Граничен спор: Словенија и Хрватска одат кон судир | Свет | DW | 27.12.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Граничен спор: Словенија и Хрватска одат кон судир

Истекува рокот за надминување на спорот меѓу Словенија и Хрватска околу границата. Словенија соопшти дека до петок ќе го осигура своето право на две третини од Пиранскиот залив.

Во граничниот спор меѓу Словенија и Хрватска околу Пиранскиот залив, сѐ е насочено кон бура, оценува германската агенција ДПА, која дури не исклучува и „вооружени судири“:

„Словенија има намера од петок да почне со спроведување на пресудата на меѓународниот суд, донесена минатото лето, според која на државата ѝ припаѓаат две третини од Пиранскиот залив. Полицијата тогаш ќе ја преземе контролата над 'нашето море', најави премиерот Миро Церар. Хрватска би можела да се спротивстави, поради тоа што таа ја третира пресудата како 'ништовна'.

ЕУ вложи многу енергија за пред осум години да ги принуди двете закарани земји на постапка за надминување на судирот кој трае четврт век. Поради тоа што Словенија ги прекршувала правилата од постапката, Хрватска истапи од процесот уште во 2015 година. Сепак, судот летоска донесе одлука: Словенија доби широко право на располагање со морето и со тоа доби пристап до отворено море. Наспроти тоа, Хрватска помина подобро при повлекувањето на границата на копно.

'Словенија ја има целата ЕУ на своја страна, а Хрватска е сама', ја опиша состојбата хрватскиот портал 'Индекс'. А, за Загреб би можело да стане и уште полошо. Словенија во меѓувреме најави дека ќе го блокира хрватското приклучување кон Шенгенскиот простор, исто како и приклучувањето кон еврозоната или ОЕЦД. За време на божиќните празници многу странски туристи се жалеа поради километарските колони на словенско-хрватската граница. Загреб зборува за шиканирање од страна на соседот со цел да му се нанесе штета на туризмот.“

Grenzstreit zwischen Slowenien und Kroatien (picture-alliance/dpa/A. Bat)

Поглед на Пиранскиот залив од хрватска страна

Притоа, според ДПА, неофицијално се преговара за решение според примерот на вековниот граничен конфликт меѓу Холандија и Германија на устието на Емс во северна Германија. „Ден Хаг и Берлин во 2014 година склучија договор со кој егзактната граница во заливот Доларт и натаму останува отворена. Двете страни се согласиле да ги решаваат сите прашања со меѓусебна согласност“, се вели во анализата на германската новинска агенција.

„Словенија инсистира на 'европското и меѓународното право' и со тоа на спроведување на судската одлука. Таа сега во Пиранскиот залив има намера да ги спречува десетиците хрватски рибари да минуваат 'низ словенечки територијални води' без дозвола. Истовремено, Љубљана на десетици граѓани чии куќи и имот со одлуката ѝ се ветени на Хрватска, им нуди преселба на државен трошок. Доколку Хрватска не попушти, против нејзе ќе биде поднесена тужба пред меѓународните судови“, се вели во анализата на ДПА.

 

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама