Грција: Данок на изнајмувањето станови на туристите | Економија | DW | 18.02.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Грција: Данок на изнајмувањето станови на туристите

На интернет-платформите, каде се нудат станови за туристите, има бројни понуди и за Грција. Грчката влада сака и нив да ги оданочи, зашто иако има зголемен број туристи, приходите од туризмот се намалуваат.

Марија е во тешка дилема. Во минатите години таа својот стан во атинскиот кварт Амбелокипои им го изнајмуваше на туристи и тоа ѝ беше финансиски спас. Но, сега и грчките даночни служби сакаат дел од парите кои таа ги добива директно од туристите: сите кои нудат свои станови на ваков начин, мораат да се запишат во регистар и се разбира, да го пријават остварениот приход. Ако на тој начин заработиле помалку од 12.000 евра, државата бара 15 проценти, ако станот е изнајмен најмалку 90 дена. Доколку станот е изнајмен уште подолго, данокот достигнува и до 35 проценти. Прекршителите на законот можат да бидат казнети со парична казна од најмалку 5.000 евра.

Марија, секако, не сака да го види своето вистинско име во медиумите, зашто уште не решила што да прави. Можеби ќе се оглуши на овој пропис и ќе ги задржи 40-те евра, кои дневно ги добива од туристите, во надеж дека даночните инспектори нема да ја фатат. А тоа ним не би им било тешко - за да ги привлече туристите, на интернет-платформата Марија мора точно да каже каде се наоѓа нејзиниот стан.

Или пак мора да ја зголеми цената за да може да го плати данокот. Зашто, не може да остане без на ваков начин остваруваните приходи. Вели, нејзиниот стан е и благодет и проклетство. Од еднастрана, добро е да има стан и да не мора да се грижи ни за старост. Од другастрана, тоа станува големо финансиско оптоварување за неа: го купила станот пред кризата за околу 100.000 евра и за таа цел зела кредит. Се разбира, не можела да знае оти нејизните приходи, поради кризата, ќе се намалат за речиси една третина, а ратите од кредитот остануваат исти.

Ова всушност ѝ бил единствениот излез: „Од изнајмувањето на станот на неколку дена, кога привремено морам да се селам кај родителите, имам мал дополнителен приход и од тие пари можам да го отплатувам кредитот“. Но, и грчката држава панично бара нови извори на приходи, посебно што во Грција не им е на сите јасно дека мора точно да ги пријавуваат своите приходи и да плаќаат данок.

Tourismus in Griechenland (DW/I. Anastassopoulou)

Грците принудени да нудат ниски цени на туристите

Повеќе туристи, а помалку приходи

Само на американската платформа Airbnb, на која секој може да понуди сместување за туристи, има понуди за околу 30.000 недвижности во Грција. Со овој нов закон, Атина во својата државна каса сака да внесе најмалку 250 милиони евра. Грчките даночни служби не се единствените кои инсистираат на донесување закон против „дивите“ угостители: Андреас Андреадис, кој е на чело на грчкото Здружение на туристичката индустрија, СЕТЕ, уште лани се жалеше на „нелојалната конкуренција“ од приватното сместување. А новите податоци од Грчката централна банка  се исто така доказ за очигледно големи суми кои одат во непознат правец: лани во Грција престојувале преку 24 милиони туристи, 5 проценти повеќе од претходната година. Без оглед на тоа, евидентираните приходи од туризмот бележат намалување. Во 2015. година тие изнесувале околу 14 милијарди евра, а лани цела милијарда помалку. 

Дали се виновни ваквите понудувачи на приватно сместување? „Веруваме во постоењето поврзаност, но за жал не располагаме со точни податоци“, вели портпаролот на Здружението, Ксенофон Петропулос. Во разговорот со Дојче веле, тој исто така го поздравува новиот пропис, предупредувајќи и на негови недостатоци. На пример, горната граница од 12.000 евра годишно: „Сигурен сум дека голем дел од приватните изнајмувачи ќе наштимуваат некако заработувачка под оваа граница, за да плаќаат помал данок.“

Петропулос и самиот признава оти има и други причини за намалените приходи освен конкуренцијата од платформата Airbnb и слични на неа. Политичката несигурност исто така им штети на приходите на угостителите. Дури по крајот на сезоната, есеноска, заврши првата проверка на напорите на грчката влада околу мерките за штедење, многу подоцна од планираното. „Одложувањата водеа до шпекулации околу иднината на Грција. За жал, поради тоа бевме принудени на странските туроператори да им нудиме многу ниски цени, за да привлечеме туристи во земјата“, се жали портпаролот на СЕТЕ.

Да се плати данок или да се продава?

На оваа несигурност всушност не ѝ се гледа крајот: грчката влада повторно преговара со кредиторите и сега се чека на втората проверка на грчките приходи и расходи. Притоа, Атина веќе не е единствената непозната во преговорите, еден од соговорниците е и ММФ, а со оглед што таму највисок финансиски товар носат САД, големо прашање е дали Вашингтон со Доналд Трамп на чело ќе сака да ѝ помага на Грција и на Европа. Околу тоа ќе дискутираат и министрите за финансии на земјите од еврозоната, кои имаат средба на  20. февруари.

Марија веќе размислува за продажба на својот стан, зашто тогаш веќе би немала грижи ни со даноци, ниту со кредит. Сумата на кредитната рата е поголема од киријата што би требало да ја плаќа, со оглед дека станарините во Атина значително паднаа поради кризата. Но, ако сѐ се пресмета, ни тоа не е решение:

„Имајќи ја во предвид сегашната состојба на грчкиот пазар на недвижности, за овој мој стан би добила најмногу 60.000 или 70.000 евра, а пред неколку години го платив 100.000 евра и во меѓувреме плаќав камати. Паметна инвестиција изгледа сосем поинаку“, констатира Марија.

 

DW.COM

Реклама