Грција предлага договарање рамка за преговорите за името
4 октомври 2012Аврамопулос денеска го испратил писмото и меморандумот за разбирање до шефот на македонската дипломатија Никола Попоски. Целта на меморандумот, според писмото, е да се најдат заеднички точки со цел преговорите квалитатативно да помогнат за продолжување на преговорите.
Писмото од шефот на грчката дипломатија Димитрис Аврамопулос е добиено и ќе биде разгледано, потврди владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
„Можам да потврдам дека писмото од страна на грчкиот министер Аврамопулос е добиено од македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски. Тоа ќе биде разгледано со должно внимание и сериозност“, изјави Ѓорѓиев одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Писмото, додаде тој, е добиено вчера во доцните вечерни часови, така што треба време да биде разгледано.
Предложениот Меморандум за соработка од Грција до Македонија не е замена за Времената спогодба, појасни портпаролот на грчкото МНР Григорис Делавекурас.
Целта на предлогот, според Делавекурас, е да даде нов моментум во разговорите за името, чија крајна цел би било изнаоѓање взаемно прифатливо решение. Тој очекува позитивен одговор од македонска страна.
„Меморандумот за разбирање што го предлагаме не е замена за Времената
спогодба. Времената спогодба, како што е наведено во нејзините одредби, е договор што ќе биде во сила сe‘ додека една од страните не се повлече. Поради тоа, сe’ уште е во сила. Покрај тоа, чекорот што ние го правиме во овој момент е еден позитивен чекор чија цел е да даде моментум на процесот. Она што сакаме да го видиме е владата на соседната земја да одговори позитивно. Во заеднички интерес е за двете земји да постигнеме решение и поради тоа треба да комуницираме. Очигледно е дека треба да комуницираме врз основа на фундаментални параметри за она што дискутираме, за резултатот по кој трагаме: изнаоѓање заедничко прифатливо решение за името. Ова е јасно наведено во предложениот Меморандум и би сакал да верувам дека ќе добиеме позитивен одговор, бидејќи ќе биде од корист за двете земји“, рече Делавекурас денеска на брифинг со новинарите.