Груби: ВМРО-ДПМНЕ е против закон за јазици што самата го прифати | Македонија | DW | 06.03.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Груби: ВМРО-ДПМНЕ е против закон за јазици што самата го прифати

Истиот закон за јазици ВМРО-ДПМНЕ го прифати на 29 јануари (2017. н.з.) во 13 и 30 часот, вели пратеникот на ДУИ, Артан Груби. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека не се работи за истиот текст, но не објаснуваат во што е разликата.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, не открива дали и како ќе се постапува по 35.569 амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ за Законот за употреба на јазиците во трето читање, кој се наоѓа на дневниот ред на денешното продолжение на 32-та седница.

„Ќе решиме на лице место“, изјави за ДВ, Џафери.

Извори од ДУИ сметаат дека законот треба да се гласа без воопшто да се отворат амандманите. Иако засега не е јасно дали ќе има гласање, новина е што на работната маса на Џафери е поставен мини-заштитник кој треба да оневозможи обид некој да му ја одземе пратеничката картичка, како што имаше случај во изминатите месеци. Има ли спикерот формула за повторно изгласување на законот, откако претседателот Иванов не го потиша указот, со оценка дека е противуствен? Според пратениците - нема!

Повеќе на темата:

-Законот за албанскиот јазик- капитално прашање од конфликтот во 2001 година

-Се бара заеднички јазик за законот за јазиците

-Со 30.000 амандмани не се коригира закон, туку се блокира парламентот

Тешко без договор

До вчера не била постигната согласност со опозицијата за повлекување на амандаманите или за нивно групирање, а никаков договор не беше постигнат ниту на завчерашната лидерска средба Мицкоски-Заев. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека партијата останува на ставот дека законот е неуставен и треба да биде повлечен. Во мнозинството тврдат дека законот е уставен, но ако постои дилема за тоа е надлежен Уставниот суд. Тој став го повтори и премиерот Заев.

„Законот треба да се донесе во Собранието, па кој смета дека не е уставен да го оспори пред Уставниот суд, а не да се блокира Собранието пред вакви важни моменти за изгласување еден куп реформски закони од кои зависи европската иднина на Македонија“, порача завчера Заев.

Од парламентарното мнозинство сметаат дека претседателот на Собранието, сепак, нема да ја отвори расправата за јазиците без претходно да има договор со опозицијата. Според нив, денеска најверојатно ќе се расправа за други закони кои минатиот пат не биле изгласани, а потоа ќе се премине на закажаното продолжение на 11-тата седница, на чиј дневен ред е предлог- законот за изменува на Законот за заштита од пушењето. Тврдат дека е најдобро усвојувањето на Законот за употреба на јазиците да се одложи за април или мај, сега да им се даде приоритет на реформските проекти, а во меѓувреме да се работи на усогласување на ставовите со опозицијата.

Но, и во мнозинството има различни ставови за пристапот кон повторното усвојување за Законот а употреба на јазиците. Едни сметаат дека при вториот обид за негово усвојување нема потреба од амандманска расправа, а други дека тоа е деловничко право, но и дека бројката на поднесени амандмани мора да се сведе на разумно ниво. Како пример го посочуваат податокот дека дури 33.000 од амандманите се однесуваат само на членот за казнени одредби. Ако тие и другите амандмани се групираат според членовите од законот на кои се однесуваат и се третираат како еден амандман, според пресметките, тогаш ќе останат „само“ околу 470 амандмани, за кои парламентот ќе расправа две до три недели.

Повеќе на темата:

-Законот за јазиците ги распали зборовите

-Законот за јазици репресивен или инспиративен за протести?

-Унапредена употреба на албанскиот јазик во Македонија

Отпор против прифатен закон

Но, опозицијата не се согласува со групирање на амандманите, а тоа е неприфатливо и за ДУИ. Од партијата потсетуваат дека тоа е истиот законски текст кој ВМРО-ДПМНЕ го прифатила по парламентарните избори од декември 2016 година, кога течеа разговорите меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ за формирање влада. Ова во ТВ-настап на „Телма“ минатата недела ги повтори и пратеникот на ДУИ, Артан Груби, реплицирајќи му на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев. 

„Рековте дека сте подготвени да ги повлечете сите амандмани ако се повлече законот од собраниска процедура, што е јавно признание за уценување во процесот на усвојување на законот, и јавно признание дека амандманите не се за подобрување на законот, туку злоупотреба на целата процедура за блокирање на Собранието и на законот“, рече Груби.

Додека на видео-ѕидот стоеше дел од текстот на законот за употреба на јазиците, Груби рече дека тоа е истиот закон што го прифатила и ВМРО-ДПМНЕ.

„Можам да го споредам со законот што го прифати и ВМРО-ДПМНЕ, ако сакате и член по член. Прифатен е на 29 јануари, во 13 и 30 часот - финалната верзија! Идентичен е. И затоа ми е нелогично, да не речам, лицемерно, да се употребува толку чувствителна тема за затворање на Охридскиот договор, на кој се потписници и ВМРО-ДПМНЕ, и СДСМ, и другите партии. Заеднички ги гласавме уставните амандмани. Македонија стана посилно општество со Охридскиот договор, со Државниот универзитет во Тетово, со Универзитетот Мајка Тереза, со законот за симболите, со законот за употребата на јазиците, со Албанците во администрацијата... Македонија стана посилна затоа што јас станав полојален граѓанин, а станав полојален граѓанин затоа што сум поеднаков граѓанин“, рече Груби.   

Од ВМРО-ДПМНЕ и натаму тврдат дека не се работи за ист текст, но не објаснуваат во што е разликата. Оттаму стигнуваат и неофицијални најави дека максимално ќе се спротивстават на какви било обиди за „шверцерско“ усвојување на законот, надвор од законските и деловнички процедури.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид

 

DW.COM

Реклама