„Гробарот“ Николиќ му ја расипа забавата на Вучиќ | Свет | DW | 17.02.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Гробарот“ Николиќ му ја расипа забавата на Вучиќ

Српскиот премиер фанатично сака да контролира сѐ. „Гробарот“ Николиќ, како што го нарекува виенски „Пресе“, за него би можел да се покаже како опасен расипувач на забава. Ако има втор круг на изборите - сѐ е можно.

„Политички земјотрес во Србија“, јавува германската агенција ДПА за „жестокиот судир на двајцата најважни политичари“. „Вучиќ беше едногласно одреден од неговата семоќна партија СНС за кандидат на претседателските избори кои се очекуваат во април. Актуелниот претседател Николиќ, основач и поранешен претседател на Српската напредна партија, не сака да му направи место на својот политички син и планира повторно да се кандидира. Според извештаите, Николиќ, во замена за откажувањето од највисоката државна функција, залудно бара да стане наследник на Вучиќ на чело на владата и на партијата“.

ДПА констатира дека двајцата водечки политичари на Србија застапуваат „две различни фракции во СНС. Николиќ сака потесна соработка на балканската земја со Русија. Вучиќ е за ЕУ и САД гарант на натамошното приближување на Србија кон Западот“.

„Завршено е со хармонијата во српската националпопулистичка владејачка партија СНС“, пишува виенскиот весник „Пресе“. Се додава дека претседателството на СНС го прогласило „навидум семоќниот“ Вучиќ за свој кандидати дека дури и Радомир Николиќ, синот на актуелниот претседател, „го аминувал развластувањето на својот татко“.

Но потоа, се додава во текстот, беше јавено дека Николиќ сака да се кандидира. Министрите како Дачиќ, Вулин и Михајловиќ распалија по претседателот. „Аналитичарите нагаѓаат дали Николиќ само сака да ја зголеми својата отпремнина или навистина ќе се впушти во изборна трка која за него е прилично безнадежна“, пишува „Пресе“.

„Николиќ долго беше нарекуван гробар, поради некогашната директорска функција во градските гробишта во Крагуевац. Ретко кој му дава шанси на претседателот да влезе во вториот круг на изборите без поддршка од СНС, а му прогнозираат околу седум отсто од гласовите. Но за Вучиќ, кој фанатично сака да контролира сѐ, гробарот би можел да се покаже како опасен расипувач на забави и немерлив ризик. Без верните гласачи на Николиќ од централна Србија тешко е можна најавената лесна победа на фаворитот Вучиќ во првиот круг. Доколку Николиќ во борбата за гласови повлече и некои скелети од орманот, тоа би можело да ја загрози и наизглед сигурната победа на Вучиќ во вториот круг против бившиот министер за надворешни работи Вук Јеремиќ, поранешниот омбудсман Саша Јанковиќ или дури и ултранационалистот Воислав Шешељ“, заклучува „Пресе“.

 

DW.COM

Реклама