Полиција во грчките универзитети | Свет | DW | 01.03.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Полиција во грчките универзитети

Среде корона-пандемија Атина донесе нов закон и разгоре спор со универзитетите. Студентите и професорите се загрижени за нивните права и слободи.

Griechenland Studentendemonstrationen

Протести на студенти на Универзитетот Аристотел

Пред деканатот на Универзитетот Аристотел во Солун виси плакат. Неколку стотици студенти ја окупираа зградата во кампусот кој инаку е празен поради пандемијата. Речиси исто толкав број полицајци стојат спроти нив. Студентите протестираат против закон кој беше донесен неодамна, а кој предвидува стационирање полиција во универзитетскиот кампус. Владата на тој начин сака да се справи со наводно криминални дејанија на универзитетите. Студентите и професорите се загрижени за своите права и слободи и потсетуваат на важната улога што универзитетот како институција ја одиграл во грчката историја.

Рани од минатото

Фотини Цибириду, професорка на Универзитетот Македонија во Солун, е една од околу 1000 академици кои протестираат против новиот закон. „Стравувам од воена култура која заедно со полицијата ќе навлезе во универзитетите. Таа не е во согласност со слободарската основа на дијалогот и критичната мисла."

Со полицијата се поврзува култура на угнетување. Во зборовите на Цибириду може да се насети културолошка војна која со децении го обележува политичкиот и општествениот живот во Грција. Окупацијата на Грција од страна на Хитлер се заврши со крвава граѓанска војна меѓу левичарските партизани на северот и конзервативната влада во Атина. Оттогаш десницата и левицата се непомирливо спротивставени. Цибириду коренот на денешниот конфликт го гледа во тоа време. „Врз основа на таквиот симптом на граѓанска војна, кој доведе и до воената хунта во периодот од 1967 до 1974, имаме многу грди сеќавање на полицијата."

Во 1974. на хунтата и' дојде крајот, меѓу другото и благодарение на тоа што студентски протест на универзитетот во Атина беше насилно задушен. Со потоа воведениот универзитетски азил универзитетот важеше за засолниште за политички прогонувани лица, се' додека во 2019 не беше укината таквата одредба, а таквиот тренд сега кулминира во плановите за распоредување полицајци на кампусот.

Griechenland Universitätsprofessorin Fotini Tsibiridou

Фотини Цибириду, професорка на Универзитетот Македонија во Солун, е една од околу 1000 академици кои протестираат против новиот закон

Подобро образование со помош на полицијата?

Теодорос Калицис воопшто не може да ја разбере возбудата. Тој е претседател на огранокот на владеачката Неа Демократија во Солун, втор најголем град во земјата и седиште на најголемиот универзитет во земјата. Тој застана зад својот партиски шеф и премиер, Кирјакос Мицотакис, и зад неговиот закон. Неговиот сон е Солун да стане културен и научен центар на Балканот. Притоа универзитетите играат голема улога, но според него нема доволно безбедност. „Задача на грчката полиција е да ги поддржува универзитетите да гарантираат безбедност на студентите и професорите", смета Калицис.

Потоа раскажува примери за криминалот на кампусот: кражби во кои снемувало опрема која потоа се користи за производство на дрога, или пак акции на политички мотивирано насилство од радикална левица, кои постојано се случуваат во Грција. Еден таков настан бил забележан минатиот октомври. Левичарски студенти го нападнале деканот на Атинскиот економски факултет и го присилиле да носи плакат за солидарност со левичарски активисти кои запоседнале објекти во Атина и Солун. Умерената десничарска влада на Мицотакис од 2019 наваму многу од таквите објекти присилно ги ослободи од активистите.

Додека го интервјуираме Калицис се слушаат сирени од полициски возила. Центарот на Солун е делумно затворен. Попладнето се судриле бесни студенти и екипи на полицијата кои радо дозволуваат да бидат испровоцирани. Калицис не ја разбира критиката, па дури ни со оглед на исторскиот контекст. „Ќе се формираат приватни безбедносни служби кои ќе бидат плаќани од полицијата, но ќе одговараат пред универзитетската управа. Полицајците нема да бидат вооружени."

Griechenland Lokalpolitiker Theodoros Kallitsis

Теодорос Калицис воопшто не може да ја разбере возбудата

Сепак, нештата не се толку едноствани. Имено, полицајците ќе имаат право да прават претрес на лица и привремено да ги спроведуваат на распит. Тоа во многу нешта ги надминува ингеренциите на приватна служба за обезбедување. Универзитетскиот азил, како поука од хунтата, требаше да служи за заштита токму од таквите појави.

Калицис е сигурен дека со поголема безбедност ќе има и подобро образование. И тоа иако неговата партија го скрати буџетот за образование на државните универзитети и не обезбеди дополнителни средства во време на корона. Владата за 22,59 проценти ги скрати буџетите на универзитетите за 2021 во делот на материјални трошоци и услуги. Притоа грчките универзитети, особено во делот на помошни средства, на пример за лабораториите, се и онака хронично недоволно снабдени.

Griechenland Studentendemonstrationen

Во Грција постојано доаѓа до судири на полицијата со студентите

Повеќе полиција, помалку безбедност?

Владеачката Неа Демократија е прилично осамена во бранењето на законот. Огромен дел од универзитетските управи, па дури и од конзервативниот универзитет во Атина, полицискиот синдикат, како и истакнати членови на партијата се изјаснија против стационирањето полицајци на универзитетите. 

Универзитетите истапија со контрапредлог: бараат приватно обезбедување на кампусот. За Цибириду е иронично тоа што токму актуелниот премиер Мицотакис ја укина постоечката служба за обезбедување во 2013 година, кога во својство на министер за реформа на администрацијата беше под притисок да штеди во кризните години. Таквата служба сега недостига, вели Цибириду. Освен тоа, според неа, дополнително осветлување, безбедносни врати, електронски алармни системи на предметите може да штитат од кражба. Полицијата на кампусот е симболичен гест, кој ќе предизвика конфликти.

Griechenland Angelos Kaskanis

Ангелос Касканис

Д-р Ангелос Касканис, политички аналитичар и експерт за безбедносни прашања, смета дека доколку се стационираат полицајци на кампусот, има потенцијал за конфликт. „Се плашам дека ќе има постојани судири помеѓу полицијата и студентите, еден вид урбана војна. Се' што актуелно може да видите во медиумите од синдикатите или радикални левичарски групи укажува на тоа. Не се никако подготвени да направат отстапки по тоа прашање."

Затоа и Касканис го поддржува барањето на универзитетите да имаат приватни лица за обезбедување, специјално обучени за проблемите на кампусот. За него се вознемирувачки и временскиот контекст и брзината со која владата го спроведува ваквиот радикален чекор. „Со короната на владата не и' беше потребно ни некое големо мнозинство за да го усвои законот. А, ова е револуција”, заклучува Касканис.

Опозицијата речиси и немала време да изнесе контрааргументи. Со оглед на фактот дека универзитетите играат голема улога во начинот како се перцепира самата грчка република, потребна е широка дебата која ќе ги вклучи сите засегнати институции и партии. За ова прашање можен е дури и референдум. Но, ад хок одлука ќе придонесе само за продлабочување на рововите на обете страни.

DW.COM