Груевски подготвува терен за десоросоизација | Македонија | DW | 04.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Груевски подготвува терен за десоросоизација

Најавената „десоросоизација“, упадот на УЈП во над 20 граѓански организации и најновото интервју на Груевски, упатуваат дека хајката против правдољубивото општество се интензивира, вели Фани Каранфилова-Пановска.

Жестоки реакции предизвикува првиот дел од мегаинтервјуто на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски за „Република“, во кое покрај кусиот дел за неговите здравствени проблеми со алергијата, остатокот е посветен на тешки критики на работата на соросовата Фондација во Македонија, регионот и светот.   Непотпишаниот автор на интервјуто јасно соопштува: „Се договоривме да направиме едно интервју поврзано со активностите на Сорос во Македонија“, по што Груевски реди серија критики за работата на Џорџ Сорос.

„Во Македонија, освен што има НВО, директно финансира, некои би рекле корумпира, голем број новинари, сопственици на медиуми, професори, интелектуалци, аналитичари, активисти, протестанти, како што вели Трамп, професионални протестанти“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Според него, Сорос во Македонија „поддржува криминалци и авторитарни политичари“, а од невладините организации направил „модерна армија“.

„Сите негови НВО и платеници секој ден зборуваат за слобода и за демократија. Тие што живеат овде знаат дека тоа го имаме, но мора да ги оправдаат парите што ги трошат. Никој од нив нема интерес да му ја каже вистината. А ним им верува. Сорос, освен еднаш во 1991. година на еден ден, никогаш не бил во Македонија и тој сликата за нас ја прави според тоа што му го кажуваат тие на кои им верува. Тој ги прифаќа нивните ставови и донесува одлуки на база на тоа, потоа плаќа за горе-долу преку тие луѓе да ја смени реалноста, која му е претставена како реалност. Последиците ги трпи целиот народ, а тој веројатно верува дека прави некоја добра работа. Да бил тука барем една недела или две, да се прошетал низ градовите и да поразговара со народот, би се фатил за глава околу тоа што прави, но тој нема време за тоа“, вели Груевски.

Притоа, на работата на соросовата Фондација во Македонија ѝ припишува партиска заднина.

„Човекот што 25 години е главен на институтот Отворено општество во Македонија е член на Централниот одбор на СДСМ. Од лани навидум се пензионираше, но, всушност, си постави лице кое е негов послушник, кое никој не го познава, ниту му го знае името, а ја води истата политика на претходникот. А, тие не се ни кријат дека се дел од СДСМ. Имаат говори против нас на политички митинзи организирани од СДСМ. Затоа ние почнавме да ги поистоветуваме и велиме СДСМ/Сорос“, потенцира Груевски во интервјуто.

Милчин: Тој сакаше да ја грујовизира Македонија!

Ова не е прва критика од Груевски на адреса на Владимир Милчин, поранешен извршен директор на соросовата Фондација отворено општество - Македонија (ФООМ) кој од таа функција замина на 30 јуни 2015 година. Милчин, кој во изминатите години беше постојана мета на напади од власта, дециден е дека „Македонија не смее да остане приватен посед на Груевски и неговата клика“.

Vladimir Milcin (Makfax)

„За злосторствата на овој деспот Македонија знае доволно. За неговото разобличување и јас лично имам значаен придонес и тоа веројатно е објаснение за неговата фиксација која навлегува во подрачјето на психопатологијата. Тоа дека Груевски лаже не е никаква тајна, но сега веќе не знам дали ги лаже другите или се лаже самиот себеси за да си го објасни она што му се случи: Ја изгуби апсолутната власт врз граѓаните на Македонија, а ја изгуби и поддршката од најважните задгранични пријатели. Од ден на ден е се поосамен. Премногу војни отвори и дома и во странство“, оценува Милчин.

Притоа ги лоцира невистините изнесени во интервјуто.

„Излажа дека Сорос само еднаш бил во Македонија, само во Скопје и тоа 1991. година! Во таа година ниту Сорос ја видел Македонија ниту имал фондација овде! Фондацијата е основана во септември 1992. година и тогаш Сорос прв пат дојде во Скопје. Во текот на деведесеттите години тој неколку пати беше во Скопје, Охрид и Тетово. Вториот човек на соросовите фондации, Арија Наер, исто така. Немаше македонски политичар со кого Сорос немаше средби: Киро Глигоров, Крсте Црвенковски, Стојан Андов, Абдурахман Алити, Арбен Џафери, Васил Тупурковски, Петар Гошев, Љубчо Георгиевски... Имаше средба и со премиерот Груевски, но во Прага“, потсетува Милчин.

Како лага го оценува и тврдењето на Груевски дека Сорос годишно давал по 8 милиони евра! „Не прекардашил, туку дуплирал!“, вели тој.

„Лаже Груевски и кога тврди дека јас седам во Централниот одбор на СДСМ, иако знае дека јас гласав против составот на владата што ја предложи Бучковски и два дни потоа си поднесов оставка. Тоа беше во 2005. година! Зар Груевски, новопечениот лидер на ВМРО, ќе ме поканеше на ручек во четири очи во ресторанот 'Томче Софка' ако не знаеше за мојата оставка, за која известија и некои медиуми?

Кога Груевски прв пат стана премиер, јас му испратив писмо во името на Фондацијата и му понудив соработка во европеизирањето на Македонија. Одговор не добив. Набргу ми стана јасно и зошто: тој имаше намера да ја грујовизира, а не да ја европеизира Македонија!“, потенцира поранешниот директор на ФООМ. 

Според него, токму тоа е причината за отпорот кој почна да расте во граѓанското општество, за брановите од граѓански протести предизвикани не од соросовите пари, туку од криминалите на злосторничкото здружение предводено од Груевски. „Кога граѓаните се кренаа, СДСМ сѐ уште беше во нокдаун. А потоа дојдоа 'бомбите' на Заев и гнасотилакот на режимот на Груевски веќе не можеше да се крие. Да, јас бев еден од говорниците на величествениот митинг на 'Граѓаните за Македонија' на 17 мај 2015 година. И не говорев тогаш прв пат против режимот кој ми се закануваше и ме клеветеше во континуитет, почнувајќи од 2007 година. И не ми беше потребен СДСМ за да сфатам какво зло ја најавнало Македонија и ја дотерало до работ на бездната“, дециден е Милчин.

USA George Soros Investor spricht in Berlin (picture-alliance/dpa/T. Peter)

Груевски ги критикува фондациите во Македонија кои ги поддржува Џорџ Сорос


Опседнатост со Фондацијата

Фани Каранфилова-Пановска, актуелна извршна директорка на ФООМ констатира дека интервјуто на Груевски, кое изобилува со лаги, неукост и опседнатост со теории на заговор, е продолжение на низата зачестени напади врз Фондацијата.

„Јасна е повеќегодишната тенденција на Груевски и на раководството на ВМРО-ДПМНЕ да креираат имагинарни непријатели и да се закануваат со 'чистки' на своите неистомисленици. Прогласот од 17 декември со кој Груевски, меѓу другите закани, најави и 'десоросоизација', оркестрираниот упад на Управата за јавни приходи во над 20 граѓански организации во текот на декември 2016, и сега ова интервју кое доаѓа на првиот работен ден во Новата 2017. година, упатуваат на тоа дека хајката против правдољубивото и слободољубиво граѓанско општество и против ФООМ добива на интензитет“, смета Каранфилова.

Според неа, нападите врз граѓанското општество кое бара политичка одговорност и правно санкционирање за криминалното десетгодишно владеење на Груевски, има за цел да го заплаши и задуши прогресивното граѓанско движење. Директорката порачува дека ФООМ останува посветена на принципите и вредностите на отвореното општество, кои значат ангажман за силно, професионално, сплотено и гласно граѓанско општество, кое ќе продолжи да се залага за владеење на правото, за одговорна власт, за борба против корупцијата, за заштита на човековите права и слободи, за слобода на медиумите, за помош на маргинализираните групи, за социјална правда и за мултиетничко општество.

Груевски во интервјуто не зборува за овие права и вредности, но толкува како Сорос оценувал кои општества се отворени, а кои затворени.

„Тој има одредена идеологија за која многупати и јавно говори, која ја заснована на принципи кои ги дефинира на отворени и на затворени општества, при што идеологиите на конзервативните, десноцетристичките влади, најчесто му личат на затворени, што е тотално неточно, ама тој така го доживува тоа“, вели Груевски.

Од ФООМ не се согласуваат со ваквиот црно-бел заклучок.

„Темелните принципи на отвореното општество по дефиниција не се во судир со десницата, ниту пак се во 'љубов' со левицата, како што сака да прикаже Груевски, обидувајќи се со разни манипулации овој сериозен граѓански активизам да го обезвредни и да го прикачи на некоја од партиите, така како што тој мисли дека може да се прави. Токму неговата опседнатост со фондацијата на Џорџ Сорос во Македонија ги потврдува принципите и вредностите на отвореното општество, кои се загрозени и се во конфликт секогаш и секаде кога на власт се лидери и партии кои демонстрираат упад во системот на поделба на власта, корумпирано и криминално владеење, селективна правда, национализам, дискриминација, хомофобија, авторитарност и репресија“, вели директорката на ФООМ.

Сите „секташи“ на Груевски

Ова не е прв напад на ФООМ од страна на Груевски. Во мај минатата година тој ја скандализираше јавноста кога изјави дека тренинзите во ФООМ најчесто ги вршеле највидните лица на организациите на Сорос, а од она што го слушал, често пати имало крајно секташко однесување. Запрашан што мисли под терминот „секташко“, тој објасни: „Еве еден пример што ми го раскажа еден од учесниците, мислам некаде во 2009. година од предавањата. Говорејќи им против политиките на Владата, побарале секој од присутните да се качи на маса и да скокне и да ја гази програмата на ВМРО-ДПМНЕ. Тотално лудо! Или барање во хор сите слушатели на предавањата да повторуваат: Оваа Влада не чини!!! И повеќе слични работи, кои човек го шокираат кога ги слуша!“

Со таа изјава Груевски за „секташи“ ги прогласи и дел од неговите најблиски соработници, амбасадори и градоначалници, вклучително и шефот на државата, со оглед дека во еден период биле активни во ФООМ. Според податоците од Фондацијата, актуелниот претседател на Република Македонија Ѓорге Иванов бил член на Управниот Одбор на соросовата Фондација од мај 2002. до октомври 2004. година. Член на УО бил и Паско Кузман. Актуелниот македонски амбасадор во Лондон, Јован Донев, бил претседател на УО од 1996. до 2002. година, а потоа и извршен директор на Институтот Евробалкан, каде еден од основачите била и соросовата Фондација. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, бил член на пододборот за доделување грантови за младински програми, а корисници на еднократни стипендии за студиски престој во странство биле актерот и член на ГДОМ, Тони Михајловски и Антонио Милошоски. Корисник на најголемиот грант што е доделен откако постои ФООМ, е печатницата „Европа 92“, чиј сопственик Ратко Димитровски беше пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и е нејзин градоначалник на Кочани во втор мандат. ФООМ платила 80.000 долари само за бродското осигурување на транспортот од САД до пристаништето во Варна, на печатарската опрема вредна над еден милион американски долари.

 

DW.COM

Реклама