Давос: Меркел предупредува од нов национализам | Свет | DW | 24.01.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Давос: Меркел предупредува од нов национализам

Германската канцеларка Ангела Меркел во Давос пледираше за потесна соработка на ЕУ-државите во надворешната политика, а се изјасни против национален егоизам и популизам.

Без оглед на бавниот процес на формирање нова влада во Берлин, Германија и натаму силно ќе придонесува во разрешување на конфликтите во светот, истакна денеска германската канцеларка Ангела Меркел во обраќањето на  Светскиот економски форум во Давос.

„Веруваме дека изолацијата никаде нема да нѐ одведе. Уверени сме дека треба да соработуваме, дека протекционизмот не е вистинскиот одговор на светските проблеми“, рече Меркел, дополнувајќи - ако некој се сомнева во неправедно одвивање на работите, треба да се сврти кон барање мултилатерални, а не унилатерални решенија, кои поттикнуваат  протекционизам и изолирање.  И во Германија се присутни тешкотии и поларизација каква немало со децении, производ на веќе надминатата еврокриза и миграцијата од претходните години, призна канцеларката. Но, националниот егоизам, популизмот и поларизирачката атмосфера во многу држави можеби се предизвикани и од загриженоста на луѓето и нивните дилеми „дали мултилатералната кооперација вистински е во состојба да доведе до праведно решавање на проблемите на луѓето“.

Меркел инсистира на потесна соработка помеѓу ЕУ-државите во областа на надворешната политика. „Мораме да ја земеме својата судбина во сопствени раце, европската надворешна политика сѐ уште не е развиена во доволен степен“, рече таа, иако е тоа нужно, со оглед што „глобалните конфликти се наоѓаат пред нашите врати“. Како позитивен чекор Меркел го смета договорот за заедничка европска одбранбена политика.

 

DW.COM

Реклама