Губитници се повторно Курдите | Свет | DW | 09.10.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Губитници се повторно Курдите

Со повлекувањето од северна Сирија, САД ги оставаат на цедило своите најверни сојузници во борбата против ИД. Тоа за идната безбедносна состојба во Европа би можело да биде голем проблем, оценува Матијас фон Хајн.

Syrien Qamischli SDF Truppen (Getty Images/AFP/D. Souleiman)

Борците на курдската ИПГ досега беа рбет на „Сириските демократски сили“

„Нема други пријатели освен планините.“ Последните информации од Вашингтон се чини ја потврдуваат оваа стара курдска поговорка. САД најавија дека нема да му стојат на пат на турското влегување на териториите во северна Сирија кои се под контрола на Курдите. Со тоа САД гѝ и испорачуваат своите најблиски сојузници во борбата против исламска држава на надмоќта на Ердогановата воена машинерија.

Во борбата против Исламска држава во изминатите години животот го загубија над 10.000 курдски борци. Курдските милиции го сочинуваат рбетот на СДФ - „Сириски демократски сили“ - кои имаа лавовски удел во борбата против ИД на копно. Сега е јасно: Надежите на Курдите дека со тоа заслужиле заштита од страна на САД од турски напади се изневерени.

Да се добие простор за сириските бегалци

Турскиот претседател одамна има фрлено око на северна Сирија. Ердоган на Генералното собрание на ОН ги претстави своите планови за „безбедносна зона“ во должина од 30 километри јужно од турската граница. Со оглед на тоа што границата е долга околу 500 километри, тоа значи дека зоната би имала големина колку германската покраина Шлезвиг Холштајн.

DW Kommentarbild Matthias von Hein

Матијас фон Хајн

Во Сирија, која е уништена од војната, териториите под контрола на Курдите досега беа оаза на стабилност. Со воената операција на Турција тоа ќе се промени. Какви последици има од труските инвазии во Сирија можеше да се види на почетокот на 2018 година, при освојувањето на Африн, цинично наречено „Операција маслиново гранче“. Таму турската армија влезе заедно со џихадистичките милиции. Според наводи на ОН, тогаш од Африн и околината избегаа речиси 140.000 луѓе. Сириската опсерваторија за човекови права има уште поголеми бројки и зборува за 350.000 протерани. Организациите за човекови права се жалеа на систематско уништување на основите за живот. Курдските куќи беа ограбувани и беа населувани сириски Арапи.

Ердоган и сега има слични планови - и тоа не го крие. Тој сака да создаде место за повеќе од три милиони сириски бегалци кои веќе не се добредојдени во Турција. Тоа во крајна линија значи дека Ердоган планира етничко чистење и преселба долж сириско-турската граница.

Кој се грижи за остатоците од ИД?

При сето ова не смее да се заборави: борбата против ИД ни оддалеку не е завршена. ИД ги загуби своите територии на почетокот на годинава, но нејзините борци и натаму се кријат во Сирија. И, во главите на околу 12.000 заробени ИД-борци, кои се под надзор на Курдите во северна Сирија, сѐ уште има ИД-идеологија. Ја има и во главите на околу 70.000 приврзаници на ИД избегани во северносириските кампови. Ако турската армија продре, Курдите ќе мора да се грижат за други работи, не за наследството во луѓе што го остави терористичкиот калифат. Американскиот претседател Трамп во тој дел го обврза Ердоган и Турција би требало да е одговорна за заробените ИД-борци и приврзаници, но, со турската офанзива, светот нема да стане посигурен.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама