1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Грците не знаат кои се“

З. Јордановски/дивелт/зц/фац23 јануари 2015

Според писателот Никос Диму, неговите сонародници имаат проблем со идентитетот. Тема за германските весници и денеска се претстојните избори во Грција, како и прашањето дали таа земја ќе профитира од решението на ЕЦБ

https://p.dw.com/p/1EPec
Фотографија: Aris Messenis/AFP/Getty Images

„Јас самиот си се правам неомилен кај Грците, оти искажувам вистини кои луѓето не сакаат да ги слушнат“, вели 80-годишниот писател, автор на бестселери како „За несреќата да бидеш Грк“, во разговор за германскиот весник „Ди велт“. „Грците отсекогаш имале тежок однос со Западот. Земјата е под идеолошки белег на православната црква и комунизмот, кои пак се антизападно насочени. Врз таа основа Грците претпоставуваат дека зад европската солидарност се кријат лоши намери“, вели Диму во врска со критиките во неговата презадолжена земја на сметка на европската програма за помош. „Грците со сите средства се обидуваат да побегнат од реалноста“, констатира Диму и го образложува со примерот од грчките учебници: „Според официјалното толкување на историјата, Грците секогаш биле прогонувани, никогаш не започнале војни, и, патем, секогаш имаат право. Од тоа произлегува самосфаќањето дека се супериорен народ кој потекнува директно од Софокле и Аристотел“. Консеквентно на ова, за реакциите на Грците на критичките написи во странскиот, првенствено германскиот печат, Диму вели: „Кој за себе верува дека е нешто сосем посебно и извонредно, а другите земји одбиваат да му искажат таков респект, тој тогаш се чувствува дека е неправедно третиран. Така настанува куриозитет - комплексот на супериорност станува чувство на инфериорност“. За Диму, односот на Грците со Европа е „улав“ - за неа зборуваат како нивната земја да е на друг континент, а ако им се каже дека Грција нема што да бара таму, се лутат и истакнуваат дека секако припаѓаат кон Европа, на која и’ го дале името и ја измислиле демократијата. „Притоа земјата не учествуваше во решавачкиот развој, кој Европа ја направи Европа. Грција не доживеа ни ренесанса, реформација, индустриска револуција, ниту просветителство. Грците илјада години живееја во феудална Византија, потоа следеа 400 години османлиска власт. Кога Грција конечно беше катапултирана во модерната, тоа беше културен шок. (...) Ние Грците имаме проблем со идентитетот. Ние не знаеме точно кои сме и каде припаѓаме, поради тоа сме несигурни и лесно повредливи. Европа и Грција - тоа е и приказна за едно недоразбирање“, вели покрај другото писателот Никос Диму за весникот „Ди велт“.

Nikos Dimou
Никос ДимуФотографија: Vladimir Rys

Притисок врз Атина

Во германските весници денеска тема е и новата програма на Европската централна банка (ЕЦБ) за откуп на државни обврзници во голем стил, од која сака да профитира и грчката влада. Но, в недела (25. јануари 2015) претстојат вонредни парламентарни избори, на кои се очекува победа на сојузот на левицата Сириза, кој е критички настроен кон мерките за штедење и реформи. Во тој контекст „Берлинер цајтунг“ нагласува:

„ЕЦБ затоа во програмата вгради механизам кој треба да го зголеми притисокот врз Атина: ЕЦБ ќе откупува само обврзници од највисок квалитет. Со тоа отпаѓаат државните обврзници на Грција и Кипар. Истовремено, маѓутоа, ЕЦБ дозволува и еден исклучок од тоа правило - ако земјата договорила со ЕУ програма за штедење и реформи. Програмата на Грција завршува во февруари, откупот на обврзници ќе започне од март. ЕЦБ значи ќе откупува грчки обврзници само ако земјата договори со ЕУ нова програма за подршка“.

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) проценува дека од партиите кои имаат изгледи да освојат места во парламентот, најверојатен партнер за коалиција на Сириза (доколку победи, а не обезбеди апсолутно мнозинство) би била партијата „Потами“ (Река), основана лани во февруари од поранешниот новинар Ставрос Теодоракис. Таа привлекува приврзаници оти „ветува дека се’ ќе направи поинаку од етаблираните партии“. „Потами“, инаку, нема членови, туку “доброволци“, за и на тој начин да се дистанцира од етаблираните партии. „Меѓу најважните цели на партијата спаѓа реформата на државниот апарат и сузбивање на клиентелизмот“, се вели во текстот. Пренесени се оценките на еден од истакнатите активисти, Милтос Киркос, дека Тројката (ЕУ, ЕЦБ и Меѓународниот монетарен фонд, н.з.) погрешила што не барала „и структурни реформи, со иста строгост со која бараше кратење на трошоците“. Киркос смета дека „Потами“ може да успее да го реформира државниот апарат оти во него таа нема свои клиенти, нема да биде под притисок од нејзините избирачи, како и затоа што на власт нема да донесе свои луѓе, туку експерти. И покрај „во основа различните сфаќања за улогата на државата, речиси сите кај Потами сакаат да владеат со левичарите“, а „црвените линии“ за соработка со Сириза се: „Нема напуштање на еврозоната и нема принудни даноци за штедните влогови во банките, како што бараат некои политичари на Сириза“, се вели во ФАЦ.

„Зиддојче цајтунг“ пренесува дека во финишот на предизборната кампања конзервативната „Нова демократија“ ја претставува иднината на земјата како во пекол ако победи Сириза, што „веројатно ќе го предизвика спротивното од посакуваното“, додека левичарската партија, пак, прикажува идилично секојдневие на ден по изборите. „Пекол или рај, се’ едно - пред овие судбински избори противниците повторно се решија на Грците да им ја премолчат вистината и наместо тоа да им нудат жртвени јарци. (...) Зборот реформа кај Грците денес има грд призвук. Ниедна влада во Атина нема да ја продолжи ригорозната политика на штедење, наметната од ЕУ. Таа би била и бесмислена, оти на земјата би и’ го одземала и последниот здив. Сега се поважни сите форми на поттик на стопанскиот пораст и поправедна распределба на товарот. Некакво инаетливо ’и натаму по старо‘ никому не му е од полза. Грција не може да преживее без помош од ЕУ. Точка.“, категорично зaклучува „Зиддојче цајтунг“.