1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски и Тадиќ се залагаат за европска интеграција и соработка

23 јули 2009

Само интеграција на сите земји од Западен Балкан е гаранција за стабилноста, развојот и целосната безбедност на граѓаните, оцени српскиот претседател по разговорите со македонскиот премиер во Белград.

https://p.dw.com/p/Ive8
Борис ТадиќФотографија: AP

Србија и Македoнија заедно се приближуваат кон одлуката на ЕК за укинување на визниот режим и тоа е огромен чекор, изјави српскиот претседател Борис Тадиќ на прес конференцијата по средбата со македoнскиот премиер Никола Груевски. Двете земји имаат различни ставови за Косово, но по одлуката на Меѓународниот суд на правдата повторно можат да седнат и да го разгледаат прашањето, изјави Тадиќ. Србија ќе ги брани своите легитимни интерси и културнотo наследство во Косово и никогаш нема да ја признае неговата независност, потенцираше српскиот претседател.

Тој е убеден дека доизградбата на коридорот 10 во Србија, која треба да заврши за три години, ќе придонесе за развојот на Македонија. Со изгрaдбата на енергетскиот коридор 10, односно далекуводот Скопје - Ниш, изградбата на гасоводот Врање - Куманово и отворање нови гранични премини, ќе се подобри економската соработка меѓу двете земји. Новиот закон за малцинствата во Србија, кој е во собраниска процедура, ќе придонесе за подобрување на положбата и на македонското малцинство, уверен е Тадиќ.

Gruevski Statement.jpg
Никола ГруевскиФотографија: DW/MIA

Македонскиот премиер Никола Груевски истакна дека Србија е голем економски партнер на Македонија, во трговската соработка секогаш се наоѓа на прво или второ место. Поради економската криза во последно време стопанската соработка е со намален интензитет, но Груевски истакна дека се надева на нејзино заживување. Македонија планира идната година да отвори културен центар во Србија. Со средбата со српскиот претседател Борис Тадиќ македонскиот премиер ја заврши еднодневната посета на Србија во чии рамки се сретна и со српскиот премиер Мирко Цветковиќ. Со него Груевски го отвори бизнис форумот во Стопанската комора на Србија на кој учествуваа стотина стопанственици од двете земји.

Автор: ЖА/АТ/бета

Редактор: Александра Трајковска