Грците поделени околу договорот со Македонија | Северна Македонија | DW | 23.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Грците поделени околу договорот со Македонија

Мнозинството Грци не сака да го дели името Македонија со соседите. Премиерот Ципрас од тоа би можел да профитира, пишува денеска печатот на германски јазик.

Под наслов „Спорот околу Македонија ги дели Грците“ неколку весници од Германија, Австрија и Швајцарија го пренесуваат текстот на Герд Хелер од Атина на тема спор за името. На почетокот на текстот се пренесува атмосферата во Грција пред гласањето во парламентот за Преспанскиот договор. Тој почнува со отвореното писмо на композиторот Микис Теодоракис до пратениците во грчкиот парламент, со кое тој од нив бара да му кажат „не“ на Преспанскиот договор , затоа што стравува од „непоправливи штети“ за својата земја. Натаму се вели:

„Така размислуваат многу Грци. Во истражување на јавното мислење на институтот Марк, објавено во неделата, двајца од тројца испитаници го отфрлаат Договорот. Во неделата на плоштадот Синтагма во Атина се собраа над 100.000 луѓе кои протестираа против Договорот. И покрај резултатите од анкетите и протестите, премиерот Алексис Ципрас се држи до она што по напорни преговори е договорено минатата пролет со македонскиот премиер Зоран Заев. Ципрас зборува за 'историски чекор'. Тој смета дека договорот за името е негова 'патриотска должност'. И, тоа може дури и да му успее... Набљудувачите сметаат дека на крајот за Договорот може да гласаат 152 или 153 пратеници.“

Повеќе: Македонија- најспомнувано име во Атина пред големата одлука

Давајќи кус преглед на спорот за името, авторот оценува дека „надвор од границите на Балканот спорот ретко наидува на разбирање“. Освен тоа, се наведува и дека покрај „внатрешнополитичката експлозивност“, спорот е и „безбедносно-политички пикантен“:

„Досега Грција поради спорот за името го блокираше приемот на Македонија во НАТО. Со приклучување кон Алијансата ќе се потисне растечкото влијание на Русија во регионот. А, Договорот има и економска смисла. Македонија е важен трговски партнер особено за северна Грција. И обратно, Македонија во голем дел од надворешнотрговското работење е упатена на грчкото пристаниште Солун.

Ципрас знае дека Договорот и покрај очигледните предности кои ги има за Грција и Балканот, нема мнозинска поддршка од грчкото население. Ратификацијата на Договорот значи нема да му донесе нови приврзаници, напротив. Ципрас смета со нешто друго. Малата централно-левичарска партија То Потами е соочена со распад поради конфликтот со Македонија, затоа што не може да најде заедничка линија. Тешки тензии поради тоа што дел од пратениците сакаат да гласаат за договорот со Македонија, напроти поинаквиот став на партиското раководство, има и во социјалдемократското Движење за промени, партија наследничка на социјалистичкиот Пасок. Ципрас се надева дека овие 'одметници' ќе може да ги приврзе за Сириза и дека ќе ги апсорбира навреме конкурентските партии пред парламентарните избори наесен, според мотото 'Подели, па владеј'.“

 

DW.COM

Реклама