Г7 како етапна победа на Макрон | Свет | DW | 26.08.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Г7 како етапна победа на Макрон

На самитот на Г7, Макрон се покажа како дипломатски мајстор и го изманеврира Доналд Трамп во однос на политиката кон Иран. Со тоа Макрон презеде надворешнополитичката лидерска улога во Европа, смета Барбара Везел.

Францускиот претседател инвестираше огромна подготовка и политички капитал за самитот на државите од Групата 7 да не заврши како дебакл и тотално промашување. Тој покани дополнителни гости и на дневниот ред постави дополнителни теми, со цел да го раздвижи вкочанетиот формат. Во прва линија меѓутоа тој не сакаше самиот да излезе како целосен губитник. Со одредени напори, намерата му успеа.

Храбар шаховски потег во иранската политика

На Емануел Макрон вистински му успеа да го изманеврира американскиот претседател во неговата тврдоглава и контрирачка политика во однос на Иран. А тоа не е мал успех, зашто Доналд Трамп во Бијариц повторно се покажа во светлината на злонамерен гостин, кој наоѓа задоволство во тоа да ги збунува новинарите и набљудувачите, на пример во делот на трговската политика. Додека, од друга страна, тој се жали на медиумите кои известуваа за тензиите на самитот. Секој натамошен збор околу неодговорноста и искривувањата од страна на Трамп е излишен, тој се однесува како и секогаш. 

Но, францускиот претседател го покани иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф како ненадеен гостин и со тоа поведе дипломатска иницијатива на маргините на самитот. Притоа, тоа го направи директно пред носот на Доналд Трамп. Американскиот претседател реагираше налутено и истакна дека тврдата линија на САД е единствено исправната стратегија. Но, Макрон не дозволи да биде заплашуван и лично се сретна со Зариф за да открие дали постои воопшто дипломатски маневарски простор за наоѓање некакво решение.

Околу тоа не треба да се негуваат големи надежи, но во ситуација во која во заднина се заканува воен конфликт, секој обид за доаѓање до мировно решение е добредојден. Тоа посебно важи за европските потписници на атомскиот договор, кого американскиот претседател лани еднострано го откажа.

Стап и морков кај популистите

И во врска со пожарите во областите на Амазон во Бразил, Макрон направи вистински потег. Тој прво му се закани на бразилскиот претседател Жаир Болсонаро со нератификување на трговскиот договор меѓу ЕУ и Меркосур, доколку не стави крај на намерното потпалување пожари во сопствената земја и уништувањето на „белите дробови“ на Земјата. Потоа, на самитот тој ги придоби останатите учесници да му ветат на Бразил и на соседните земји практична помош во гаснењето на огнот и во пошумувањето подоцна.

Barbara Wesel Studio Brüssel (DW/G. Matthes)

Барбара Везел

Францускиот претседател покажа дека поседува вистински методи во однесувањето со популистите и антидемократите. Тој разговара со сите, но покажува цврстина. А Болсонаро пак покажа дека принципот стап и морков функционира, зашто попушти и ја испрати војската да ги гасне пожарите. Но, за Бразилецот навистина да биде поттикнат на одговорна еколошка политика, ќе биде нужен уште голем притисок. Во тоа улога треба да играат ЕУ, еколошките сојузи и на крајот потрошувачите, доколку дојде до бојкот на бразилски производи.

САД беа гневни што Макрон воопшто ја постави темата клима и пожарите во Амазонија на дневниот ред на самитот на седумте најразвиени индустриски држави во светот. Американците се чувствуваа притеснети во ќош, велат дипломати. Владата во Вашингтон уште еднаш ја покажа својата целосна неодговорност во областа на климатската политика, како и фактот што во тој поглед мора постојано да биде присилувана на одредени чекори од страна на останатите членки на Г7.

Новата лидерска фигура во Европа се вика Макрон

Францускиот претседател докажа дека го владее политичкиот занает и сака да се воздигне во водечка фигура во Европа. Многубројни важни иницијативи, од дигитализацијата па до климатската политика, доаѓаат од Париз. Германија, напротив, зазема сѐ полоша улога. Се чини дека политичкиот самрак во Берлин ги има парализирано и искуството и водечката амбиција на канцеларката Ангела Меркел.

Нејзината слабост доведува до промена на кормилото на ЕУ. Уште при изборот на нов претседател на Европската комисија, Макрон беше тој што ги влечеше конците. Тој е на пат да стане новиот моќен човек на Европа. Но, мора да внимава да не го загуби тлото под нозете. Во секој случај, по овој мачен самит на Г7, постои чувство дека Макрон води со цврсти раце.

DW.COM

Реклама