Г20: Кавгаџиски настроениот Трамп доминира на самитот | Свет | DW | 28.06.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Г20: Кавгаџиски настроениот Трамп доминира на самитот

Средбата на најголемите индустриски држави и земји во забрзан подем започна. Многу спорни теми висат во воздухот, а пред сѐ САД се настроени за кавга. ЕУ сака ред и „фер поредок“ во светот.

Сообраќајот во милионскиот град Осака си тече и покрај тоа што еден од најважните автопати е затворен. Тој е резервиран за конвојот со возила на Г20-земјите и на 10 гостински делегации, кои се движат од аеродромот и луксузните хотели до местото каде што се одржува самитот - на саемот во близина на пристаништето. Вкупно 30.000 полијаци се ангажирани за безбедноста на гостите и регулирање на сообраќајот. Протести и демонстрации не се очекуват. Во Јапонија сѐ е организирано совршено. Во подземната железница има залепено плакати со опомена за внимателно однесување и дисциплина. Полицијата и безбедносните служби носат бели ракавици и ве поздравуваат со наклон, сосем пријателски. За разлика од ова, сосем е друга сликата од претходните средби на Г20 од Буенос Аирес во 2018-та или Хамбург во 2017-та, кога дојде до големи демонстрации и судири.

Жителите на Осака бариерите и пренасочувањата на сообраќајот ги прифаќаат сосем нормално, дури со насмевка, а вистинскиот допир со самитот им е само она што го гледаат на телевизија. За Реина Номура самитот има само една мана. „Многубројните гласни полициски сирени му пречат на моето бебе додека спие“, се жали оваа млада мајка, но додава: „Инаку, мислам дека е многу добро тоа што самитот се одржува овде. Тоа е одлично за градот.“ Исто мислење има и Такаши Хатанака. Тој работи во еден хотел во кој се сместени учесници на самитот на Г20. „Гостите се добредојдени. Јапонија вака може да покаже дека е способна да преземе голема одговорност за светот“, вели Хатанака. Затворените улици не му пречат. „Јас секако се возам со велосипед“, вели Хатанака.

Трамп ги кочи надежите

Еден од првите гости кои утринава се појавија во конференцискиот центар беше американскиот претседател Доналд Трам, кој си го донесе и семејството на терминот за фотографирање со јапонскиот домаќин Шинзо Абе. Јапонскиот премиер срдечно се поздрави со ќерката на Трамп, Иванка и со нејзиниот сопруг Џеред Кушнер, кој му е советник на Трамп за Блискиот Исток – иако протоколот нема сознанија зошто тие двајца се најдоа на црвениот тепих. Ниту еден друг претседател на држава или влада не си донесе роднини или советници на пречекот.

Japan G20 Gipfel Osaka (Reuters/K. Lamarque)

Иванка Трамп, Доналд Трамп, Шинзо Абе и Џеред Кушнер (од л. кон д.)

Трамп во Јапонија веќе се погрижи за вознемирување, бидејќи најави дека може да го олабави или да истапи од одбрамбениот пакет со сојузниците, доколку Јапонија се воздржи од плаќање или не ги намали царините за американската стока. Ова е само еден од многуте напади на Трамп кои стасаа уште пред вистински да започне средбата на најголемите 20 индустриски земји. Германската канцеларка Ангеа Меркел рано утринава веќе оствари куса средба со американскиот претседател. Тој инсистира Германија да ги зголеми трошоците за одбрана, и ја критикуваше Меркел дека со новиот гасовод Северен тек 2 станува сѐ позависна од Русија. Но, очигледно најголем дел од разговорот Трамп го посветил на американската изборна кампања и опозициските демократи.

Американскиот трговски конфликт со Кина

Кулминација ќе биде средбата меѓу Трамп и кинескиот претседател Ши Џинпинг, закажана за сабота. Претставници на американските власти не очекуваат дека двајцата претседатели ќе успеат да го решат трговскиот конфликт меѓу двете нации кој доведе до огромни обострани казнени царини. Би можело да биде договорено „примирје“ за да се овозможат натамошни преговори, се вели во кинеските печатени медиуми. Трамп на Кина ѝ се заканува со дополнителни 10 проценти на продукти во вредност од 300 милијарди долари. Досегашниот увоз на продукти во вредност од 200 милијарди долари веќе беа оцаринети со 25 проценти казнени царини. Кина презема соодветни противмерки.

Трамп има конфликт и со Индија. Тој смета дека царините кои Индија ги наплаќа за увоз на американски производи се неприфатливи. За тоа сакал да разговара со индискиот премиер Нарендра Моди. Сепак, САД први воведоа такви царини за индиските производи, а Индија само реагираше на тоа.

Japan G20 Gipfel Osaka (Reuters/K. Lamarque)

Доналд Трамп и Ангела Меркел на билатерална средба на маргините на самитот

ЕУ и натаму се залага за слободна трговија

Бројните трговски конфликти, но пред сѐ со Кина, сега веќе ѝ штетат на светската економија, забележуваат од ЕУ, која исто така е член на Г-20. Претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер предупреди дека можен договор меѓу САД и Кина не смее да ја изостави Европа. „И ние треба да бидеме земени предвид“, вели Јункер.

ЕУ е центар за светската трговија. Има склучено договор за слободна трговија со преку 70 земји, неодамна и со Канада и домаќинот на самитот Јапонија. Во недела треба да биде потпишан договор и со Виетнам, што пак наиде на критика од американските власти. Во Брисел паралелно се преговара за договор со јужноамериканските земји кои се споени во Меркосур-групата. Напредок во долгогодишните преговори за време на одржувањето на самитот на Г-20 би испратило силна порака во Осака, сметаат неименувани ЕУ дипломати.

Според информации на ЕУ, воопшто не е предвиден разговор со Трамп за заканите дека ќе воведе царини за увоз на европски возила. Преговорите се тегнат околу една година. САД веќе воведе царини за европски челик.

И овој самит на Г-20 во Осака, за жал, повторно ќе помине во знакот на трговските конфликти кои ги иницираше Трамп. „Ниту еден самит на Г-20 не е налик на друг, но откако Трамп е претседател всушност се сѐ послични еден на друг", беше одговорот на Јункер на прашањето дали во Осака ќе го доживееме следното шоу на Трамп. „Ни треба фер светски поредок", изјави претседателот на Советот на Европа, Туск, за време на неговата прес-конференција, алудирајќи на САД и други националистички влади како во Бразил, Русија или Кина. „Светската сцена не е арена за најсилните и националистите."

Japan G20-Treffen Finanzminister in Fukuoka (picture-alliance/AP Photo/E. Hoshiko)

И овој самит на Г-20 ќе помине во знакот на трговските конфликти кои ги иницираше Трамп

Франција повлече црвена линија на тема климатска политика

Покрај трговијата, пред сѐ климатската политика е главната тема за дебата во Осака. САД, во соработка со Бразил, се обидуваат во заедничкиот заклучок да вметнат што е можно помеки и помалку обврзувачки формулации.

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, во пресрет на самитот невообичаено остро ги повлече своите црвени линии. Пред француски граѓани во Осака изјави дека нема да потпише заклучок на Г-20 кој би бил помек од заклучокот од последниот самит и кој не го потврдува Парискиот договор за заштита на климата. „Франција нема да учествува во тоа“, се закани Макрон. Американскиот претседател Трамп се повлече од Парискиот климатски договор, бидејќи ги загрозувал американските економски интереси.

Претседателот на Бразил, популистот Жаир Болсонаро исто така не сака да преземе обврски за заштита на климата. Тој ги отфрли критиките од канцеларката Меркел дека Бразил со сеча премногу ги оптоварува прашумите и на тој начин ѝ нанесува штета на светската клима. Германија да си се грижи за својата струја добиена од јаглен и за емисиите на јаглероден диоксид, ѝ возврати Болсонаро. Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер пак најави дека ЕУ, и покрај интерните дискусии, останува на зацртаната цел - до 2050 да стане неутрална економија од аспект на емисии на јаглероден диоксид. „ЕУ ќе остане лидер на тоа поле.“

Дали преговарачите ќе успеат да формулираат заеднички заклучок, засега е неизвесно. Ним им претстои долга ноќ на преговори.

Japan G20 Gipfel Osaka (DW/B. Riegert)

Јункер: ЕУ останува на зацртаната цел - до 2050 да стане неутрална економија од аспект на емисии на јаглероден диоксид

Нема да се разговара за претседател на ЕК

Присутните претставници на ЕУ на маргините на самитот на Г-20 нема да донесат одлука за пополнување на врвните функции во Унијата. „Нема да има бел чад во Осака", изјави претседателот на Советот на Европа, Доналд Туск алудирајќи на процедурата за избор на папа. Пред сѝ се бара персонално решение за претседател на Европската комисија. Досега Европскиот парламент и владите на земјите членки се блокираат меѓусебно. Ден по самитот на Г-20 во Осака премиерите и претседатели на земјите членки повторно ќе се состанат во Брисел. „Сите ќе имаме џетлег“, се шегува дипломат на ЕУ заради враќањето низ седум временски зони.

Реклама