Градоначалник кој уриваше табуа: Бутарис заминува во пензија | Свет | DW | 07.09.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Градоначалник кој уриваше табуа: Бутарис заминува во пензија

Јанис Бутарис беше градоначалник на Солун речиси девет години. Со својот антиидеолошки пристап придвижи многу нешта, поради што мораше да трпи и навреди.

Атмосфера на преселба на третиот кат од Градското собрание во Солун. Датум: 30 август. По осум години и осум месеци од функцијата градоначалник си заминува Јанис Бутарис. Го сакале или не, 77-годишникот испиша историја. Некако му успеа да ги засени не само своите колеги во Атина или во другите општини, туку неретко и членовите на грчката влада. Опширни портрети во големи интернационални медиуми - толку внимание досега не му е посветено на ниту еден градоначалник на Солун.

Винар и прагматичар

Јанис Бутарис важи за позитивен исклучителен пример на грчки антиполитичар. „Шпигел“ го нарече „најневообичаениот политичар во земјата“. Притоа, тој всушност е винар. И - поранешен алкохоличар кој не пие со години. Никогаш не го криел тоа. Бутарис е прагматичар и не се ни обидува да го сокрие својот вистински лик зад политички идеологии. Тоа го разликува од останатите политичари во Грција.

Кога во 2011 година ја презеде градоначалничката функција, финансиската криза само што земаше залет, а неговиот претходник во својот џеб си беше ставил повеќе милиони од градската каса. Тоа многу го отежна неговиот прв мандат. „Од 2010 година државата им дава поддршка на комуните од само 30 проценти од вообичаениот буџет. Од 5.000 вработени, останаа само 3.500. Освен тоа, ние како град не можевме да вработуваме кого сакаме. Тоа оди на централно ниво. Така, ние не располагаме со стручен персонал кој всушност ни е потребен.“

Но, Бутарис некако успеа во она во што останатите општини не успеаја: „Солун е економски здрав.“

Thessaloniki | Giannis Boutaris im Gespräch mit DW-Korrespondent Florian Schmitz (DW/Z. Koutalianou)

Јанис Бутарис во разговор со дописникот на ДВ од Солун, Флоријан Шмиц

„Мора да се спротивставите на табуата“

Навистина, се чини дека е заслуга на Бутарис тоа што Солун напредува. И тоа и поради тоа што никогаш не се плашеше од отворен конфликт: „Солун беше конзервативен град. Овде беше најдобро да сте националист или патриот.“ Но, тоа значеше и големи ограничувања. Строго „православната клима“ комбинирана со љубов кон татковината заснована врз сопствено толкување на историјата, со години го изолираше Солун. Инвестиции речиси воопшто немаше, а загрозен беше и туризмот.

„Кога сакате да промените ваков еден идентитет, мора да им се спротивставите на табуата. Мора да се предизвика експлозија.“ А во неговиот мандат такви експлозии имаше повеќепати. На пример, кога сакаше да преименува делови од улицата Свети Димитрија, која го носи името на градскиот светец на Солун, во улица Ататурк. Основачот на модерна Турција е роден во вториот по големина град во Грција. Доволна причина за Турците да патуваат во соседна Грција. Но, тие почнаа да доаѓаат дури откако Бутарис им пристапи отворено и воведе директна авиолинија помеѓу Истанбул и Солун. Пред неговиот градоначалнички мандат доаѓаа по 8000 Турци годишно, а во меѓувреме доаѓаат по 100.000.

Прифаќање на историјата

Солун има богата мултиетничка историја. Меѓутоа, долго време доминираше „националната перцепција“. По распадот на Османлиското Царство беше потиснат фактот дека во градот со години покрај Грците, доминираа и христијаните со словенско потекло, дека половина од населението било еврејско, или дека Османлиското Царство донесло не само окупација, туку и процут на трговијата и културна размена. Границите на Балканот се вештачки, вели Бутарис. Ние сме заедно, уверен е тој. Оваа филозофија на мирна коегзистенција на сите религии и етникуми стана жртва на елинизацијата, а со тоа и благосостојбата на градот.

Griechenland Thessaloniki | Jüdisches Museum (Imago Images/D. Delimont)

Музејот на холокаустот во Солун

И поради тоа Јанис Бутарис не држи многу до национална романтика. Зашто, многуслојните процеси на отворање во времето на неговиот мандат имаа и економска компонента. Слободни луѓе, слободен пазар. „Ако нешто не функционира, тогаш мора да се остави зад себе. Уверен сум дека ако не се познава минатото, не може ниту да се гради иднината.“

Бутарис беше тој кој го разби молкот кој падна врз градот по холокаустот, град кој порано се нарекувал „Ерусалим на Балканот“. Ќе се гради музеј на холокаустот, а половината од финансиските средства ќе дојдат од германските даночни обврзници. Тел Авив и Солун се партнерски градови. Во меѓувреме туризмот од Израел бележи бум. На либералниот Јанис Бутарис не му е само до пари: „Со овие луѓе кои доаѓаат не правиме само добивка, туку и разбираме дека ние не сме посебни, туку има и други кои ни се слични.“

Солун како балкански град

Оваа мешавина од прагматичност и разбирање на сопствената историја го определува и неговиот став кон северниот сосед. Бутарис се отвори и кон северните соседи, иако тоа сигурно не беше по волја на многу граѓани на Солун. Албанија и Бугарија, тоа многумина можеа донекаде да го поднесат. Но, кога премиерот на тогашна ФИРОМ, а денешна Северна Македонија, Зоран Заев, во 2017 година ја пречека Новата година во Солун, беше поинаку. Многумина тоа го сфатија како предавство. Половина година подоцна беше потпишан Преспанскиот договор.

За Бутарис завршувањето на спорот за името значи чекор кон иднината. И, тој се надева на поголемо прифаќање од страна на неговите сонародници: „Кога се има еден проблем, тогаш мора да се дојде до договор. Тоа значи дека нешто се зема, а нешто се дава. Соседот го промени своето име и Уставот, без да дојде до војна. За мене тоа е добивка.“

Griechenland Thessaloniki Altstadt Meer Festung (DW/ D. Kyranoudi)

Отворањето на Солун е добивка за градот, вели Бутарис

Бутарис смета дека јачината на регионот е во неговата културна и етничка разноликост. „Кога при вакви спорови чувствата ќе го надвладеат разумот, тогаш се губи. Наш интерес е да немаме лоши односи со нашите соседи.“

Притоа Бутарис мисли на националистите и ултраконзервативните. Тие го мразат. Во мај 2018 година градоначалникот беше дури и физички нападнат. Многу идеолози се радуваат што тој си заминува. Но, процесите на отворање иницирани од негова страна тешко ќе можат да се вратат назад. „Мојот наследник сфати дека отворањето значи добивка за градот. Се надевам дека ќе остане на тој пат.“

Бутарис сега како претседавач на фондацијата ќе се посвети на Музејот на холокаустот, а приватно, како што вели, ќе живе онака како што тоа го барал и од своите сограѓани: слободно и со земање на судбината во свои раце.

DW.COM

Реклама