Граѓаните можат да здивнат- пари од банки и од штедилници ќе можат да се подигнат со пасош или потврда од МВР | Северна Македонија | DW | 19.08.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Граѓаните можат да здивнат- пари од банки и од штедилници ќе можат да се подигнат со пасош или потврда од МВР

По неколкунеделните нервози, надминат е проблемот со подигнување на пари од банките и штедилниците без важечка лична карта.

По неколкунеделните нервози надминат е проблемот со подигнување на пари од банките и штедилниците без важечка лична карта. „Согласно Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, како документ за идентификација на банкарските клиенти, покрај личната карта може да биде земена предвид и патната исправа. Оттука, граѓаните коишто имаат важечки пасош, а немаат важечка лична карта, услугите и производите од банките и штедилниците може да ги користат со приложување важечката патна исправа“, велат од Македонската банкарска асоцијација (МБА).

-повеќе на темата: Над 30 илјади граѓани не можат да добијат лични карти поради воведувањето етничка графа

Изминатиов период, над 40 илјади граѓани се соочија со проблеми во секојдневниот живот, поради немање важечка лична карта. Иако имаат поднесено барање за нови документи, МВР не е во можност да издава нови лични карти, се додека не се одблокираат законските измени коишто чекаат да бидат изгласани во парламентот. Во меѓувреме, МВР започна да издава потврди за да го олесни секојдневното функционирање на граѓаните, но ваквите пусулчиња не беа прифатени од страна на банките и штедилниците. 

Во случаите кога граѓанинот нема ниту валиден пасош или патна исправа со важност продолжена до 31.12.2021 година, ниту валидна лична карта, својот идентитет ќе може да го докаже со потврдата издадена од Министерството за внатрешни работи дека е поднесено барање за издавање на нова лична карта. Ваквите потврди се издаваат при аплицирање (фотографирање) за нова лична карта.

-повеќе на темата: На избори со истечени лични карти?

Сите банки и штедилници веднаш мора да го применат ваквиот начин на идентификување на клиентите. Граѓаните по добивањето на новите документи се должни да ги ажурираат податоците. 

Со проблемот со личните карти се соочија над 40 илјади граѓани, на коишто им истекла важноста на документите за време на падемијата. Тие изминативе месеци аплицираат, се фотографиират, плаќаат за нови документи, но нови лични карти едноставно нема.  Надлежните велат дека новите документи ќе се издаваат дури откако ќе се изгласа законскиот предлог за етничката графа во документите, кој заглави во Собрание. 

Предлог-законот за лични карти е блокиран, со повеќе од 1.500 амандмани поднесени од опозицијата, а 1.200 се од партијата Левица. Премиерот Зоран Заев денеска оцени дека со овие амандмани се нанесуват непоправливи штети.