Грците го губат трпението со бегалците: „Ова е инвазија!“ | Свет | DW | 01.03.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Грците го губат трпението со бегалците: „Ова е инвазија!“

Грција е во состојба на зголемена безбедност откако се соочи со наплив на илјадници мигранти кои се обидуваат да ја минат границата од Турција, а локалното население стравува од нова криза.

„Ова е инвазија“, вели Јоргос Карампацакис, градоначалник на селото Марасиа, во близина на граничниот премин со Турција на реката Еврос.
Повеќе од 13 илјади мигранти се собраа на турската страна од реката која се протега речиси 200 километри по должината на границата и ги дели од Грција.
Бранот мигранти од Турција ги разбуди стравовите во ЕУ од реприза на бегалската криза од 2015 година, кога Грција стана влезна точка на милиони мигранти, повеќето бегалци од граѓанската војна во Сирија.
„Ова е тоа што се случи во 2015, и сега се повторува. Илјадници на нашата граница, Бог нека ни е на помош“, вели 63-годишната Панајотија од пограничното село Кастаниес.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го подигна влогот најавувајќи дека ќе им дозволи на бегалците да минат кон Европа, во обид да изврши притисок врз ЕУ поради конфликтот во Сирија.
Грчката полиција се обидува да го одржи редот и приливот на мигранти користејќи и водени топови врз нив. Дел од мигрантите се обидуваат да ја препливаат пограничната река, други се обидуваат да се провлечат под заштитната ограда, додека бројот на оние кои чекаат на ничија земја се зголемува.

Грчкиот совет за безбедност одлучи да го зголеми нивото на будност на границата кон Турција на максимум и да го запре приемот на нови барања за азил од лица кои илегално ја преминале границата.

Griechenland Flüchtlinge an der türkisch-griechischen Grenze

Мигрант се радува по пристигнувањето на островот Лезбос


Владиниот портпарол Стелиос Пецас вечерва ја критикуваше Турција.
„Турција, наместо да ги контролира мигрантите и шверцерите со луѓе, самата стана шверцер“, изјави Пецас. Додаде дека Турција ги користи луѓето собрани на границата како „пиони“ со цел да изврши дипломатски притисок.

„Актуелната ситуација претставува активна, сериозна, вонредна и асиметрична закана за националната безбедност на Грција“, рече Пецас.

Во последните 24 часа, Грција блокираше околу 10 илјади луѓе кои се обидоа да ја преминат границата. Само од неделата (01.03.) во 6 часот утрото 5,500 мигранти се обиделе илегално да ја преминат границата, а 60 се уапсени. Некои сепак успеале да ја минат границата преку реката Еврос и да се упатат кон внатрешноста на земјата.

На грчките острови, каде бесот поради постојаниот прилив на мигранти се заканува да ескалира, локални жители блокираа брод со 50 бегалци кој се обиде да се закотви. Извикувајќи „Вратете се во Турција“, бесни локални жители ги блокираа и претставниците на агенцијата на ОН за бегалци на островот Лезбос.

DW.COM

Реклама