Грција пред договор - и раскол во Сириза | Свет | DW | 11.08.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Грција пред договор - и раскол во Сириза

Неделава е можен договор за новата помош за Грција. Но, моќното лево крило во владеачката партија Сириза се заканува со отцепување и најавува враќање на драхмата.

Во Атина веќе втора недела грчката влада преговара со меѓународните кредитори за условите за натамошна финансиска помош. Преговарачката рунда во неделата траеше повеќе од 12 часа. Во основни црти новиот пакет помош би можел да биде договорен веќе денеска и до четврток да биде одобрен од грчкиот парламент. Во таков случај в петок министрите за финансии од еврозоната би можеле да дадт зелено светло за новата помош. Времето притиска: на 20. август достасува рата од 3,2 милијарди евра што Грција треба да и’ ги врати на Европската централна банка (ЕЦБ). На Атина и’ се итно потребни пари за да си ја исполни обврската.

Грчката државна телевизија ЕРТ извести дека Европскиот механизам за стабилизација (ЕСМ) работи на подготовка на финансиски пакет од најмалку 50 милијарди евра и таа вест ја оцени како охрабрувачки знак дека набргу претстои согласност. И Танос Докос, раководител на атинскиот тинк-тенк ЕЛИАМЕП, смета дека е можен скорешен крај на преговорите: „Финансиските резерви се исцрпени, роковите течат, а владата е дотерана со грбот до ѕид. Поради тоа таа прави се’ за да постигне согласност“. Малку скепса за тоа дека неделава ќе се дојде до согласност, не би била излишна, оти грчката страна во минатото доволно често искажуваше увереност, без потоа тој оптимизам да се потврди. „Овој пат и знаците од странство укажуваат на согласност. Тоа порано не беше така“, вели Докос во разговор за ДВ.

Левото крило отворено се заканува со раскол

Но, првенствено во својата партија, премиерот Алексис Ципрас наидува на растечки отпор. Во меѓувреме сменетиот министер за енергетика Панајотис Лафазанис, кого го сметаат за предводник на радикалната партиска левица и кој одамна агитира за излегување на Грција од еврозоната, се заканува со основање нова партија. Во интервју за левичарскиот весник „Авги“, Лафазанис предупредува дека за влада на Сириза веќе нема никаква иднина доколку таа - наспроти претходните ветувања во предизборната борба - усвои натамошен пакет со мерки за штедење. Екс-министерот зборува и за „диктатура на еврото“ и навестува просперитетна иднина за Грција по едно регулирано излегување од еврозоната. „Очигледно, ’коцките се фрлени‘ за основање нова партија“, на Твитер со разочарување коментира Димитрис Пападимулис, политичар на Сириза специјализиран за европски прашања.

Griechenland Syriza Zentralkomitee Tsipras Rede Neuwahlen

Алексис Ципрас

Државниот министер Никос Папас, човек од доверба на премиерот Ципрас, поведе противофанзива: никому не му е дозволено да води „своја партија внатре во партијата“, предупреди тој во интервју за атинскиот неделен весник „Риал њус“. Радикалните левичари денеска отидоа чекор понатаму: владата мора веднаш да ги запре преговорите со кредиторите, на Грција и’ треба сопствена монетарна политика - грмеше во ТВ-интервју Статис Леуцакос, пратеник на Сириза. За политикологот Танос Докос е несомнено: „Расколот на Сириза всушност беше само прашање на време - при што не мислев дека би можело толку бргу да се случи. Но, можеби тој раскол за премиерот има и ослободувачко дејство“. Во тој случај, имено, Ципрас би можел да ги искористи добрите резултати во анкетите на јавното мислење, да закаже нови избори и со тоа да дојде до сигурно владино мнозинство.

Грчко-француско приближување

Преговорите за нов пакет значително ги приближија Грција и Франција: на маргините на свеченостите по повод отворањето на новиот Суецки канал, во четвртокот дојде до срдечна средба на Ципрас со францускиот претседател Франсоа Оланд. Според извештаи во грчки медиуми, Оланд сигнализирал поддршка за интересите на Атина до 20. август новиот спасувачки пакет да биде целосно готов и притоа да ги отстрани и наводните задршки на Германија.

Наспроти ова, печатот во Грција пишува лошо за германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле - повеќе весници известуваат за наводни обиди на Берлин да ги торпедира преговорите. Дури и предлогот на Шојбле, ако биде неопходно да организира финансирање за премостување на акутните потреби на Грција, се означува како поткопување на преговорите за третиот пакет за спас. Притоа германскиот министер не е осамен со таквото гледање: дури и Алексис Митропулос, политичар на Сириза и потпретседател на грчкиот парламент, во ТВ-интервју изјави дека „премостено финансирање“ всушност би било подобро решение, за владеачката партија да добие „време и сила“за спроведување на својата изборна програма.