Груевски во Будимпешта: Шета, џогира и бара апартман | Северна Македонија | DW | 12.12.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Груевски во Будимпешта: Шета, џогира и бара апартман

Денеска изминува 1 месец откако Груевски избега во Унгарија, за да избегне издржување на 2-годишната затворска казна во Македонија. Првите наоди на Обвинителството за начинот на кој избегал, се најавуваат за 10-тина дена

Груевски во Будимпешта е сместен во познат и луксузен хотел во градот, излегува на прошетки, многу често џогира, има посети од лица од Македонија и е во потрага по постојано живеалиште, надвор од хотелски објекти. Ова се информациите кои еден месец кружат меѓу лица блиски на поранешниот премиер, а добија извесна потврда со фотографијата што вчера проциркулира на социјалните мрежи, каде тој е фотографиран во фреквентен дел од Будимпешта. 

Минатата недела албанската телевизија „Топ ченел“ објави фотографија од Груевски како лично управува возило, за која тврдеше дека е снимена на граничниот премин Хани Хоти на албанско-црногорската граница на 11 ноември 2018 година во 19 часот и 11 минути. Информацијата ја преземаа голем број албански и македонски медиуми, и покрај тоа што само со куса проверка можеше да се утврди дека станува збор за стар кадар од видеото направено на 21-ви декември 2017 година, кога Груевски е снимен на улица во Скопје како со неговото возило марка „пунто“ го предводи партискиот протестен конвој од автомобили во знак на поддршка на притворените за упадот во Собранието од 27-ми април.

Потврдено од новинар

За разлика од манипулацијата со таа фотографија од „Груевски на граница“, за автентичноста на оваа од Будимпешта медиуми се повикуваат на потврда од британскиот новинар Даниел (Ден) Нолан, кој го лоцирал местото каде е фотографиран Груевски, но не сакал да открие кој е автор на фотографијата. Нолан е фриленс новинар, кој од Будимпешта често известува за британските „Гардијан“ и „Дејли телеграф“, но и за други европски медиуми, главно за теми од културата, политиката и човековите права во Централна и Источна Европа. Во 2016 година бил меѓу номинираните за Европската награда за печат, со авторски труд посветен токму на рефлексиите од односот на Унгарија кон миграциската криза. Покрај неговата потврда на автентичноста на фотографијата, друга официјална потврда нема. 

Повеќе на темата:

-Одземен пратеничкиот имунитет на избеганиот Груевски

-Отворено писмо на унгарската опозиција: Азилот за Груевски е „срам“ за Унгарија

-Орбан му помага на Груевски од три причини

Извори од матичната партија на Груевски не се впуштаат во оценка дали е тоа актуелна фотографија, или од некоја од претходните, како што велат - „од неговите многу честите посети“ на престолнината на Унгарија. Но, она што може со сигурност да го потврдат  - е дека тој од почетокот на неговото бегство телефонски контактирал со негови сопартијци и дека „речиси нема функционер во ВМРО-ДПМНЕ кој не го знае неговиот нов телефонски број“. Тврдат дека се јавил на сопруги на негови сопартијци кои неодамна беа притворени, на довчерашните најблиски соработници, но и на некои од осумте независни пратеници кои гласаа за отворање на процесот на уставни измени.

 Првите сознанија за десетина дена

И додека македонската јавноста се занимава со автентичноста на фотографијата, се уште нема резултати од истрагата за начинот на кој Груевски избега од Македонија, точно пред еден месец. Српскиот претседател Александар Вучиќ, изјави дека на 11-ти ноември околу 22.30 часот Груевски влегол од Црна Гора во Србија на преминот Гостунм со регуларна лична карта и во придружба на две лица. По возење цела ноќ низ Србија, на 12-ти ноември во 5 часот и 11 минути ја напуштил земјата на преминот Хоргош, кога со дипломатско возило, лична карта и привремен патен лист рано утрото влегол во Унгарија.

Токму на овој аспект се осврна и премиерот Заев во минатонеделното интервју за Дојче веле.

„Не прашувам како влегол од Албанија во Црна Гора и во Србија. Прашувам како излегол од Србија. Сакам да знам како наш граѓанин ја поминал српската граница кон Унгарија, без пасош. Сакам да знам, дали кој било од нас, ќе го пуштат без пасош со лична карта да влезе во Унгарија, земја членка на ЕУ (...) Не знам како се дава тој патен лист, ни кој го дал. Сакам да ги знам тие информации. Барањето на тие одговори е мое право“, рече Заев.

Одговорите ги бара и Обвинителството. Во петок истекува рокот од 10 дена кој го дадоа 14 невладини организации, барајќи јавноста да добие одговори од истрагата, а во спротивно, најавија дека ќе бараат политичка одговорност од највисоките функционери. Но, сосема сигурно е дека до петок нема да има одговори.

„Првичните сознанија од истрагата ќе ги соопштиме најрано за десетина дена“, велат од Обвинителството за Дојче веле.

Како причина за тоа го наведуваат големиот обем на материјали кои треба да се прегледаат и анализираат, за јавноста да добие точни и проверени информации. Покрај големиот обем на снимки од системот „safe sity“ кои треба да се прегледаат, на анализа се и листинзи од голем број телефонски разговори, а се чекаат и дополнителни снимки од Албанија и Црна Гора. Покрај снимките од граничните полиции, Обвинителството ги побарало и снимките со кои располагаат царинските служби на овие земји, кои се обезбедени и треба да ги преземат деновиве.  Оттаму потенцираат дека фокусот на истрагата е ставен на тоа како и со чија помош Груевски ја напуштил земјата - почнувајќи од неговото последно престојувалиште, се до излезот од македонска територија.      

 

DW.COM

Реклама