Дали Меркел е „мајка на сите проблеми“? | Информации и анализи за Германија | DW | 07.09.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Дали Меркел е „мајка на сите проблеми“?

Со изјавата за „миграцијата како мајка на сите проблеми“, министерот за внатрешни работи Зехофер ја потсети канцеларката дека конзервативците во Германија и во странство ја сметаат Меркел за причина за сите проблеми.

Во последните недели, сѐ беше некако мирно околу германскиот министер за внатрешни работи од редовите на Христијанско-социјалната унија ЦСУ. По бурното лето, во текот на кое под прашање беше доведена и повеќедецениската тесна соработка меѓу двете конзервативни партии ЦСУ и Христијанско-демократската унија (ЦДУ), страстите значително се смирија. 

Јаз во општеството  јакнење на АфД

Хорст Зехофер сега прашањето на миграциите го означи како „мајка на сите проблеми“. Најнапред на една интерна седница, а потоа и јавно. И тој го наброи сето она што се случи откакко канцеларката Ангела Меркел пред три години кажа „Ќе успееме“, што стана своевидно мото на нејзината релативно либерална политика кон бегалците: во општеството се создаде јаз, а со популистичката Алтернатива за Германија (АфД) се етаблираше една солидно силна партија десно од партиите на Унијата (ЦДУ/ЦСУ). И згора на тоа кај Германците сѐ повеќе опаѓа угледот на етаблираните партии.

Канцеларка без мнозинство

Сето тоа како последица на бегалската криза? Ова е комплексно прашање и тешко е да се одговори на него. Можеби најблиску до вистината ќе се дојде ако се каже дека прифаќањето на загрозените луѓе од целиот свет во Европа беше повод за избувнување на многу, веќе одамна присутни внатрешни конфликти: истокот против западот, либерална против диригирана демократија, улогата и значењето на социјалната држава, социјалните прашања.

Thurau Jens Kommentarbild App

Јенс Турау, автор на коментарот

Но, и сѐ појасно станува, а изгледа дека и Зехофер сакаше да предупреди токму од тоа, оти канцеларката без оглед на сета таа ужаснатост од безредијата и ловот на мигранти во Кемниц, повеќе нема мнозинство за својата политика за бегалци и за азил, ни во Германија, ниту во Европа.

Разединети конзервативци

А кога зборуваме за Кемниц: со неколку денови задоцнување се забележува дека меѓу конзервативците не постои согласност ниту околу оценката за она што се случи во градот во сојузната покраина Саксонија.

Канцеларката говори за лов на луѓе, премиерот на Саксонија од редовите на нејзината ЦДУ го негира тоа. И Хорст Зехофер вели дека и тоа како има разбирање дека луѓето се бесни затоа што (како што се сомневаат) азилант убил Германец, што впрочем и се случи во Кемниц.

Повеќе на темата:

-Победа на поени за десницата: Меркел предоцна оди во Кемниц

-Одбрана на демократијата во Германија, АФД под надзор!

-Што всушност се случува во Кемниц?

Како да се спречи јазот во Европа?

Интерно Ангела Меркел постојано нагласува дека причината поради која во минатата година повторно излезе на избори како кандидатка за канцеларка беше стравот од создавање јаз во општеството, стравот од пропаѓање на Европската унија. Една година подоцна станува јасно дека нема напредувано ниту чекор по овие прашања.

Европа ги избира популистите (Италија), се враќа кон национализмот (Велика Британија и други), ја поткопува правната држава (Полска). А во Германија сите незадоволници, имено радикалите, противниците на демократијата и интерните ривали можат да се сложат околу тоа дека виновна е Ангела Меркел.

Повлекување во канцеларскиот кабинет

Она што Меркел ја одржува на врвот е фактот дека ерозијата ги погодува другите партии дури и повеќе од нејзината ЦДУ, во прв ред коалициските партнери Социјалдемократите (СПД) и ЦСУ во Баварија.  Уште колку долго може вака? Веќе сега се стекнува впечаток дека Меркел се повлекува во канцеларскиот кабинет, а тоа е опасен знак.

Десет дена цела Германија следеше што се случува во Кемниц, ги гледаше бесните граѓани, подбуцнувачите и насилните десничарски радикали, отворените симпатии кон нацистичките пароли. И еден можен контрапротест во облик на рок-концерт, со луѓе кои не ги загрижува само политиката за азил, туку стравуваат и за емотивната состојба на земјата, за општеството,за иднината и за демократијата. А Меркел? И таа ќе отиде во Кемниц, во октомври. Точниот термин сѐ уште не е утврден.

DW.COM

Реклама