Грчкиот парламент го отвори патот за Северна Македонија | Северна Македонија | DW | 09.02.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Грчкиот парламент го отвори патот за Северна Македонија

Медиумите на германски јазик известуваат за ратификацијата на Протоколот за приклучување на Македонија кон НАТО и оценуваат дека се зголемени шансите за долгорочна стабилизација на регионот.

„Зиддојче цајтунг“ потсетува дека „Грција е првата земја која го ратификувала Протоколот за приклучување кон НАТО на идната Република Северна Македонија. 153 пратенции гласаа 'за', 140 парламентарци беа 'против'.“

Весникот „Ханделсблат“ известува за гласањето во грчкиот парламент и ратификацијата на Протоколот, и додава дека „Скопје сега мора и формално да ја спроведе промената на името“. Притоа го цитира портпаролот на македонската влада Миле Бошњаковски дека „Скопје за промената на името 'во наредните денови' ќе ги извести Обединетите нации, земјите членки и меѓународните организации“. Весникот ги пренесува и зборовите на грчкиот премиер Алексис Ципрас пред синоќешното гласање во Атина:

„'Сакам да ѝ посакам уште еднаш добредојде на Северна Македонија, земја која е мирољубива кон Грција, земја која е подржувач, а не противник на нашите напори за безбедност, стабилност и соработка во регионот', рече грчкиот премиер Алексис Ципрас пред гласањето. 'Недвосмислено во грчки интерес е да се поттикнува европскиот курс на сите соседи, не само на Северна Македонија, а не влијанието на трети сили во соседството кои имаат други намери.'“ 

„Ноје цирхер цајтунг“ потсетува дека Протоколот мора да го ратификуваат уште 28 членки на НАТО:

„Притоа, како што се виде при последното проширување, кога американскиот Сенат два месеца го блокираше процесот на прием на Црна Гора, одлагања не се исклучени. Сепак, проширувањето на најмоќниот воен сојуз на светот со Северна Македонија, која треба да стане 30. членка, се смета за завршена работа. Со тоа, освен Косово, каде има присуство на НАТО, како и Босна и Херцеговина и Србија, сите други држави од југоисточна Европа се интегрирани во северноатлантската безбедносна архитектура. Тоа ги зголемува шансите за долгорочна стабилизација на регионот, кој традиционално важи за буре барут во Европа.“

DW.COM

Реклама