Грчка тактика, француска стратегија | Северна Македонија | DW | 28.11.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Грчка тактика, француска стратегија

Дали ЕУ е свесна дека дел од најконтроверзните барања на Франција во врска со новата методологија на преговори се веќе прифатени и во процес на имплементација од страна на Македонија (директно) и Албанија (индиректно)?

Среде сите неповолни вести од Брисел, утешно прозвучи најавата на новата претседателка на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, дека новите правила за процесот на преговори за членство во ЕУ не треба да се однесуваат на Македонија и Албанија. Тоа е добрата вест. Она што е помалку добро во таа најава е дилемата дали и самата ЕУ е сосема свесна дека дел од најконтроверзните барања на Франција во врска со новата методологија на преговори се веќе прифатени и во процес на имплементација од страна на Македонија (директно) и Албанија (индиректно). Зборот ми е за новиот момент на реверизбилност во преговорите, на кој инсистира Макрон, а во нашиот случај се должи на асиметричноста диктирана во процесот на преговарање и склучување на Преспанскиот договор. 

Во основата на таа асиметричност се крие дистинкцијата помеѓу пристапот диктиран според правилата на меѓународните односи од страна на Грција и пристапот заснован врз меѓународната политика од страна на Македонија. Во пристапот на Грција се отсликува почитта кон домашните државни, административни и демократски институции како легитимни и легални национални инструменти кои го легитимираат и легализираат грчкиот пристап во рамките на меѓународните односи базирани врз меѓународно право. Составен дел на тој легален и легитимен пристап е и определбата на грчката опозиција која немала потреба – иако имала можност – да ги пренесува на меѓународна сцена сопствените забелешки или спротивставувања, туку се има придржувано кон принципите на автономна одлука во рамите на државната политика.

Грчкиот, францускиот и бугарскиот пристап

Пристапот на Македонија, базиран врз меѓународната политика, е прецизен одраз на внатрешната политичка динамика диктиран од ампутацијата на опозицијата и Собранието во процесот на преговори и склучување на договорот. Но она што се изумува во тековниот аргументариум на опозицијата (ВМРО-ДПМНЕ) е фактот што токму тие го имаат поставено темелот на пристапот базиран врз меѓународна политика преку инсистирањето на владата на Никола Груевски за организирање референдум. Вреди да се напомене дека овој кусоглед пристап беше импониран од страна на Груевски, ставајќи ги сопствените наследници во непријатната ситуација да ги жнеат како последиците од кусогледоста на нивнот екс-лидер, така и екскомуникацијата од процесот на преговори од страна на владата на Заев. Зачудува, затоа, неспремноста на новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ критички и аналитички да ја согледа севкупната улога и пристап на Груевски во пристапот кон спорот и Референдумот. Посебно од аспект на тоа што целосното исклучување на опозицијата од процесот на преговори следеше по смената на Груевски од лидерската позиција во ВМРО-ДПМНЕ.

Разјаснувањето на финесите во дистинкцијата помеѓу грчкиот пристап на меѓународни односи (втемелени врз институционализам и национален интерес) и македонскиот пристап на меѓународна политика (диктирана од непостојаност и парцијални внатрешнополитички интереси) е предуслов за разбирање на клучниот, превиден момент поврзан како со Преспанскиот Договор, така и со нашиот процес на преговори со ЕУ. Имено, самиот Преспански конструкт на условно-последично третирање на елементите на разрешување на спорот in continuum во себе го содржи дискретно вметнатиот ембрион на реверзибилност во процесот на целосно разрешување на спорните точки со Грција во тек на преговорите со ЕУ. Ембрион на реверзибилност кој, како што ќе посведочиме подоцна, ќе стане клучен инструмент во рамките на француската стратегија за понатамошното проширување на ЕУ со земјите од Западниот Балкан.

Таа мала, да ја наречеме, сличност во меѓународно правниот пристап на Грција и во новата визија на Макрон за иднината на регионот неминовно ја наметнува дилемата дали станува збор само за чиста и заемно независна коинциденција во прифаќањето на реверзибилноста како полит-правна интерпретација на кондиционалното „или” во односот помеѓу морковот и стапот. Легитимно е прашањето кој прв се сетил на вклучувањето на таквиот нов, кондиционален моментум во грчкиот и францускиот пристап? За разлика од бугарскиот, кој (иако пост-фестум ламентиран од министерката Захариева) не е таксативно вклучен во Софискиот договор. Дали Атина во нејзиниот пристап била сосема независна, или пак дискретно потсетена од Париз да обезбеди билатерален преседан за подоцнежен мултилатерална експлоатација? Или пак Париз бил љубопитно изненаден и воодушевен од инвентивноста на дипломатите од Атина? Доколку Париз бил сам во таа, да ја наречеме темпирана интервенција, се поставува прашање дали Вашингтон, Брисел и Берлин влетале во играта како боси во трње, несвесни за последиците кои можат да уследат ширум регионот? Доколку не, таквиот превид е ништо повеќе од уште еден доказ за последиците на површноста на наведените центри за разбирање на духот на византиството во регионалните односи.

Други колумни од авторот:

Еден друг Ричард

За диктатурата на конструктивноста и новата Дејтонска Европа

Реверзибилност и неразделивост

Дел од таа византиска духовност на тековниот ЕУ-САД пристап е елегантно вметната клаузула за реверзибилноста и нејзините последици по меѓусоседските односи и оние со ЕУ. Доколку во оваа година формулата за разрешнца се бараше во раздвојувањето на Македонија од Албанија поради дневнополитичките состојби во двете земји, сосема е можно во блиска иднина токму реверзибилноста да ја стави Албанија во подредена состојба на зависност од исполнувањето на сите услови од Преспанскиот договор од страна на Македонија. Кажано поинаку, кој било застој или пречка во имплементирањето на Преспанскиот договор ќе биде проблематично подеднакво и за нас и за Албанија, за која ќе важи сегашниот принцип на неразделивост – но во обратна насока.

Во врска со тоа, упатно е да се потсетиме дека единствениот домашен политички фактор кој инсистираше на институционална легитимација на Преспанскиот договор преку парламентарно, а не референдумско, изјаснување и усвојување беше ДУИ. Настрана можноста дека Ахмети однапред знаел оти „нема да ја биде со Референдум”, се поставува прашање - дали упорноста на ДУИ во инсистирање на парламентарна разрешница се базира и врз други сознанија за последиците од прелевањето на полуиспечениот договор врз внатрешните и регионални односи? Мотивот за таквите размисли лежи во уште еден превиден детал од минатата година, т.е. неуспешните преговори помеѓу Албанија и Грција кои се одвиваа паралелно со нашите успешни преговори со Атина. Таа асиметрија помеѓу успешноста и неуспешноста во триаголникот Скопје-Тирана-Атина не се одрази во ставот на Париз и Берлин, кои во нашата успешност не согледаа доволно голем мотив за разделување од Албанија. Или пак, во обратна насока, неуспешноста на преговорите Тирана-Атина не беа пречка за нејзино израмнување во однос на преговорите во очите на наведените центри. Што во секој случај е индиректна назнака дека прицнипот на внатрешни реформи е побитен од билатералните успеси и прифатен не само од Париз.

Во секој случај, не навлегувајќи во татковството на идејата, протнатиот принцип на реверзибилност е инструмент кој ја цементира поставеноста на Атина во регионот – со директен импакт врз нас, и не помалку чувствителен одраз врз Албанија и пошироко. Логиката на фаворизирање на меѓународнополитички пристап од страна на владите во Скопје и Тирана е диктиран од урнисувањето на домашните државни и демократски институции како национални гаранти во меѓународните односи. Дневнополитичките јавни кавги и заткулисни помирувања помеѓу Заев и Мицковски, или Рама и Баша, не се никаква гаранција за заздравување на националните институции, туку напротив, сведоштво in vivo за доминацијата на политички менливниот дневен интерес во домашната и надворешната политика.  

Времето е пари

Доколку сме согласни дека Атина го има стеснето до ѕид просторот за делување на нашата двотактна надворешна политика, се чини дека Софија полека ја презема улогата на алатка за дестилација на нашата внатрешна политика. Барањето на Владата на Бугарија за „започнување на процес на лустрација на соработниците од денешна Република Северна Македонија на службите за безбедност на бивша Југославија” е доволно индикативна за таква улога, подвлечена од фактот што доаѓа од земја членка на НАТО. Сериозноста на новиот пристап на Софија е дополнително засилен од тековната разузнавачко-дипломатска пресметка помеѓу Софија и Белград врз наш грб и далеку од нашите домашни, замолкнати институции и јавност. Барањата на Софија за лустрација кај нас, во чекор со домашните инсистирања за потребата од темелен ветинг, треба да се согледаат и низ димензијата на интер-оперибилност на НАТО и ЕУ. Засега барем, судејќи според поведенијата на кабинетот Заев, сѐ уште нема назнаки за посериозен отклон од некои чудни претставителни логики на претходната власт во однос кон седиштето на НАТО. Со што токму официјално Скопје го нуди клучниот, гранитен аргумент во полза на реверзибилноста во процесот на преговори со ЕУ, посебно од аспект на безбедносната соработка.  

Балканот и Европа во овој час се поклопуваат во потребата за сезонски штиклиран оптимизам и верба дека новата Евро-Комисија ќе најде начин да ги надмине последиците на визиите на Јункер за 2025 година и „успешно спроведените реформи” на Могерини и Хан. Засилената интроспективност на Унијата (персонифицирана во факторот Макрон) и паничната екстровертност на регионот (отсликана низ Балкански Шенгени) не даваат причина за претеран оптимизам за заемно задоволителен компромис во догледно време. Но, времето е пари. А ние веќе немаме ни време, ни пари.    

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама