Груевски и Заев пред најжешките теми на масата во Брисел | Македонија | DW | 10.06.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Груевски и Заев пред најжешките теми на масата во Брисел

Лидерската четворка ќе разговара за принципите врз кои треба да функционира владата во транзицискиот период. Во зависност од напредокот, не е исклучено со медијаторска помош да се вклучи и дипломатски „тешкаш“.

Се е подготвено да започнат денешните разговори на македонската лидерска четворка под медијаторство на ЕУ во зградата „Берлемонт“ на Европската Комисија во Брисел. Преговарачкиот состав е комплетен: во европската престолнина уште вчера пристигнаа протагонистите на денешните разговори - Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи. Секој од нив допатува со своја стратегија и предлози за денешната средба, на која треба да се зборува за една од најжешките теми - составот на владата што треба да ја стабилизира европската иднина на Македонија во транзицискиот период до предвремените избори во април 2016 година. Од вчера во Брисел се и амбасадорите на ЕУ и САД во Скопје, Аиво Орав и Џес Бејли, кои на досегашните лидерски средби беа во својство на набљудувачи.

Салата за состаноци на 11 кат во „Берлемонт“ е „резервирана“ за разговорите на партиските лидери под медијаторство на комесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан, со почеток од 11 часот претпладне, но без лимит, односно на неодредено време. Според агендата, состанокот треба да започне со заедничка, рекапитуларна средба на лидерската четворка со комесарот Хан, а од 12 часот да почнат „тешките“, билатерални средби.

На дел од разговорите зад затворени врати можно е да учествуваат само лидерите, а на други форматот е „еден плус еден“, односно лидерите и по еден член од нивната делегацијата.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев е придружуван од заменик-претседателката Радмила Шекеринска и од професорката Рената Дескоска-Тренеска, а премиерот Никола Груевски од шефот на неговиот кабинет Мартин Протогер и од министрите за надворешни работи и за здравство Никола Попоски и Никола Тодоров.
На 2 јуни во Скопје четворицата лидери на средбата со Хан потпишаа условен договор за одржување предвремени парламентарни избори до април следната година, а во транзицискиот период дотогаш да решат важни прашања поврзани со изборното законодавство и со реформи што произлегуваат од поглавјата 23 и 24 - владеење на правото, независно судство, медиумска слобода, човекови права...

Johannes Hahn in Skopje

Јоханес Хан ќе биде медијатор на состанокот во Брисел



Нови разговори, стари позиции

Според дипломатски извори на денешната рунда нема да се разговара за детали, туку за клучните принципи врз кои треба да функционира владата во транзицискиот период.

Домашните аналитичари се поделени по прашањето кој треба да ја преводи владата во тој период. Едни сметаат дека треба да се формира политичка или политичко-експертска влада без Груевски во неа, а според други, поважно е спроведувањето клучни реформи отколку прашањето кој ќе биде премиер. Лидерот на СДСМ повтори дека нема да прифати преодна влада на чело со Никола Груевски да ги организира најавените предвремени избори во 2016 година. Од ВМРО-ДПМНЕ не прифаќаат такви условувања. Неофицијално, партијата е подготвена да и отстапи неколку министерски места на опозицијата. Од ВМРО-ДПМНЕ се повикуваат на добиениот легитимитет базиран на изборната волја на гласачите за нивен целосен мандат. Таквата позиција ненагласено ја поддржува и владејачката ДУИ, а заради формалната воздржаност на опозициската ДПА, таа се повеќе се толкува како „трет партнер“ во владејачкото друштво.
Имајќи го предвид ваквиот „распоред на силите“, домашните аналитичари очекуваат тешки и исцрпувачки разговори, со мала веројатност дека денеска може да се дојде до краен резултат. Но, не исклучуваат да се случи и мал напредок, односно симболично отстапување од сегашните тврди позиции, но исклучиво под влијание на медијаторските механизми на ЕУ. Малинка Ристевска-Јорданова од Институтот за европска политика во Скопје, вели дека нема големи очекувања од денешната средба во Брисел.

„Резултатот од првата рунда - договорот за предвремени избори во април, без претходно да се утврдат условите за нив, покажува дека беше насочен кон краткорочен резултат - одржување на препораката за преговори. Постојниот формат и фокус на преговорите очигледно цели кон постигнување минимум заеднички именител за кој можат да се договорат партиите кои учествуваат во преговорите, при што во старт партиите од власта имаат значајна предност. Тоа не соодветствува на карактерот и големината на проблемот, така што ризикот и да се изгуби препораката и да се нанесе долгорочна штета на македонската демократија, е - голем! Појдовна точка за комесарот Хан и кој и да е друг претставник на ЕУ, треба да биде констатацијата од Извештајот на ЕК за зголемена политизација и контрола на Владата врз државните институции - состојба што изминатава година дополнително се разоткри и се влоши. Клучно е европските институции да опстојат на услови за овој систем на контрола да се демонтира, за да може да започне процес на обнова на демократијата во Македонија. Единствено тоа би било кредибилно застапување на европските вредности во Македонија. Таков пристап бара симнување на дипломатските ракавици и нулта толеранција за кршењето на основните европски демократски вредности“, децидна е Јорданова.

Да не се релативизира кризата

Mazedonien Gewalt Proteste in Skopje

Невладини организации побараа од ЕУ и САД почитување на демократијата во земјата

Во обид да се изнајде излезно решение од политичката криза, еден ден пред разговорите во Брисел со слични ставови се огласи шеесет и една невладина организација. Тие предадоа писмено барање до амбасадите на Европската унија и САД во Скопје, во кое потсетија на своите црвени линии до кои може да се оди во преговорите, но и ја искритикуваа изјавата на еврокомесарот Хан, дадена во САД, во која тој, последните парламентарни избори одржани во 2014 година, ги оквалификува како генерално позитивни.

„Да не заборавиме дека ОБСЕ/ОДИХР, во извештајот на кој се повикува комесарот Хан, се осврнува на низа недоследности и незаконитости во изборниот процес, почнувајќи од селективниот пристап на медиумите во информирањето, прогонот на неистомислениците, неподеленоста меѓу државата и партијата, како и констатацијата дека за време на изборите можеше да се почувствува структурно насилство кое пред сѐ, се однесува на државната администрација“, изјави Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет.

Таа нагласи дека ЕУ и САД имаат голема одговорност во спроведувањето на демократијата во Македонија.

„Релативизирањето на проблемите со политичката криза во земјава, демократијата и нефункционирањето на институциите само ќе помогнат да се одржува диктатурата во земјава што ќе претставува големо разочарување за сите проевропски граѓани што сакаат да живеат во демократија и просперитет“, рече Пировска.

Во зависност од (не)напредокот во денешните разговори, не е исклучено дека со медијаторска помош може да се вклучи и некој дипломатски „тешкаш“.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама