Грција: „Во иднина ќе има почесто и посилни пожари“ | Информации и анализи за Балкан | DW | 06.08.2021

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Грција: „Во иднина ќе има почесто и посилни пожари“

Во Грција со месеци има пожари, избувнуваат еден по друг. Организациите за заштита на природата предупредуваат: шумски пожари и топлотни бранови ќе има и во иднина и тие ќе бидат дури и поинтензивни.

Стерјос Караватос со своето куче доаѓа секојдневно во Кедринос Лофос. Огромниот шумски предел, кој се протега на површина од речиси 3000 хектари, е нарекуван и зелените дробови на Солун. Агресивниот долг топлотен бран ја парализира земјата во моментов. Температурите се редовно над 40 степени Целзиусови.

Додека сонцето го претвора градот во печка, Караватос и негово куче Тара можат барем малку послободно да дишат искачени на Кедринос Лофос. И тука е топло, но има барем лесен ветер. И мала искра би била доволно за да пламне ова парче шума. Пред неколку недели, во непосредна близина изби пожар, кој беше ставен под контрола по неколку часа. Зошто избил пожар, сѐ уште не се знае. „Веројатно од отпушок“, претпоставува пожарникар кој ја набљудува шумата.

Griechenland Feuer

Стерјос Караватос со Тара доаѓа секојдневно во Кедринос Лофос

Караватос се нервира поради безобѕирното однесување на луѓето. Еколошката организација World Wide Fund For Nature излезе со податок дека 90% од пожарите во Грција се предизвикани од невнимание. Пред неколку недели во Атина еден пчелар беше уапсен додека среде лето палеше лисја. Сега е осомничен дека предизвикал голем пожар. Караватос смета дека одговорноста почнува претходно: „Би можеле барем да внимаваме да не фрламе отпад во шумата. Чаша, конзерва, парче пластика - на ваква горештина и сончев интензитет дури и со такви работи може да настане пожар.“

Тој добро се сеќава на 7 јули 1997 година: „Беше толку жешко што одвај можеше да се дише. Тогаш во шумата се кренаа огромни облаци од чад и за кратко време гореше силно.“ Тогаш, во еден ден, изгорела половина од шумата. Климата во Солун е променета низ годините, вели Караватос. Денес нема 30% од некогашната површина со шума.

Повеќе: Фотографија на денот: Да се спаси барем нешто пред налетот на огнот

„Се обидуваме да ја одржуваме шумата чиста“

Стерјос Хрисикос заедно со брат му има ресторан на периферијата на местото Ораиокастро, кое е во близина. Тука шумата и градот речиси се претопуваат еден во друг. Зад терасата за гости се протега море од мирисни борови. Хрисикос, гледајќи ги сликите од пожари кои постојано се вртат на медиумите, знае дека овде пожар да избие во секој момент. „Се плашиме. Се обидуваме да ја одржуваме шумата чиста, но останува опасно.“

Griechenland Feuer

Стерјос Хрисикос: Се плашиме

Екстремните температури ја разболуваат и сушат флората, а со тоа многу се зголемува и опасноста од пожар. „Секоја година садиме 20 до 30 нови стебла“, објаснува Хрисикос и покажува на свежото зеленило директно зад неговиот ресторан. За него е јасно: во вакви ситуации секој има одговорност. На Лангадас, оддалечен 20 километри, во изминатите денови се измерени 47 степени Целзиусови. Дожд немало со недели. На пет минути возење од ресторанот на Хрисикос имало пожар пред само неколку дена. Тој се надева дека луѓето ќе сфатат колку е сериозна ситуацијата.

Повеќе: Грција, Турција, Италија– пожари и топлотен бран од историски размери 

На општините им е неопходна помош

Општините во Грција се соочени со тешка борба. Тоа го знае и Пантелис Цакирис. За градоначалникот на Ораиокастро заштитата од пожари е најгоре на политичката агенда. Сликите од разорните пожари на Родос, куќите кои горат на Пелопонез или големите облаци со чад над Атина, му предизвикуваат загриженост.

Griechenland Feuer

За Пантелис Цакирис заштитата од пожари е најгоре на политичката агенда

Сето тоа го потсетува на катастрофата со пожарите во Мати во 2018 година. Изгоре целиот град, загинаа 102 лица: „Такво нешто не смее да се повтори“, подвлекува Цакирис. Тој апелира и до граѓаните да бидат одговорни и се залага за образовни програми во чиј фокус ќе биде заштитата на климата и шумата. „Сите мора за сфатиме дека шумата е наш дом.“

Повеќе:Пожарите- закана за антички локалитети во Грција 

Превенција и ограничување на штетите

Се разбира, сето тоа е и прашање на пари. Цакирис добил 1,5 милиони евра од фондови за развој за да го опреми Ораиокастро со најнова техника. Од наредната година во акција за превенција од пожари ќе бидат и термални камери и дронови. Но, тоа не е доволно: „Итно ни е неопходна финансиска поддршка за да ја одржуваме шумата чиста. Ние како општина немаме можност да ги собираме сувите стебла.“ А, тоа е важен дел од мерките за заштита од пожари. Тоа е работа која треба да се врши постојано, а за што едноставно нема пари: „Потребна ни е помош од државата“, вели градоначалникот.

Griechenland Feuer

Во Грција секојдневно избиваат нови големи пожари - над 100 за 24 часа

Грција е во вонредна состојба. Луѓето почнуваат за сфаќаат што значи климатската катастрофа за нивната земја и живот. Секојдневно избиваат нови големи пожари - над 100 за 24 часа. Такис Григориу од Гринпис не е изненаден. Со оглед на состојбата, тој е разочаран од европската климатска агенда. „Научниците велат дека Европа мора да ги намали емисиите на ЦО2 за 65 до 70 проценти.“ Досегашната цел од 46% нема да биде доволна. „Ќе има почесто и многу посилни пожари. Голем дел од напорите треба да се насочат кон вистинска подготовка.“

Повеќе: Пожарите ги опустошија „белите дробови“ на С. Македонија

На грчките шуми им е неопходна интензивна заштита и одржување, а такво нешто нема ни оддалеку колку што треба. Со тоа опасноста од пожари станува уште поголема. Освен тоа, на добро обучените пожарникари им се итно потребни нови возила, како и добро управување: „Претходните пожари ни покажаа дека има лоша комуникација и лош менаџмент во повисоките нивоа на власта“, вели Григориу, додавајќи: „Тоа имаше лоши последици.“ Според него, време е раководните места да не се даваат врз основа на политичка мотивација, туку врз основа на експертиза.

DW.COM