Граѓаните се гушат, надлежните спијат! | Македонија | DW | 28.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Граѓаните се гушат, надлежните спијат!

Проблемот со загадувањето не се решава со препораки, туку со сериозни превентивни мерки. Сезонава, за жал, тие повторно затаија. Експертите алармираат - цехот поради неодговорноста е превисок!

Студот повторно донесе црнила во воздухот. Нивото на загаденост еруптира со застрашувачки димензии. Мерните станици во Скопје и уште неколку градови во внатрешноста веќе со денови детектираат алармантни концентрации на отровни материи во воздухот. Опасните ПМ-честички некаде се дури за десет пати зголемени. Грејната сезона ја врати старата болка на главниот град, кој очигледно е пред уште еден долг период на гушење. Граѓаните веќе се вознемирени:

„Катастрофа, уште не почнала зимата, а погледнете! Имаме толкава планина пред нас, која не можете да ја видите. Црнила, се загушивме“, реагира Атанас, средовечен жител на Скопје.

Густиот сообраќај, греењето, прашината од градежните зони, оџаците од производствените погони - факторите што влијаат на загадувањето се повеќекратни, но колку од нив и доминантни, никој јасно не утврдува. Високото ниво на загадување за упатените периодов не е ништо ново, но изненадување е што повторно изостанува сериозен план за превенција:

„Како да се преземат мерки кога веќе почна грејната сезона? Сите интервенции се прават вон сезона. Како на пример ќе ги искоординирате луѓето да сменат огревни материјали? А тоа мора да се случи, затоа што поинаку нема намалување на загадувањето. Состојбата е толку загрижувачка што ние веќе не можеме да им препорачуваме на граѓаните да не излегуваат надвор. Со вакво енормно загадување и со сомнителни градежни материјали кои не знаеме колку се ефикасни, се сомневам дека и домовите можат да нѐ заштитат. Факт е дека изворите на загадување припаѓаат на повеќе сектори, но оние што треба да преземат мерки веројатно ја чекаат пролетта. Цената која за жал ја плаќаме е во голем број заболени и смртни случаи, посебно кај луѓето со кардиоваскуларни проблеми“ , предупредува д-р Драган Ѓорѓев, од Институтот за јавно здравје.

Гледај видео 00:45

Скопје заробено од смог и магла

Планови и прописи има, но не се спроведуваат

Спасот од загаденоста, според експертите, е во сериозни мерки, а не во препораки. Но за ефикасен одговор потребна е координираност и ефикасност што на овој план изостанува:

„Постојат прописи, планови, документациски сме подготвени, но имплементацијата никако да профункционира. Секој ја префрла вината на некој друг и никој не може да направи еден интегрален чекор напред кон подобрување на состојбите. Мерките се привидно скапи, но дефинитивно поевтини од здравствените ефекти. Мерките се акции кои треба да се преземат континуирано, а резултатите нема да се добијат веднаш, туку после месеци и година, што очигледно дека не е атрактивно за оние кои што треба да ги преземат. Затоа топката се префрла и нема систематско делување во сите сегменти, во делот на урбаната политика, создавањето зелени зони, сообраќајот“, реагира Ѓорѓев.

Дел од упатените немаат дилеми дека паралелно со институционалниот, проблемот е и општествен. Вината е и кај самите граѓани кои не ги менуваат навиките и начините, посебно во делот на греењето, сообраќајот и слично. Но она што е ургентно, велат, е да се делува превентивно, а не само да се бара кај кого лежи вината:   

„Иако Министерството за животна средина сѐ уште не ги објави студиите кои би требало да ја разрешат дилемата од каде точно доаѓа аерозагадувањето, несомнено е дека главните фактори се загревањето на домовите, сообраќајот, индустријата и градежните активности. Кој придонесува во колкава мерка не е јасно и во вакви услови не е ни толку важно, бидејќи во услови кога имате елементарна непогода, на пример поплава, не прашувате од каде дошла водата и кој е виновен за тоа, туку правите сѐ што можете за да се спасите. Исто треба да биде и со аерозагадувањето, кое е на ниво на елементарна непогода - мора итно да се намали за граѓаните да не страдаат од здравствените ефекти. Дури потоа треба да се бара виновник“, реагира Невена Смилевска, програмски координатор за клима во центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест".

Граѓаните се исто така дел од проблемот

Голем дел од решението на проблемот, според Смилевска, лежи и кај самите луѓе. Начини за подобрување на состојбите има, но потребна е одговорност и координираност:

„Планови се носат и тоа е во ред бидејќи тие се потребни, но за нивно спроведување неопходна е координирана акција меѓу сите надлежни институции, а комуникацијата е евидентно дека не е на соодветно ниво. Од друга страна, неопходно е почитување на препораките кои институциите им ги даваат на граѓаните. Значи, ако се даде препорака да се користи јавен превоз наместо индивидуално возило, направете го тоа затоа што и од Вас зависи степенот на аерозагадување. Голем дел од граѓаните, сепак, сѐ уште не се свесни за сопствената улога во проблемот. На пример, целосно е неоправдано да појдете на протест за аерозагадување пред надлежната институција, која и да е таа, ако во деновите со високо загадување возите автомобил, или ако сте го откажале парното греење во вашиот дом за да горите дрва. Ако сакаме проблемот да се реши веднаш, секој од нас мора да преземе одговорност за сопственото аерозагадување и соодветно да ги прилагоди своето однесување и практики“, коментира Смилевска.

Црната статистика е поразителна

Една од позначајните мерки, паралелно со менување на навиките во делот на употребата на средствата за греење, според упатените, е и воведување строги правила, но и ограничувања во сообраќајот:

„Скопје е хендикепиран поради местоположбата без природно проветрување, затоа мора урбано планирање со зелени пространства, посебно кај сообраќајниците кои би го филтрирале воздухот, но ние тоа го немаме. Апсолутно мора да се забрани или ограничи сообраќајот во централниот дел на градот, а не да ги викаме автомобилите да дојдат затоа што имаме катни гаражи. Дополнително да се воведат и мерки за забрана на возила со под Еуро 4 мотори. Но, очигледно е дека на ова се гледа како на социјален проблем, па веројатно и тоа е една од кочниците. Сите избегнуваат конкретни мерки, и граѓаните и надлежните се недисциплинирани и не делуваат координирано. Но, за тоа воопшто не гледам оправдување“, реагира Ѓорѓев

Колкав е проблемот со аерозагадувањето во Скопје, но и останатите градови во внатрешноста на земјата покажуваат испитувањата, посебно оние од страна на меѓународните институции. Светска банка веќе предупреди дека загадувањето на воздухот во Македонија е едно од најголемите во Европа. Земјата е неславен рекордер и кога станува збор за изложеноста на граѓаните на загаденост на воздухот со т.н. цврсти честички. Црната статистика е поразителна. Годишно најмалку 1300 смртни случаи се како последица на загадувањето, а постојано расте и бројот на оние на кои им е потребно соодветно лекување.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама