Дали Макрон и Источна Европа ќе најдат заеднички јазик? | Свет | DW | 13.10.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Дали Макрон и Источна Европа ќе најдат заеднички јазик?

Францускиот претседател Макрон има големи планови за ЕУ, но ќе мора да го придобие Истокот на своја страна. Тој треба да се соочи со грижите на тој дел од Унијата, пишува романскиот аналитичар Раду Магдин.

Францускиот претседател Емануел Макрон, исто како канцеларката Ангела Меркел, има многу проблеми на внатрешнополитички план. Можеби дури и повеќе отколку што во моментов може да реши. Меѓутоа, тоа не го спречува да биде особено активен на меѓународно и европско ниво во одбраната на мултилатерализмот и темелните вредности на Европската унија. Тоа се карактерни црти за пофалба во времиња кои се трубулентни за Европа - во политиката, но и во други сфери.

Макрон е среде офанзива на шарм, се обидува да добие поддршка за своите предлози за реформа на ЕУ. Притоа, од одлучувачко значење е препознавањето на пријателите и непријателите. И, тој разбира дека стратешките интереси имаат поголема тежина од шармот.

Источна Европа не е единствен блок

Франција има клучна улога во ЕУ и се залага за континуиран процес на интеграција. Тоа е нешто што Романија и други - кон Брисел пријателски настроени - држави можат да го поддржат. Сосема е поинаку со Унгарија и Полска. Во вакви услови е тешко на Источна Европа да се гледа како на единствен блок. Макрон сигурно има нов француски стил на раководење и во ЕУ внесе поголем елан. Тој подготвено оди на курс на конфронтација со противничката коалиција, која е предводена од Унгарија и Италија. Унгарскиот премиер Виктор Орбан е регионален интелекутален водач, но за жал, не е и конструктивен актер за Макроновиот голем европски проект.

По прашањето на стилот на раководење во ЕУ, Макрон е веродостоен и релативно предвидлив во неговата смелост. Веќе има поднесено неколку интересни предлози. Реакциите на источните ЕУ-држави се различни. Германија де факто и натаму е еднакво омилен, колку и омразен лидер на ЕУ (во меѓувреме е тешко да се зборува за француско-германски мотор), додека Полска, која неодамна се искачи на ниво на развиен пазар, важи за предводник на источните земји Она што источните ЕУ-држави го бараат - од Париз, Берлин и/или Брисел - е подобра позиција на масата за преговори. Сеедно дали национализмот и патриотизмот се омилени на Запад или не, живееме во патриотски и националистички времиња. Самодовербата е силна во цела Централна и Источна Европа. Офанзивата на шарм може да функционира само ако тие бидат третирани со почит. Се разбира, истото тоа се бара и од нив.

Истовремено, Истокот очекува еден вид нов капиталистички социјален договор, врз чија основа владите од една страна ќе ги држат вратите отворени за глобализацијата и странските претпријатија, а од друга страна ќе обезбедат нивните граѓани да бидат заштитени, а не искористувани.

Повеќе од авторот: Моја Европа: Повратете си ја ЕУ- пред Бенон да ја приграби

Борба против САД не е потребна

Повеќето источноевропски држави имаат - или барем сакаат - добри односи со САД. Тоа значи дека при секој „ЕУ на прво место“-дискурс во Источна Европа би требало да се работи за еден вид (супра)национална консолидација на ЕУ, за стабилност, а не за борба против САД. Јасно е дека не сите ЕУ-држави од Истокот сакаат исто. Тоа важи дури и за Вишеградската група: Полска веројатно останува на страната на Унгарија, но Чешка и Словачка можеби и не сакаат толку многу да ги следат евроскептичните пораки од Варшава и Будимпешта. Односот кон темата миграција ги поврзува Вишеградските држави, но нивните предлози за решение би можеле да не ѝ се допаднат на Франција.

Земјите од Балтикот повеќе стремат кон силна Европа, во комбинација со силни трансатлантски врски. Тоа важи и за Романија и Хрватска, но за Бугарија и Словенија и не толку. Во дел од овие земји од помош се позитивните искуства од воведувањето на еврото. Независно од говорите на Акрополис - да, Макрон направи обид со многу стилски говор - од помош е доколку економијата на една земја не морала да преживува грчка трагедија.

Шармот не е доволен

Погледот врз Балтикот, како и врз централно- и источноверопските земји покажува дека Макрон таму би можел да најде сојузници за своите европски планови, но за таа цел му се неопходни пораки скроени по мерка и диференцирани стратегии за разговори со различните земји. Личниот шарм не е доволен. Живееме во прагматични, цинични и популистички времиња, во кои е тешко да му се верува некому кој во ЕУ верува потполно, дури и кога таков ќе се најде. Источна Европа е свесна дека сите седиме во ист брод, но сака да има право на глас при важните промени во ЕУ. Тука е предизвикот за која било реконструкција на блокот. Европските избори во мај 2019 година би можеле да внесат поголема јасност. Ако се набљудуваат дивергенциите меѓу Макрон и Орбан, се добива впечаток за тоа во кој правец оди ЕУ. Да се надеваме дека кога ќе бидат надминати актуелните проблеми, ќе има уште една шанса за напредок.

Раду Магдин е романски аналитичар и политички советник. Тој, меѓу другото, им бил совентик на романскиот премиер (2014-2015) и на молдавскиот премиер (2016-2017). Од 2007 до 2012 година работел во Брисел за Европскиот парламент, ЕурАктив и Гугл. Дел е од работната група „NATO Emerging Leaders“ на Атлантскиот совет на САД.

DW.COM