Градоначалникот на Зилт - нацист | Свет | DW | 06.08.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Градоначалникот на Зилт - нацист

На 75-годишнината од Варшавското востание, градоначалникот на Зилт ги замоли Полјаците за прошка. Еден негов претходник на функцијата, Хајнц Рајнефарт, во 1944. година како генерал на СС-единица наредил масакр врз цивили

Polen Warschau | Gedenken an das Wola-Massaker: Bürgermeister der Gemeinde Sylt (DW/M. Sieradzka)

Сегашниот градоначалник на Зилт Николас Хекел побара прошка од Полјаците

Градоначалникот Николас Хекел беше видно потресен додека држеше говор пред споменикот подигнат во чест на 50.000 цивили масакрирани во варшавскиот кварт Вола во 1944. година. Повеќе стотини луѓе во понеделникот (05.08) дојдоа да го видат и чујат човекот кој е сега на функцијата на која своевремено бил озлогласениот СС-генерал Хајнц Рајнефарт.

Срам поради „Варшавскиот џелат“

Името на Рајнфарт им е познато на многумина граѓани на Варшава. Тој имал прекар „Варшавски џелат“ и раководел со единици кои  за време на Варшавското востание убивале цивили по улиците. Добро познат е и фактот дека по војната тој ја продолжил политичката кариера како угледен градоначалник на Вестерланд, град на островот Зилт. Полска во повеќе наврати барала негово испорачување, но до тоа никогаш не дошло. Исто како што тој никогаш не бил осуден во Германија.

Николас Хекел е огорчен поради тоа. „Се срамам поради тоа и се обидувам да се соземам, како градоначалник, но и како приватна личност“, изјави тој на собирот во Варшава, замолувајќи во име на жителите на Зилт „понизно за простување и помирување на нашите судбински поврзани општества.“

Во Варшавското востание против германските окупатори учествувале 50.000 борци на движењето на народниот отпор, многумина од нив многу млади, без воена обука и лошо вооружени. Немале шанси против надмоќните Германци, но се надевале дека поддршка ќе им пружат западните сојузници и Црвената армија, која тогаш веќе била на другиот брег на реката Висла. Но, помошта изостанала и полската престолнина платила голем данок во крв. За време на борбите кои траеле два месеци, убиени се околу 200.000 луѓе, додека големи делови од Варшава биле срамнети со земјата.

Polen Warschau | Gedenken an das Wola-Massaker: Bürgermeister der Gemeinde Sylt (DW/M. Sieradzka)

Стотици луѓе се потсетија на масакрот во Вола

Товарот на минатото

На овие настани од пред пет години потсетува спомен-плоча на портите на градското собрание на Зилт, која во својот говор ја спомена и Николас Хекел. „Хајнц Рајнефарт, од 1951. до 1963. година градоначалник на Вестерланд, како командант на борбена единица бил еден од одговорните за ова злосторство.  Посрамени, се поклонуваме пред неговите жртви  и се надеваме на помирување“, пишува на плочата. 

Пасторката на тамошната лутеранска протестанска заедница, Ања Лонер, добро се сеќава на жестоката дебата водена околу спомен-плочата. Таа тогаш се залагала чувствителните теми да бидат изнесени пред јавноста. Сѐ почнало со едно електронско писмо од Полска, во почетокот на 2013. година. До Ања Лонер било упатено прашање дали ја знае приказната за Рајнефарт и дали би сакала да поработи на помирување.

Осетлива тема

За нацистичкото минато на бившиот градоначалник таа знаела понешто, но не ги знале деталите. „Тоа никогаш и никаде не беше тема. Кога го добив електронското писмо, почнав веднаш да собирам информации, бев вџашена од она што се случило, но истовремено и од тоа што овде тоа било премолчено“, изјави Лонер за ДВ. 

Таа побарала од градот „на политичко ниво да се соочи со приказната за Рајнефарт“, по што градската управа формирала работна група за испитување на темата.

75. Jahrestag Warschauer Aufstand (picture-alliance/dpa/Nietfeld)

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас и неговиот полски колега Јацек Чапутович на комеморацијата по повод 75 години од Варшавското востание

Лонер го пренесува првичното незадоволство на граѓаните. „Прво постоеше голема одбивност за воопшто да се занимаваме со таа тема, од страв од можни конфликти. Рајнефарт по војната овде бил успешен, познат, почитуван. Многумина кои го паметат уште се живи, па и неговото семејство.“

Пред пет години Ања Лонер и самата отпатувала во Варшава, заедно со делегација која се поклонила пред споменикот на жртвите во Вола, а на иницијатива на тогашната градоначалничка на Зилт, Петра Рајбер. И таа тогаш ги замолила Полјаците за прошка.

Прошка за извршителите

Ванда Трачик-Ставска, една од околу илјада уште живи припадници на движењето на отпорот во Варшава, „е среќна што дојде германска делегација за да им оддаде почит на жртвите на масакрот во Вола.“ Таа го цени тоа што граѓаните на Зилт покажале одлучност да се соочат со својата историја и што се обидуваат да ги разберат последиците на фашизмот. 

Во разговор за ДВ таа вели дека им простила на извршителите. „Тие убиваа, но јас и самата станав војник за да убивам“. Трачик-Ставска била член на извидничката организација „Сиви редови“, која со сите сили се борела против окупаторот. Била задолжена за врски меѓу штабовите и единиците на движењето на отпорот, но и со оружје в рака се борела на варшавските барикади. А потоа заедно со уште 3.000 соборци паднала во германско заробеништво.

Денес има 92 години и предупредува на опасностите од враќање на фашизмот. „Додека има живи луѓе кои непосредно го доживеале фашизмот, ќе можеме да се спротиставуваме на ширењето фашистички тенденции“, истакна оваа воена ветеранка на комеморацијата во Варшава.

 

DW.COM

Реклама