Го прочитал ли Курц извештајот на ЕК за Македонија? | Македонија | DW | 28.11.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Го прочитал ли Курц извештајот на ЕК за Македонија?

Вакви „излети“ не придонесуваат за излез од кризата, особено ако се спротивни на констатациите во извештаите на ЕК, велат аналитичари по обраќањето на австрискиот министер Себастијан Курц на митингот на ВМРО-ДПМНЕ.

Brüssel Außenminister Österreich Sebastian Kurz (Getty Images/AFP/E. Dunand)

Себастијан Курц, министер за надворешни работи на Австрија

„Скандал“, „Врв на европското лицемерие...“, „Европејци му кумуваа на Пржино, Европејци го претвораат во тоалетна хартија“... Ова се само дел од реакциите во јавноста по вчерашните пораки со поддршка за ВМРО-ДПМНЕ, кои ги упати австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц, на митингот на владејачката коалицијата „За подобра Македонија“ во Скопје.

Иако учеството го најави „во својство на претставник на сестринска партија“, од домаќините официјално беше најавен како министер за надворешни работи на Австрија, а и Курц самиот ја релативизираше „разликата“ во својството, изјавувајќи дека е среќен што негов колега е македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски.

Политиколози и амбасадори се согласуваат дека присуството на странски претставници од сестрински партии е вообичаен чин, но оние кои држат до принципите внимаваат на изборот и нивото на таква партиципација, а најмногу на политичкиот контекст во кој таа поддршка би ја дале.

„Се прашувам кои биле вистинските мотиви за ваков настап и од што бил стимулиран“, вели поранешниот амбасадор Нано Ружин.

„Во време кога Македонија е во политичка криза која кулминира по обелоденувањето на аудио-индиции за крупни криминали на власта, и криза за која две години се бара излез со активна партиципација и медијаторство на официјален Брисел, вакви индивидуални излети не придонесуваат кон таа цел, особено не со изјави кои се длабоко спротивни на констатациите во извештаите на Европската Комисија. Но, со оглед дека десничарскиот екстремизам е многу присутен во некои држави, не е изненадувачки фактот што нивни функционери таков популистички пристап и поддршка се подготвени да дадат за политичари како што се Орбан, Вучиќ или Груевски“, вели Ружин.

Според него, она за што најмногу можат да му бидат благодарни од ДПМНЕ на Курц, е фактот што тој не ги спомнал „бомбите“.

„Веројатно ги третира како работа на судската власт во која политчарите не се мешаат“, укажува Ружин, додавајќи дека австрискиот министер во обраќањето останал во зоната на „надворешната политика“.

Партија за пример

Но, и во таа сфера Курц не се прослави.

„Особено сме среќни што Македонија е на добар пат кон Европската унија“, рече австрискиот министер за надворешни работи, во време кога Македонија никогаш не била подалеку од ЕУ. Македонскиот успех Курц го лоцираше во спречувањето на мигрантскиот бран. 

„Особено сум благодарен за подршката што ја добивме од страна на Македонија во 2015 и 2016 година. Бегалската криза беше голем предизвик за Австрија. Во 2015 година 90 илјади бегалци дојдоа во Австрија, а преку еден милион ја минаа нашата држава. Без вашата Влада немаше да бидеме во состојба да ја затвориме Балканската рута. Со вашата влада успеавме да ја затвориме. Многу сум ви благодарен што нѐ поддржавте во оваа особено тешка состојба за нас“, рече Курц.

Со слични пораки се обрати и германскиот политичар, Тобијас Цех, потпретседател на групата на Европската народна партија во Советот на Европа, кој изрази благодарност до македонскиот народ, до Владата и Никола Груевски.

„Сите вие заедно направите голема работа за вашата држава, но и за цела Европа. Вие сте една партија што е пример. Не е битно да се погледне само назад, туку и напред. Имав можност да ја видам програмата на ВМРО-ДПМНЕ која содржи многу проекти што ќе се спроведат во иднина“, оцени Цех. 

Поддршка на автократи

Ова, но особено обраќањето на австрискиот министер, ги вжешти социјалните мрежи: „Заради мигрантите ли ќе му прогледаат низ прсти на режимот?“, „Ќе трампаат демократија за мигрантска рампа“, „Ова ли е принципиелна борба за европски вредности?“, „Го прочитал ли Курц извештајот на ЕК за Македонија?“ Дел од овие прашања ги акцентираше и поранешниот македонски амбасадор и преговарач за името, Никола Димитров.

„Европската Комисија вели дека Македонија е заробена држава. Австрискиот министер за надворешни работи, Курц дојде во Скопје за да им даде поддршка на заробувачите. Нека не ве чуди. Поддршката за проширувањето во Австрија е најниска во Европа - 71 отсто се против. Очигледно им одговара Македонија никогаш да не им затропа на врата. Ќе поддржуваат автократи, па потоа ќе велат дека нема доволно демократија, правда и борба против организиран криминал и корупција за да почнеме преговори“, напиша Димитров на Фејсбук.

Во сличен стил и новинарот Бранко Тричковски упати порака до „господинот австриски министер“.

„Е па, убаво, господине Курц, сакам да Ве замолам да пренесете во Виена, во Берлин и во Париз, дека сте биле на централниот митинг на едно Злосторничко здружување во Скопјанг, чија победа на претстојните избори ѝ гарантира на Европа бран од најмалку 200.000 бегалци од злото во првата половина на следната година и, можеби, уште триста илјади до крајот на 2017. Вашата омилена влада, можеби, успеа да сопре неколку стотици несреќници на Богородица, но во меѓувреме успеа да ви испорача 600.000 бегалци преку северната граница на државата што ја уништи. Партиската солидарност, господине Курц, е една работа, а глупирањето пред демократските, културните и мултикултурните традиции на една Австрија, е нешто сосема друго!“, напиша Тричковски.

Поради ваквите ставови и пораки од европски политичари кои од „партиска солидарност“ замижуваат пред реалноста, со што соучествуваат во опструирањето на можноста за излез од криза, во јавноста сѐ повеќе флуктуираат предлози Европската Комисија да биде информирана со илјадници писма од Македонија кои ќе укажат на ваквиот непринципиелен однос на европски политичари и на нивниот  лицемерен однос кон европските вредности.

DW.COM

Реклама