Г7 - Шест против еден | Свет | DW | 27.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Г7 - Шест против еден

Големите индустриски земји не можеа да ги надминат разликите со САД околу заштитата на климата. Г7 помина во знакот на длабока поделба. Критики кон членките на Г7 и за недоволен ангажман во бегалската криза.

Ретко на некој самит на Г7 имало толку кавги колку овојпат во Таормина, на Сицилија. САД  беа целосно изолирани во поглед на ставот за заштитата на климата. САД не се изјаснуваат децидно во прилог на Парискиот договор за климатските промени, постигнат во 2015 година, кој предвидува намалување на затоплувањето на Земјата, односно сведување под границата од два степени во однос на прединдустриската ера. Тој најави дека околу него одлуката ќе ја донесе следната недела.  Трамп смета дека Парискиот договор е спротивен на интересите на американската економија. 

 Останатите држави од групата на Г7, седумтте индустриски најразвиени земји, ја потврдија својата определба за реализирање на обврската за намалување на емисијата на штетни гасови во атмосферата. Преговарачите на експертско ниво до доцна ноќеска и денеска претпладнево се трудеа да ги премостат разликите. Приближувања се постигнати во врска со слободната трговија, уште една тема која ја блокираше американскиот претседател Доналд Трамп.

G7 Gipfeltreffen in Taormina Italien (Reuters/A. Bianchi)

Дијалог со Африка на Г7

Лидерите од Г7 денеска  на денешниот втор ден од дводневниот самит водеа заеднички преговори и со претставници од Етиопија, Кенија, Нигер, Нигерија, Тунис и Гвинеја, со цел надминување на бегалската криза и гладот кој владее во Африка. 

Хуманитарните организации апелираа до Г7 за издвојување финансиски средства од 6,9 милијарди долари , согласно барањето на ОН, во актуелната борба против гладот. Досега од овие ветени средства се обезбедени само 30 проценти. Активистите ги критикуваат членките на Г7 и за недоволен ангажман во бегалската криза.

„Вистински скандал е што лидерите од Г7 стигнаа овде во Сицилија, директно на морето во кое само од почетокот на годинава се удавија преку 1400 бегалци, без да преземат нешто сериозно“, истакна Едмунд Кеирнс од Оксфам. Тој инсистираше и на обезбедување сигурни патишта за доселениците, а „најголемо разочарување на самитот е што поради отпорот од САД, пропадна усвојувањето на планот кој го подготви Италија, а кој предвидуваше регулирање на односот кон бегалците“. Домаќинот сакаше да го потсети светот дека бегалците носат и предности за земјите кои ги прифаќаат.

Под влијание на впечатокот од самоубиствениот терористички напад во Манчестер, Г7 вчера усвои заедничко соопштение за борба против тероризмот, со барање до интернет-концерните да спроведуваат поригорозни мерки против екстремистичките содржини на интернет.

 

 

 

DW.COM

Реклама