Грција: Деца кои живеат во болници | Свет | DW | 26.06.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Грција: Деца кои живеат во болници

Живеат на маргините на општеството и - живеат во болници! Во Грција има деца кои раснат без семејство и кои не се болни, но немаат дом, па сместени се во болници. Надежите се насочени кон новиот систем за нега.

Сцена од атинската болница Аја Софија: млада активистка на една невладина организација за рака држи едно момче. Го носи на прошетка. Момченцето би требало да има околу пет години, очигледно страда од полесен хендикеп. Младата девојка се обидува малку да го развесели детето преку телефон на парички. И тоа ѝ успева, бидејќи детенцето се насмевнува штом го слуша звукот на телефонот. Малиот е дел од група од 30-тина деца кои во моментов се сместени во клиниката, иако не се болни. Таму живеат како пациенти, но всушност не им е потребна медицинска нега. Некои биле оставени од родителите. Други живеат во болнички соби поради тоа што службите наложиле да бидат одвоени од родителите бидејќи децата биле запоставени или пак злоупотребени.

Единствено решение за државниот правобранител

Обвинителите најмалку 25 години ги користат болниците за да може во такви случаи да најдат сместувалиште за децата, вели Софија Константелија, која го води социјалниот центар на округот Атика. Иако персоналот во болниците се грижи за децата исто како и активистите на НВО, кои се фокусираат на емотивната страна, сепак експертите се согласни дека болница не е вистинското место за да се сместат, особено не за подолг временски период.

Ксени Димитриу, која е главен обвинител, вели дека честопати тоа било единственото решение за да се згрижи такво дете. Тоа секако би требало да биде одведено во болница заради испитувања. Децата тогаш едноставно остануваат подолг временски период таму и тоа и до ден денешен се случува, иако во помал обем од порано."

„Децата од болница“

Повеќе од 200 девојчиња и момчиња во минатото на годишно ниво биле сместувани во болници и биле држени таму. Бројката во времиња на финансиската криза во Грција се зголемила, вели Ксенија Апостола од социјалната служба на болницата Аја Софија.

Денес, според податоци на синдикатите на вработените во јавните болници во и од околината на Атина, во болниците има повеќе од 70 деца. Некои таму престојуваат и повеќе од 6 месеци пред службите да им обезбедат место во дом за деца. Во случај познат на редакцијата на ДВ едно дете родено со хендикеп морало до тригодишна возраст да престојува во Аја Софија, без притоа да ги има воопшто напуштено болничките простории. Во друг случај дете седум години живеело во болница пред да им успее на службите да го сместат во институција во која имало услови за живот со неговата попреченост.

Griechenland Verlassene Kinder im Kinderkrankenhaus Aghia Sofia in Athen (The Manifold)

Децата понекогаш остануваат многу долго во болниците

Јоргос Николаидис е психијатар и претседател на Ланцароте-комитетот на Советот за Европа. Институцијата има задача да обезбеди заштита на децата во европски рамки. Николаидис смета дека таквото сместување на децата е „индикатор дека недостигаат други, посоодветни системи за заштита на децата, како што е на пример негата во случаи на нужда".

Веќе неколку месеци вработени во болниците се обидуваат да го актуелизираат проблемот. Како реакција се најдоа преодни решенија.

Така, на пример, Центарот за згрижување во Атика примил седум деца на возраст под четири години. Министерството за здравство во Атина потврди дека ќе прави нови сместувалишта во кои ќе може да живеат и сите „деца од болниците". Од таму се вели дека тие ќе може да функционираат уште од следниот месец.

Недоволна заштита на децата

Многу експерти не се задоволни со таквото решение. Тие посочуваат дека Грција е една од последните држави во Европа во кои заштитата и згрижувањето на децата се обезбедува речиси исклучиво преку домови. Со тие институции управува или државата, или Грчката православна црква, или пак невладини организации.

„Веќе има премногу институции", вели Софија Константелија од Центарот за социјални грижи во Атика. Таа смета дека решението на проблемот не се домови, туку други форми на згрижување.

Во Грција покрај тоа нема хомоген систем за заштита на малолетници. Наместо тоа стотици служби насекаде во земјата се занимаваат со темата, а нивните сфери на одговорност не се јасно раздвоени. Комуникацијата меѓу нив се одвива тешко. Неформални мрежи или ангажирани експерти кои се познаваат меѓу себе се активираат самоиницијативно за да спречат тешки последици. Секако дека кратењата во буџетот и на персонални решенија за време на економската криза во Грција не придонесоа за подобрување на ситуацијата. Владите во Атина во минатото постојано го отвораа ова прашање, а реформите беа неуспешни.

Сега изгледа како нешто да се придвижува. Се работи на централен регистар во кој сите институции, државни и приватни, ќе ги заведуваат децата кои се згрижени кај нив. „Ние веќе почнавме со тоа нашите досиеја да ги префрламе во регистарот", вели Константелија за ДВ.

Се бараат згрижувачки семејства

Натамошен чекор за решавање на проблемот беше новиот закон за нега и згрижување. Заменикот министер за социјала Теано Фотио посочува дека веќе се заведени и повеќе од 130 барања од потенцијални згрижувачки семејства, како и 600 други кои бараат трајно посвојување.

Griechenland Verlassene Kinder im Kinderkrankenhaus Aghia Sofia in Athen (The Manifold)

Детско игралиште во болницата Аја Софија во Атина

Но, напредокот е со брзина на полжав. Нема гаранции за тоа дека сите институции навистина ќе го користат новиот регистар, иако се законски обврзани за тоа. Специјални форми на нега бараат обемни протоколи, како и финансиски средства кои недостасуваат. Исто така е отворено како ќе се одразат врз започнатите реформи изборите кои премиерот Ципрас ги закажа за 7 јули годинава.

„Внимавај на себе, дете мое“

„Мислам дека згрижувачки семејства се идеално решение“, вели обвинителката Димитриу. „Секако дека и згрижувачки родители прават грешки како и сите други, но сепак е тоа семејство и специјална грижа за детето", додава таа. Се стравува дека грчкото општество сѐ уште не е „доволно отворено" за таквата форма на семејства, вели Димитриу, потенцирајќки дека нема комуникациска стратегија, ниту кампања која би можела да помогне јавноста да се сензибилизира за таков систем за нега.

Се враќаме во лобито на болницата Аја Софија. Постар човек во количка и една помлада жена кои посетиле пациент излегуваат на свеж воздух. Покрај нив поминува активист на НВО, а во негова придружба има 15-годишно момче. Двајцата туркаат количка со работите на детето до еден автомобил. Возилото ѝ припаѓа на организација која во свој склоп има и домови за деца. Краток момент во кој се среќаваат погледите на момчето и човекот во количка. „Внимавај на себе, дете мое", вели човекот. „И многу среќа."


Текстот го составија новинарите од новинарската мрежа Манифолд со седиште во Атина, Лондон и Никозија: Мариники Алевизопулу, Јанис Бабулијас, Јанис Орестис Пападимитриу, Ахилеас Завалис и Аугустине Зенакос.

Реклама