Грција опстојува на барањето на отштета од Германија | Свет | DW | 01.10.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Грција опстојува на барањето на отштета од Германија

За Грција прашањето на воени репарации во односите со Германија сѐ уште е отворено. За германската влада смета таа тема е затворена и не сака да се занимава со тоа. И Меѓународниот суд во Хаг исто гледа на тоа прашање.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас во последните неколку недели, во два наврати побара од Германија да и исплати воени репарации на Грција како "прашање на честа за Грција и грчкиот народ". Причината за ова беше последниот извештај на Специјалниот сепартиски комитет на парламентот. Во извештајот, вредноста на надоместокот за уништување, сторени воени злосторства и принудно давање на кредит за време на германската окупација се проценува на 270 милијарди евра. Исто така, детално се опишани мерките со кои владата сака да го пропагира прашањето за репарации во светот: се зборува за политички средби во странство, средби со пратеници и научни конгреси. Не се исклучува и можноста за тужба. Сето ова звучи како ескалација на конфликтот кој од крајот на Втората светска војна во голема мера беше потиснуван во позадина. Изјавите на претседателот на грчкиот парламент Никос Вуцис за ДВ најавуваат подготвеност на Атина за да се откаже од максималните барања.

За време на втората светска војна, Грција претрпе големи загуби како последица на германската окупација. Десетици илјади грчки Евреи беа убиени во периодот меѓу април 1941 и октомври 1945 година, најмалку 100.000 луѓе умреа од глад, а околу 100.000 куќи и станови беа уништени. Цели населби беа срамнети со земјата, а нивното население беше елиминирано. За време на окупацијата, целата економија и инфраструктура на земјата беа уништени, а суровините беа конфискувани и транспортирани надвор од земјата. Покрај тоа, во 1942 година, грчката Национална банка беше принудена на окупаторот да му одобри бескаматен заем од 476 милиони рајхсмарки, што според грчките проценки денес изнесува 10,3 милијарди евра.
Непосредно по војната, Сојузната агенција за репарации на Грција и вети надомест од 25 милиони долари во форма на демонтирани индустриски постројки. Во 1949 година беше основана Сојузната Република Германија, а во 1952/53 година се одржа Лондонската конференција за долгови. Грција, како и повеќето други земји погодени од војната, се откажа од половина од своите барања кои ги имаа пред и по војната. На конференцијата, беше договорено решавањето на барањата за надомест да биде одложено додека Германија не се обедини и не склучи договор за мир со победничките сили. Во шеесеттите години, економски зајакнатата Сојузна Република Германија со 12 западни држави склучи т.н. Глобален договор за надомест на штета, меѓу кои беа Франција, Велика Британија, Австрија и Грција. На граѓаните на Грција, кои поради нивната „раса, религија или гледиште кон светот“ беа погодени од „националсоцијалистичките мерки на прогон“, Бон исплати 115 милиони евра. Тогаш, но и подоцна, грчката влада испраќаше пораки дека прашањето на репарации е сеуште отворено и дека така ќе остане до склучувањето на мировниот договор.
За да се избегнат барањата на Грција, како и на можните барања од Полска и други земји, на двете германски држави во 1990 година, со одобрение на четирите победнички сили - САД, Велика Британија, Франција и Советскиот Сојуз им беше запечатен обединувачки договор, познат како „2 + 4“, а не мировен договор. За тоа поранешниот германски министер за надворешни работи Ханс-Дитрих Геншер во неговата книга „Сеќавања“ напиша: „На тој начин се ослободивме од грижата за барања за репарации“. Овој став може да се критикува. „Но, доколку обединета Германија мораше да ги плати сите можни барања на земјите кои нацистите ги држеа под окупација, тоа би значело крај за новата држава, а светската економија би можела да доживее катастрофа“ напиша историчарот Гец Али. Неговиот колега од Фрајбург, Улрих Херберт смета дека ова прашање „може да се реши само морално и симболично“.

Ова има голема важност бидејќи решавањето на грчкото барање преку правни средства се чини невозможно. Тужбите на поединци кои бараа надомест за штета пред германските судови беа одбивани, а Меѓународниот суд на правдата во Хаг, потпирајќи се на меѓународното право, одби да ја признае одлуката на грчките национални судови против Германија. Сепак, грчката држава може да ја тужи Германија пред Хашкиот суд. Но, судењето би можело да се случи само ако Берлин се согласи на истото. Но тоа е малку веројатно. За германската влада, темата на репарации е политички и законски регулирана и таа ги одбиваа сите разговори во врска со тоа.

Атина знае дека има слаби правни можности да ги реализира своите барања и затоа бара преговори. Претседателот на грчкиот парламент, Никос Вуцис за ДВ вели дека грчката страна не сака ова прашање да се поврзе со сегашните преговори со Тројката. Минатата година се создаде впечаток дека Грција сака да изврши притисок врз германската влада, за Берлин да го омекне својот став во врска со условите под кои Атина добива кредити.
Освен тоа, Никос Вуцис вели дека барањето од 270 милијарди евра е „формална пресметка“ и дека кога станува збор за репарации „важно е морално-политичкото признание“. Економската димензија, според неговите зборови е на „второ или трето место“ и може да се разгледува „само до одреден степен“. Пред тоа, вели тој, потребно е да се разговара „за моралните, историските и хуманитарните аспекти“. Единствено експлицитно барање на кое Грција и понатаму инсистира е принудниот кредит од 1942 година. Вуцис верува дека двете влади ќе бидат во можност да зборуваат за тоа, бидејќи се работи за "книговодство". Дури и за време на окупацијата, Германскиот Рајх започна со враќање на парите и со тоа ги призна своите обврски.

Тешко е да се процени дали Берлин ќе се впушти во тоа. Историчарот Хабен Флајшер смета дека би требало тоа да го направи. За разлика од исплаќањето на воени репарации, враќањето на принуден заем нема да создаде преседан: „Тоа беше единствен кредит - само во Грција“. Ваквата можност, минатата година ја наговести и германскиот претседател Јоахим Гаук. Тој ги гледа работите исто како и германската влада, која одбива исплата на обесштетување. Но тој, исто така рече дека „важно е, земја како нашата, која е свесна за својата историска одговорност, да ја разгледа можноста за надокнада“. Во тоа прилика, претседателот изрази желба и грчката страна да постапува „обврзувачки“ - се чини дека првиот чекор во таа насока е направен.

Реклама