Граничните контроли скапо ја чинат ЕУ | Економија | DW | 08.03.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Граничните контроли скапо ја чинат ЕУ

Колкави се економските штети од повторното воведување гранични контроли во рамки на ЕУ? Околу тоа се полемизира жестоко, а проценките се далеку едни од други.

Околу 400 милиони граѓани од 26 европски земји кои се дел од Шенгенскиот простор досега можеа да ги минуваат границите без да бидат контролирани. Но, поради бегалската криза, голем број земји повторно воведоа гранични контроли. Германија тоа го стори во ноември и засега контролите важат до мај.

Дека овие контроли предизвикуваат економски штети е неспорно. Колоните на границите водат до доцнења во транспортот на стока, фирмите мора да држат повеќе стока во магацините, оние што патуваат до работното место мора да патуваат подолго, а туристите се премислуваат дали да тргнат на пат, зашто еднодневните тури во соседната земја можеби веќе не се исплаќаат.

Голема разлика

Проценките за висината на штетите меѓутоа се многу различни - некогаш се зборува за штети од 10 милијарди евра, некогаш за 235 милијарди евра.

Европската Комисија во петокот (04.03) предупреди дека е можно да настанат „значајни економски трошоци“ во висина од 5 до 18 милијарди евра годишно. Притоа, предвид се земени трговијата со стока, транспортот на лица кои патуваат до работното место и туризмот.

Германскиот сојуз на индустриски и трговски комори ДИХК трошоците кои произлегуваат од колоните, времето на чекање, дополнителната бирократија и зголемените издатоци за складирање на стока ги проценува значително повисоко. Само за германското стопанство трошоците би можеле брзо да станат „10 милијарди евра годишно“, проценува ДИХК.

Штети од милијарди евра

Уште повисоки трошоци предвидува истражувањето кое на крајот на февруари го претстави фондацијата Бертелсман. Штетите само за германската економија, според оваа студија, во наредните 10 години би изнесувале по околу 23,5 милијарди евра годишно. Притоа треба да се потенцира дека студијата ја има предвид само трговијата.

За целата ЕУ (без Луксембург, Малта, Кипар и Хрватска) авторите сметаат со штети по брутодомашниот производ до 143 милијарди евра годишно. Тие притоа поаѓаат од тоа дека цените на увозот во целиот Шенгенски простор поради контролите ќе се зголемат до 3 проценти.

И во студијата направена од францускиот Институтот за стратешки истражувања се проценува дека цените на увозот ќе се зголемат до 3 проценти. Долгорочно, трговијата меѓу земјите од Шенгенскиот простор би можела да се намали за повеќе од 10 проценти. Економското постигнување во ЕУ би било пониско за 0,8%, што е отприлика - 110 милијарди евра.

Ако земеме предвид...

Секоја статистичка проценка во голема мерка зависи од појдовната основа. Тоа различните истражувања ги прави тешко споредливи едно со друго. Пример од студијата на фондацијата Бертелсман: статистичарите поаѓаат од тоа дека „контроли на внатрешните рганици на ЕУ ќе има“, иако во моментов се дискутира пред сѐ за контроли на Балканската рута.

Статистичарите потоа преку својот софтвер проверуваат различни сценарија, како што е на пример зголемувањето на ценитена увозот за 3%, за да симулираат економски последици. И тогаш се користат економски модели кои се точни само под определени теоретски предуслови.

Студијата на Бертелсман содржи само седум извори од литературата, од кои пет се поврзани со економски истражувања. Најстарото е од 1988 година, а три други се од 90-тите години, што значи од време кога ЕУ беше значително помала и кога еврото не постоеше.

Само една студија е од 2016 година, и таа е од францускиот Институт за стратешки истражувања, кој во своите заклучоци доаѓа до сосема други бројки.

Ризик

Заклучок: сѐ уште не се знае ништо прецизно. Веројатно и затоа истражувањето на францускиот Институт за стратешки истражувања завршува со општо предупредување дека граничните контроли се „ризик за иднината на европскиот проект“.

Претседателот на ЕК Жан-Клод Јункер тоа го формулираше уште појасно: „Кој ќе го убие Шенген, ќе го закопа внатрешниот пазар.“

Реклама