Грција (засега) е спасена: нови пари за старите долгови | Економија | DW | 16.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Грција (засега) е спасена: нови пари за старите долгови

Еврогрупата конечно успеа да ги заврши повеќемесечните преговори и даде зелено светло за давање нов заем на Грција од неколку милијарди. Но, некои проблеми остануваат нерешени.

Членките на Еврогрупата, кои на средбата во Луксембург повторно решаваа за грчката судбина, најдоа најмал заеднички именител, со што можат да бидат делумно задоволни двете страни - и ЕУ-министрите за финансии и ММФ и Грција. 

Договорена е исплата од околу 8,5 милијарди евра од Европскиот стабилизирачки механизам, ЕМС, соопшти шефот на Еврогрупата, Јерон Дејселблум, што според него, претставува голем чекор напред. Еврокомесарот за економија, Пјер Московиси дополни: „Ова се добри вести. Тие содржат подеднакво ветување и надеж - за грчкиот народ и за еврозоната.“

Нови пари за старите долгови

Добрите вести во Атина доаѓаат во вистински момент, зашто за четири недели грчката влада треба да плати дел од своите долгови кај приватни инвеститори, кај Европската централна банка и ММФ. Достасани ќе бидат околу седум милијарди евра, пари кои Атина засега ги нема и затоа треба да се посегне по Европскиот стабилизирачки механизам, договорен во 2016. година. Практично, нов кредит ќе го замени стариот.

Одолговлекувањето на преговорите во минатите седмици се должеше првенствено на неединството на кредиторите во поглед на прашањето на каков начин да се реши растечкиот должнички товар на Грција. ММФ бараше да ѝ се отпише дел од долговите на владата во Атина, но некои беа против - во прв ред - германскиот министер за финансии, Волфганг Шојбле. 

Но, по речиси шестчасовни преговори синоќа во Луксембург, постигнат е компромис: ММФ формално ќе учествува во финансиската помош за Грција. Но, пари ќе потечат дури откако Еврогрупата ќе има цврст план на каков начин Грција ќе ги стави долгорочно под контрола своите долгови. Тоа го изјави шефицата на ММФ, Кристин Лагард во Луксембург. Притоа, ни оддалеку не е јасно дали ММФ воопшто некогаш нешто ќе плати и дали воопшто мора да плаќа.

Luxemburg (picture alliance/AP Photo/G. Vanden Wijngaert)

Жилави преговори во Луксембург

Нема потреба од отпис на долгови?

Во врска со идните должнички олеснувања за Грција, германскиот министер за финансии изјави: „ Ако не се нужни, не се ни потребни.“ Тоа значи, ако прогнозата на ЕУ за позитивен развој на грчката економија е правилна, Атина наскоро ќе застане на свои нозе и нема да биде зависна од натамошни финансиски инјекции. 

Шојбле во изјава за Дојче веле потенцираше: „Имаме различни прогнози. Европските институции се многу пооптимистички од оние на ММФ.“

Во моментов, економскиот развој на Грција добро се одвива. Атина усвои болни реформи, кои беа неопходен предуслов: треба да бидат приватизирани неликвидните државни претпријатија, скратени пензиите и намалени даночните олеснувања. Со тоа, Брисел и Берлин се задоволни. Европската комисија предвидува дека на ваков начин Атина во идните години ќе стигне до буџетски суфицит од 3,5 проценти, што би било доволно за сервисирање на долгот.

Griechenland Athen Proteste gegen Sparprogramm (Imago/ZUMA Press/N. Georgiou)

Протести во Атина поради мерките за штедење

Страв од раст на долгот

Во Вашингтон владее помал оптимизам. ММФ очекува, во најдобар случај, буџетски суфицит од 1,5 проценти. Ако е точна оваа прогноза, Грција по истекот на актуелната програма за финансиска помош во 2018. година, нема да може да застане на сопствени нозе, туку повторно ќе ѝ требаат пари, а планината долгови и натаму ќе расте. 

Такво е гледиштето и на грчката влада. Премиерот Алексис Ципрас неодамна се закани: без должнички олеснувања, сегашните договорени реформи, првенствено намалувањето на пензиите и зголемувањето на даноците, ќе бидат повлечени. Имено, тие треба да стапат во сила дури од 2019, односно од 2020. година.

Ципрас е под силен внатрешнополитички притисок. Неговата влада практично спроведува спротивност на левичарската политика која ја вети на почетокот. Таа во неколку наврати ги намали пензиите и платите и воведе нови даноци. Вчера во Атина повторно протестираа илјадници пензионери. А во 2019. година претстојат следните избори. 

 

DW.COM

Реклама