ДПМНЕ неодамна рече – Груевски веќе не е на власт, но груевизмот е длабоко вкоренет во нашите животи.

Пред две недели овде напишав дека Преспанскиот договор има една уникатност: за првпат во историјата на Балканот двајца балкански лидери сами ја преземаат сета одговорност за потпишаниот документ и не се повикуваат на меѓународната заедница. Не бараат потписи на претставници на меѓународната заедница.

Оттука, потегот на Заев и Ципрас е навистина историски. Почеток на вистинска одговорност за самите себеси и европска вредност каква што ЕУ би сакала почесто да види на Балканот.

Заговорите на незнамтикој

Не знам дали Заев и Ципрас ќе добијат Нобелова награда за мир следната година кога, се надевам, Преспанскиот договор навистина би требало да заживее. Но нема сомнение дека го исполнуваат основниот критериум за оваа престижна награда: воспоставување мир на Балканот и работа врз вредностите што го обединуваат европскиот континент.

Ако Преспанскиот договор успее, тој ќе биде пример за целиот регион и пред сѐ за проблемот помеѓу Србија и Косово. Без да навлегувам во балканските теории за подземните акции на балканските служби за разузнавање за кои засега нема никаков доказ, треба да се каже дека Заев никогаш не му бил омилен лик на српскиот претседател Александар Вучиќ. Од самиот почеток. Вучиќ секогаш стравувал од „македонското сценарио” кое беше издигнато на ниво на светски таен заговор против владата на Груевски.

Според тие теории, Сорос или ЦИА прават сѐ за да исчезне Македонија. Па така тие го нашле Заев, му платиле тешки милиони за да може да се „разнебити“ Македонија и да се „продаде“ името. Никој никогаш не докажа дека незнамтикој во светот го платил Заев, кој е тоа нензамтикој и како тој незнамтикој го платил и.т.н. и.т.н. Но, добро, Балканот отсекогаш бил плодна почва за заговори, па нив ќе ги оставиме да виреат во традиционалниот политички фолклор.

Вистината е дека со години сме оставени сами да решаваме за нашата судбина. Европа само ни го покажува патот. На нас е да тргнеме по него или да му завртиме грб. Патот кон Европа е напорна, долга и заморна угорница. Па така, ако сме искрени со самите себеси, треба да си признаеме дека ние, на тој пат, најмногу ги сакаме европските пари. За вредностите ќе видиме.

DW.COM

Реклама