1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчките државни службеници ги губат привилегиите

Јанис Пападимитриу/Б. Георгиевски3 мај 2013

Долго време се расправаше на таа тема, но политичките партии во Грција конечно се согласија, до крајот на 2014. година ќе бидат отпуштени 15 илјади државни службеници.

https://p.dw.com/p/18R7n
Фотографија: AFP/Getty Images

Од 1911 година мандатот на државните службеници беше гарантиран со Уставот - и за тоа постоеше добра причина: дотогаш тие беа беспомошни жртви на партиските интереси и честопати новите влади ги отпуштаа државните службеници за на нивно место да вработат свои партиски членови за да им обезбедат сигурна работа.

Но во последниве децении, се чини се дојде до друга крајност: дури и при сторени тешки прекршоци беше невозможно да се отпушти државен службеник. До какви апсурдни ситуации се доаѓаше, може да се види од извештајот на атинскиот весник Етнос за полицаецот Епаминдонас Корконеас, кој на демонстрациите во Атина застрела едно 15-годишно момче во 2008 година и беше осуден на казна доживотен затвор. Иако тој седи во затвор се уште добива 30 отсто од неговата плата. Тој притоа не е изолиран случај.

Во последниот период се откриваат се’ повеќе слични случаи. Двајца советници кои го убија градоначалникот на северниот грчки град Пагајон, денес во затвор се уште добиваат половина од својата плата. Или поранешниот финансиски директор на градот Солун, кој добива 25 отсто од својата плата, иако се наоѓа на издржување затворска казна за проневера.

Griechenland Dimitris Tsiodras Experte
Димитрис ЦиодрасФотографија: DW/J. Papadimitriou

Крај на недопирливоста

На ваквата пракса сега ќе и се стави крај, ветува трипартитната коалиција на власт, предводена од премиерот Андонис Самарас. Околу 1.500 државни службеници кои сториле кривично дело веднаш ќе останат без работа. Дополнителни 13.500 службеници ќе бидат отпуштени до крајот на 2014 година. Но дополнителни дилеми отвори одлуката на министерството за внатрешни работи од каде се најавува дека ќе бидат вработени нови, точно 15 илјади службеници.

Политичкиот аналитичари и поранешен владин портпарол Димитрис Циодрас го објаснува потегот. „Отпуштањето на службениците не е мерка за штедење, туку прв чекор кон реформа и подобрување на работата на јавната служба. Не се работи за тоа преку отпуштање на 15 илјади службеници да се заштедат 300 милиони евра, туку пред се’, неквалификуваните службеници да се заменат со млади и способни. Проблемот во државната администрација не е нејзиниот број, туку фактот што голем број службеници работата не ја добиле врз основа на своите квалитети и професионалност, туку благодарение на партиските врски“, вели Циодрас.

До пред неколку години во Грција не се знаеше колку луѓе вработува државата. Дури летото 2010. година тогашниот министер за финансии, Јоргос Папаконстантину нареди да се регистрираат сите државни службеници, и се дојде до бројката од 768 илјади, не сметајќи ги вработените во општините. Во меѓувреме, бројот на грчките државни службеници под притисок на меѓународната Тројка се намали на 644 илјади.

Квалитет наместо квантитет

За Димитрис Циодрас оваа бројка не е алармантно висока, како што вообичаено се тврди, бидејќи таа сепак одговара на просекот на земјите на ОЕЦД. Но сега клучниот чекор е да се создаде ефикасна администрација која ќе ја води Грција на патеката на растот.

Griechenland Maria Psara Journalistin
Марија ПсараФотографија: DW/J. Papadimitriou

Дали генерациските промени ќе донесат пресврт во јавниот сектор останува да се види. Новинарката Марија Псара од весникот Етнос, која го откри целиот скандал е скептична.

„Легитимно е службениците кои го прекршиле законот да се соочат со последици. Но, мора да бидеме внимателни да не отидеме во друга крајност. Може да се случи невини луѓе да бидат вклучени во дисциплински постапки врз основа на лажни обвинувања и ќе им требаат долги години за да се одбранат и да си ја вратат својата репутација“.

Од гледна точка на меѓународната Тројката, времето тече: одлуката за отпуштање на 15 илјади службеници до крајот на 2014 година е услов за исплата на следната транша од помошта во висина од 8,8 милијарди евра.