Грција: Маскирани лица напаѓаат чамци со бегалци во Егејско Море | Свет | DW | 30.06.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Грција: Маскирани лица напаѓаат чамци со бегалци во Егејско Море

ДВ истражува: дали припадници на грчката крајбрежна стража намерно онеспособуваат бегалски чамци на отворено море, за да ги принудат од бреговите на грчките острови Лезбос и Самос да се вратат назад во Турција?

„Мамо, мамо, ќе умреме!" Паничен вресок на дете кое гледа како маскирани мажи се доближуваат до малиот бегалски чамец среде море. Тоа јасно се гледа на снимка која на 4 јуни на Твитер ја објави организацијата која им помага на бегалците, „АлармФон".

Место на злосторството: мореузот помеѓу Турција и Грција, моментно најактивна бегалска рута за стигнување во ЕУ, како што се наведува во извештаите на Агенцијата за заштита на ЕУ-границите – Фронтекс.

„Целосно нелегални напади"

„АлармФон" (AlarmPhone") е своевиден СОС – телефон за луѓе во неволја. Таа организација проследува итни повици до надлежните крајбрежни стражи и се обидува да изврши притисок врз властите за што побрзо спасување на бегалците.

На четврти јуни на должност бил Лоренц. Луѓето на чамецот кои тој ден му се јавиле биле исклучително вознемирени, се присетува волонтерот од Швајцарија. Маскирани напаѓачи го уништиле моторот на гумениот чамец и ги препуштиле мигрантите и бегалците на нивната судбина. Според расположливите координати, тоа се случило во грчки води, вели Лоренц. „Нападите, според сите законски норми и стандарди, се целосно нелегални и се јасен показател на неверојатно насилство кон бегалците на грчката граница."

Активисти од „АлармФон" тврдат дека таквите напади се сѐ почести. На 5 јуни уште еден чамец со 19 бегалци доживеал слична судбина. На него бил и 16-годишниот Авганистанец Фархад (името е променето, н.з.). Тој вели дека при бегството во Турција ги загубул мајка си и сестра си. Сега се обидува сам да стигне во Европа. За да може да им плати на криумчарите за патот, четири месеци работел во турска фабрика.

Investigativgeschichte | illegale Pushbacks in der Ägäis

Фархад до Дојче веле ги испрати овие објаснувачки фотографии

Гумен чамец, раскажува тој, им пришол на отворено море од грчка страна и ги запрел. „Во него имаше пет маскирани луѓе. Еден беше на кормилото, двајца нѐ удираа со шипки, а четвртиот забодуваше нож во нашиот чамец и ни го уништи моторот. Петтиот сето тоа го посматраше". Младиот Авганистанец прво не се осудил да го снима нападот, но потоа сепак се охрабрил целиот настан да го документира со мобилниот телефон.

„Маскираните напаѓачи се припадници на грчката поморска стража"

Дојче веле ги анализираше и ги провери видео-снимките на младиот Авганистанец. На нив може да се види дупка во чамецот, уништен мотор и очајни луѓе како скокаат во вода и пливајќи го туркаат чамецот кон брегот на Лезбос. Една жена, со стиснати тупаници, вика: „Испратија свои пријатели да ни го уништат чамецот, а сега нѐ посматраат."

Повеќе:

Истражување на ДВ: Како Грција насилно ги враќа мигрантите во Турција

Страв од нов бегалски бран среде пандемија

ЕУ како трговец со луѓе

Бегалците најдоа противоружје за грчкиот солзавец: џиновски вентилатори

Расте антагонизмот кон бегалците во Грција

И навистина: на видеото јасно се гледа брод на грчката крајбрежна стража, а покрај него мал гумен чамец. Фархад ни ја опишува ситуацијата. Апсолутно е сигурен дека маскираните луѓе биле од составот на грчката крајбрежна стража. Тие, смета тој, од големиот брод се спуштиле во гумен чамец и тргнале кон нив. Притоа, вели тој, цело време комуницирале со матичниот брод.

Но, тоа е тешко докажливо. Речиси нема слики од нападот, маскираните луѓе не носеле униформи, а на нивниот чамец нема никакви ознаки. Поради тоа е толку важно видеото од 4 јуни.

Со обемна анализа, истражувачките платформи „Белингкет“ и „Лајтхаус рипортс" успеале да утврдат дека гумениот чамец со маскирани напаѓачи недвосмислено припаѓа на бродот на грчката крајбрежна стража АЕ 080, кој тој ден патролирал во водите околу островот Лезбос. За тоа постојат докази.

Грција ги отфрла сите обвинувања

Грција меѓутоа и натаму негира дека маскираните напаѓачи се припадници на грчката гранична полиција. На конференција за новинарите на 10 јуни, надлежниот министер Јоанис Плакиотакис кратко изјави: „Грчката крајбрежна стража постапува во согласност со меѓународното право." Барањето од Дојче веле остана без одговор.

Не беше одговорено ни на посебното прашање испратено до Фронтекс, Европската агенција за заштита на границите, која има блиска соработка со грчката крајбрежна стража во Егејско Море. Од седиштето на Фронтекс во Варшава, за Дојче веле стигна следната изјава: „Фронтекс во целост е посветен во одржувањето на највисоки стандарди на гранична контрола во рамките на нашите операции", а „присилно враќање на бегалци, pushback, според меѓународното право е илегално."

Но, видео-записи и изјави на сведоци кои ДВ ги собираше со недели, покажуваат дека такви напади, односно присилно враќање на бегалци, не се редок случај, туку се сѐ почести и се претвораат во брутална мерка на заплашување. Тоа претставува кршење како на грчкото, така и на меѓународното право.

Investigativgeschichte | illegale Pushbacks in der Ägäis (Bellingcat/Lighthouse)

Кои се маскираните лица?

Чамецот во кој на 5 јуни се наоѓал Авганистанецот Фархад, со часови по повикот за помош пловел по морето, испуштајќи сѐ повеќе воздух. И наместо да помогнат, грчките патролни бродови му се приближиле за со брановите предизвикани од нив да го потиснат чамецот со бегалци во територијалните води на Турција, сведочи Фахрад. Во еден момент бегалците, изгубувајќи сила, престанале со веслање. Кога чамецот конечно го прибрала турската крајбрежна стража, тој бил речиси истишан. 16-годишниот Авганистанец бил фрустриран и очаен поради враќањето во Турција. Тоа му бил петти неуспешен обид за бегство.

„Грција има добиено зелено светло од ЕУ?“

Турската крајбрежна стража редовно објавува фотографии на „спасување“. Но, сите посматрачи во регионот јасно говорат дека законот не го крши само Грција. Премногу често турската страна предолго само посматра што се случува и порадо снима што прават Грците, наместо сама да тргне во спасување на бегалците. „Тука не постои добра страна, двете страни работат на штета на луѓето во неволја. Се чини дека Грција има добиено зелено светло од ЕУ“, вели Томи Олсен, основач на платформата Aegean Boat Report. Од 2017 година Олсен детално ги бележи бегалските движења во водите на Егејско Море.

Понекогаш бегалците стигнуваат директно меѓу два фронта. Тоа, на пример, се случило на 22 јуни, кога чамец со 35 мажи, жени и деца е потиснат од Грција кон турските територијални води. Сцената ја симил еден бегалец. На снимката се гледа исто така гумен чамец со мажи облечени во црно, а зад него се наоѓа јасно препознатлив брод на грчката крајбрежна стража. Што се случува потоа, тешко е да се разбере.

Бегалците кои биле во чамецот тврдат дека турски патролен брод одеднаш тргнал кон грчкиот брод и почнало пукање. На бегалскиот чамец избила паника. Анализирајќи ги видео-записите, одеднаш здогледавме и едно познато лице: 16 годишниот Фахрад, со кого загубивме контакт неколку дена по неговото неуспешно бегство од 4 јуни.

На снимката, тој разговара со мобилен телефон со некого кого го добил на бројот 112, европски телефонски број во случај на опасност. „Биди мирен. Крајбрежната стража ја знае твојата локација, сочекај“, му порачува жена на англиски јазик со грчки акцент. „Но грчката крајбрежна стража е многу блиску до нас, нѐ гледаат“, фрустрирано вика Фахрад и ја прашува жената од другата страна на телефонот: „Кога конечно ќе дојдат да нѐ спасат?“ Жената одговара кратко: „Што поскоро!“ И потоа ја прекинува врската. 

Реклама