Дали Германија ќе остане Германија!? | Свет | DW | 13.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Дали Германија ќе остане Германија!?

Кој се плаши од промени? Очигледно - многумина. Ангела Меркел тоа го знае и смирува: земјата ќе остане тоа што е. Но, каква? Секако, земја во која многу промени не ги предизвикаа само бегалците, смета Фолкер Вагенер.

Постојат многу смирувачки реченици. „Сѐ ќе биде добро“ е една од нив. Таа сугерира оптимизам, безусловен, без наведување причини. „Германија ќе остане Германија“, е исто така еден седатив, кој растерува стравови и опушта. И дали навистина не почувствувавме нешто како галење кога канцеларката во Бундестагот неодамна ја изрече оваа едноставна реченица? Пораката е: оваа земја нема да се промени во толкава мера што во неа би се почувствувале како странци. Речиси без оглед и уште колку бегалци да дојдат.

Да, Германија се наоѓа во процес на промени. А овие промени кај многумина предизвикуваат страв. Но, дали земјата не се менувала отсекогаш? И тоа уште како! Последен пат во 1989 година. Какви не хорор-сценарија беа тогаш во оптек: поголемата Германија повторно ќе удри врз Велика Британија или Истокот ќе го руинира стандардот на Западна Германија. Посебно гласни во канонадите тогаш беа водечките левичари како Оскар Лафонтен или Гинтер Грас. Тие најрадо би ги изоставиле тогашните претстојни промени и би се воздржале од обединување на Германија.

Во Германија отсекогаш доаѓале доселеници

(Западна) Германија се промени и во 1960/1970-те години, кога дојдоа „гастарбајтерите“. Нив ги повикавме молејќи на колена, Италијанците, Португалците, а првенствено (муслиманските) Турци и Курди, за да работат насекаде каде Германец не можеше да се најде ни за лек. Уште тогаш доаѓањето беше временски детерминирано, поради тоа е она „гаст(гостин)“ пред именката работник (гостин-работник). За останување не стануваше воопшто збор. Но, тие останаа. Дали Републиката беше руинирана?

Wagener Volker Kommentarbild App

Фолкер Вагенер

Да не ги споменуваме ни стотиците илјади Полјаци кои пристигнаа во 19 век за во Гелзенкирхен или Херне да рмбаат во рудниците за јаглен. И тоа беше историска промена која, барем во Рурската област, целосно го промени германското општество, и тоа во позитивен смисол.

Постоеја базични, прикриени општествени промени за кои никој не зборува, зашто не се непосредно поврзани со конкретни настани или политички одлуки. На пример, интернетот во корен ја смени целокупната трговска култура во земјата и во помалите градови. Каде уште има продавници во селата? На село сега често живеат само уште старци. Но, во секое второ село постои свингер или сауна клуб, без никој притоа да се возбудува. Црквите, кои пред 50 години би извршиле мобилизација против тоа, сега ги посетува само едно малцинство, наспроти целата врева околу христијанството.

Значи, без оглед што промените се правило, се чини дека тие го предизвикуваат и најголемиот страв во денешнината. Најнепосредно тоа го чувствуваме не на политичката бина и при државните акции, туку на работното место. За делови од генерацијата 40 до 55 години, „средната генерација“, темпото на постојаното „оптимирање“ во канцелариите и производството е застрашувачко. Тоа не само што предизвикува лошо расположение, туку и болест.

Црвената нишка во нашиот живот

Перманентните новини станаа одамна црвена нишка во нашиот живот. За секој поединец, за секое претпријатие, за општините, за христијанските цркви, за државата. Пристигнувањето на бегалците ги поттикнува овие основни стравови на дифузен начин. Чувството да се биде странец во сопствената земја меѓутоа нема врска со дојденците. Оваа неудобност е постара и сега се засилува, зашто делови од нашето општество мислат дека пронашле свој непријател.

Но, тоа е само моментна секвенца. Всушност, промените во Германија од летото 2015 година се генерациска, а не задача за еден легислатурен период. Ако Ангела Меркел со својата реченица „Германија останува Германија“ мислеше токму на тоа дека ние Германците отсекогаш сме доживувале промени и сме ги совладувале, тогаш се согласувам со неа- во земјата продолжува динамиката, а застојот, статус-квото е најчесто штетно.

DW.COM

Реклама