Дали Меркел е виновна за бавното вакцинирање? | Информации и анализи за Германија | DW | 05.01.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Дали Меркел е виновна за бавното вакцинирање?

Дали канцеларката Меркел е виновна за одолговлекувањето на почетокот на вакцинирањето во Германија, е прашање за кое наголемо се дискутира. Други земји вакцинираат со побрзо темпо.

Најголемиот германски булеварски весник „Билд“ во понеделникот (4.01.2021) имаше текст со наслов: „Вака Меркел го кочеше купувањето на вакцината“. Во текстот во суштина се тврди дека министерот за здравство Јенс Шпан во јуни сакал да склопи сојуз со колегите од Франција, Италија и Холандија, за кај производителот на вакцини АстраЗенека да нарачаат 400 милиони дози вакцини против корона, но дека Ангела Меркел го запрела во таа намера.

Германската канцеларка наводно не сакала да и' приговараат дека без договор со останатите членки на ЕУ ја набавува вакцината. Таа се заложила за решение на Европската комисија, кое ги опфаќа сите 27 земји членки на ЕУ.

Портпаролот на германската влада Штефен Зајберт во понеделникот тоа во принцип го потврди: „Свесно баравме заеднички европски пристап со партнерите“. Тој рече дека владата стои зад тој принцип. Зајберт, меѓутоа, во тоа не гледа никакво кочење на надлежниот министер. Сепак, рече дека се оправдани и нетрпението и многуте прашања кои произлегоа.

Deutschland Bundestag Änderung des Infektionsschutzgesetzes Angela Merkel

Канцеларката Меркел и министерот за здравство Шпан на седница на Бундестагот во ноември 2020-та, при дебатата за измена на Законот за заштита од инфекции во Германија

ЕУ не работела ефикасно

Наводно, ЕУ со водечкиот производител Бионтек од Мајнц, Германија, склопила договор дури на средината од ноември, додека Американците веќе во јули нарачале 600 милиони дози. Угур Сахин, шеф на фирмата Бионтек, за неделникот „Шпигел“ изјави дека го зачудило колебањето на Брисел при нарачувањето на вакцината.

Според медиумски извештаи, источноевропските земји и Франција биле воздржани кон вакцината од германскиот производител, меѓу другото и поради високата цена. Социјалдемократите во Германија, како коалициски партнер на Меркелината ЦДУ, веќе ја критикуваат бавноста на процесот.

Генералниот секретар на СПД, Ларс Клингбајл, за првиот канал на германската телевизија АРД изјави дека е исправно што се пронашло „европско решение“, но рече и дека „Европа не мора да значи бавност“. Тој уште додаде: „Тоа не може така, земјата во која со истражување се дојде до вакцината на крајот да остане без доволно дози.“

Deutschland Mainz | Unternehmen Biontech | Ugur Sahin

Угур Сахин, шеф на фирмата Бионтек, за неделникот „Шпигел“ изјави дека го зачудило колебањето на Брисел при нарачувањето на вакцината

Во Германија испорачани само 1,3 милиони дози

„Билд“ наведува дека Германија од францускиот концерн Санофи уште во септември нарачала 300 милиони дози, но дека концернот изгледа може да испорача вакцина дури кон крајот на 2021 година. Дали Германија стави се' на погрешна карта?

Факт е дека покраините добиле 1,3 милиони дози и дека е најавено оти кон средината на јануари ќе добијат уште 600.000 дози. Прво ќе бидат вакцинирани луѓето во старечките домови и сите над 80 години, но и негувателите и загрозениот персонал во болниците. Министерот Шпан инсистира на тоа Европската агенција за лекови ЕМА во Амстердам оваа недела да одобри уште два вида вакцини.

Факт е дека вакцинирањето се одвива побрзо во земји како Велика Британија, Израел или САД. Во Велика Британија од понеделник се применува и вакцината на АстраЗенека, односно т.н. „Оскфордска вакцина“.

Повеќе:

Лоша кладба: Германците ја немаат вакцината која ја направија

Ризици и нуспојави од вакцините против коронавирус

Привилегии за вакцинираните: Прашање на солидарност

Министерот Јенс Шпан, според медиумски извештаи, ги преиспитува начините за забрзување на вакцинирањето во Германија. На пример, институтот „Роберт Кох“ би требало да ја провери можноста за зголемување на временската дистанца помеѓу примањето на првата и втората доза од вакцината, за да може првата доза да ја примат што повеќе луѓе. Засега временското растојание е најмногу 42 дена.

Исто така, од едно шишенце можеби би можеле да се земаат шест, наместо пет вакцини како досега, зашто изгледа дека шишенцата се навистина преполнети. Сето тоа ја покажува загриженоста на политичарите поради бавниот почеток на вакцинирањето.

Deutschland Probelauf Impfzentrum in Ulm

Од центрите за вакцинирање кои работат веќе извесно време доаѓаат информации за бавен почеток на вакцинирањето

Центри за вакцинирање во повеќе покраини

Од понеделникот во повеќе германски покраини со работа почнаа центрите за вакцинирање. Ги има вкупно 440. Оние центри кои работат веќе извесно време, како во Берлин, известуваат за бавен почеток на вакцинирањето.

Во берлинскиот кварт Трептов пред Нова година за вакцинирање беше отворен повеќенаменскиот центар Арена. Потоа, во текот на празниците, беше затворен, сега повторно се отвора. Во него има 80 кабини за вакцинирање, но во понеделникот таму беа вакцинирани многу мал број луѓе. И тоа е знак дека луѓето во Германија не се сигурни на кој начин се одвива вакцинирањето.

Освен тоа, германските покраини се однесуваат различно. Додека во некои на вакцинирање активно се повикуваат загрозените категории граѓани, како оние над 80 години, други покраини воведоа веб-страница и телефонски број за пријавување. И, честопати е невозможно да се стигне на ред.

Зачудува и фактот што подготвеноста за вакцинирање не е особено голема, посебно меѓу вработените во медицинските установи. Една студија на Германското интердисциплинарно здружение за интензивна и ургентна медицина покажа дека половина од негувателите и четвртина од лекарите во моментов не сакаат да се вакцинираат. Причината е пред се' стравот од долгорочни последици. Тука не помага ниту постојаното повторување на министерот Шпан дека вакцинирањето е „пат за излез од пандемијата“.

DW.COM

Реклама