Груевски се шета или влече потези од Будимпешта? | Македонија | DW | 13.12.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Македонија

Груевски се шета или влече потези од Будимпешта?

За разлика од македонската јавност, која по вчерашната снимка на Груевски повеќе се посвети на „сеир“, коментарите во унгарската јавност рефлектираат посериозен пристап и критика. Што „работи“ тој во Будимпешта?

И по еден месец од бегството на Груевски во Унгарија, нема безбедносна проценка дали и колку тој акт може да ја чини Македонија во безбедносна смисла, со оглед дека станува збор за поранешен премиер кој десет години имал пристап до државни тајни и доверливи информации. Безбедносните институции се воздржани по ова прашање и го сместуваат под општото алиби „нужен молк додека трае истрагата“. И покрај фактот дека дел од тие суптилни безбедносни информации сигурно нема да бидат споделени со јавноста, сепак, нема потврда дека надлежните институции  работат на таква проценка, како и на анализа на последните фото и видео сведоштва за движењето на Груевски во Будимпешта: со каков профил на лица се среќава најпознатиот македонски азилант во Унгарија и за какви цели?

Премиерот Заев во минатонеделното интервју за ДВ, рече дека бегството на Груевски нема да има безбедносни импликации, но не исклучи одредена рефлексија.  

„Секако дека може да биде ранета Македонија на некој начин, затоа што се работи за човек кој десет години бил премиер. Се она што е доверливо, државна тајна, службена тајна, останало во најголем дел кај него. Но, јас сум убеден дека ако Груевски реши да 'удира', или како што тој знаеше да користи фраза 'забивање нож во грбот на Македонија', тој може да ја рани Македонија, но безбедноста не може да ја загрози“, рече Заев.  

 Азилант со личен возач

За разлика од македонската јавност, која по вчерашната тв-снимка повеќе се посвети на „сеир“ (ручек во луксузен ресторан, кесичка од шопинг) коментарите во унгарската јавност рефлектираат посериозен пристап и критика: „Ги изнајмил ли возилото и возачката услуга, или тие му се дадени на користење од унгарските власти? (...) Интересно - се шета на јавен простор, а се вози зад затемнети стакла! (...) Може да се открие чие е возилото, регистарската табличка се гледа на снимката (...) Откако беше објавен на фотографија во црвена јакна, веднаш ја замени со сина. По оваа снимка веќе нема да го видиме ни во сината. Следната боја ќе му ја одредат тие што се грижат за него (...) Груевски не ручашe но можеби сепак добил 'храна', бидејќи од таму излезе со кеса. Или тој нахранил некого со содржината во неа?“

Повеќе на темата:

-Истрага за бегството на Груевски: Резултати во наредните две недели

-Груевски во Будимпешта: Шета, џогира и бара апартман

-Отворено писмо на унгарската опозиција: Азилот за Груевски е „срам“ за Унгарија

Ваквите коментари на социјалните мрежи ги индицираат и бројните сомнежи во унгарската јавност дека не се работи за обичен азилант, туку лице чиј престој е обвиткан са сомнежи и за разни „нетипични активности“, со знаење и дозвола на оние кои му го овозможиле азилот.

Покрај ова, тоа што во Македонија отвора сомнеж, е дали Груевски и од Будимпешта ги влече конците во неговата матична партија, со оглед дека неговиот наследник Христијан Мицкоски, вчера одби да ги коментира снимките од Будимпешта.

„Ако не е важно зошто Заев не се откажал од хировите на неговите претходници, не е важно ниту зошто ВМРО-ДПМНЕ не се откажало од Груевски, важно е како Македонија да оди напред и како да обезбедиме подобра иднина“, изјави Мицкоски, одговарајќи дека разрешување на Груевски од функцијата почесен претседател може да се случи единствено на партиски Конгрес. 

Носачи на пораки

Од партијата засега молчат и околу гласините дека Груевски има посети од партиски членови, кои имаат задача да пренесуваат работи за лична потреба на Груевски, но и разни материјали и пораки од адресата „Плоштад ВМРО“ бр.1. Засега нема официјална потврда дали советник од Гази Баба бил неговиот последен гостин, но според гласините, Груевски има и други посетители, а она што го пренесуваат е од тековен карактер, бидејќи сето „важно“ што требало Груевски да понесе со себе - го однел! Алузиите се однесуваат на податоци од безбедносен карактер, но и материјали против актуелната власт. Ова го доведуваат и во врска со неодамнешните најавите на Мане Јаковлевски, еден од ветераните на ВМРО-ДПМНЕ, кој во тв-интервју изјави дека „очекува до крајот на декември во пријателска земја на Македонија да излезат бомби против Заев“.

„Си го снимале некои служби, надворешни. Баш да видиме што ќе се прави кога ќе излезат бомбите - што работел, од кого земал пари да го потпише тој Договор, како работеше да дојде на власт“, изјави Јаковлевски.

Тој потенцираше дека го поддржал изборот на Мицкоски за претседател на партијата, и дека очекува Никола Груевски еден ден да стане претседател на Македонија. Притоа, потенцираше дека и покрај тоа што ВМРО-ДПМНЕ ги добила изборите, Заев успеал да формира влада со заплашување и притисок врз албанските партии.

„Како работеле, што работеле и колку пари се нуделе, такви 'бомби' очекувам до крајот на годинава да излезат во јавноста во една соседна држава, од каде многу брзо ќе стигнат и кај нас. Да се надеваме дека информацијата што ми е испратена е точна, и очекуваме забавна зима во Македонија“, рече Јаковлевски.  

Други пак, очекуваат да има турбуленции во врска со скандалот за сниманите разговори во Обвинителството, а како индиција за тоа го посочуваат барањето на Мицкоски „веднаш да се формира независно тело предводено од кадар на опозицијата, кое ќе ги преслуша и анализира сите материјали од прислушкувањето на судиите и обвинителите“.

„Да ги видиме нарачаните пресуди за 'Поткуп', да ја видиме нарачаната пресуда за 'Глобал', да видиме како нарачувате обвиненија за луѓето од 27-ми Април, да видиме како нарачувате обвиненија за ВМРО-ДПМНЕ“, обвини деновиве Мицкоски.

Истрагата за снимките од телефонската централа во Обвинителството се уште трае, исто како и за бегството на Груевски, но со најава дека првите сознанија ќе бидат објавени најдоцна за две недели.  

 

DW.COM

Реклама