Големосрпскиот идеолог повторно на слобода | Свет | DW | 12.11.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Големосрпскиот идеолог повторно на слобода

Српскиот ултранационалист Воислав Шешељ е пуштен на слобода по 12 години минати во затвор во Хаг. Пресуда во случајот нема, а Шешељ е сега грижа на властите во Белград, кои не се одушевени од одлуката

Неговата најголема бина требаше да биде судницата на Хашкиот трибунал, каде доброволно се предаде во 2003 година, со ветување дека ќе го победи „антисрпскиот суд“. Тоа беше најава на мелодрамата и кабарето, кои на крај, се чини ќе останат без епилог. Обвинителите го товареа Шешељ за организација и водство во неколку паравоени формации, наводно одговорни за бројни злосторства во Хрватска и во Босна. Освен тоа, беше обвинет и за вербален деликт, воено подбуцнување, инспирирање убиства и малтретирање на не-Срби. По три години чекање на почетокот на судењето, Шешељ во едно од првите појавувања јасно рече што мисли за обвинението и за судот:

„Вие сите, припадници на секретаријатот на Хашкиот трибунал можете само да прифатите да ми...“ Сцената беше само негова, зашто преку штрајк со глад издејствува дозвола да се брани самиот себе си. Српската јавност можеше во живо да го следи судењето. Првиот сведок на обвинението, американскиот социолог Ентони Обершал, Шешељ го испитуваше за Авогадровиот број и масата на елементите. Обершал, кој пред социологијата дипломирал физика, не ги знаеше одговорите.

„Гледаме дека не сте никаков физичар. Тоа, значи, ве истерало во социологија, така ли е?“, триумфираше Шешељ.

Процесот се развлекуваше мачно, слабо и пред се‘-бавно. Тешко кој правник може да оправда 12 години притвор. Без пресуда, тоа се 12 години живот одземени на еден, официјално, невин човек. Изрекувањето на пресудата првично беше планирано за октомври 2013 година, но беше одложено бидејќи данскиот судија Фредерик Хархоф реши да игра политика. Тој, во приватно испратено писмо на адресата на 56 колеги, тврдеше дека Хашкиот суд премногу ги ослободува обвинетите, што Шешељ го искористи за да бара негово изземање, иако знаеше дека тоа само ќе го продолжи процесот. Во јуни го одби привременото пуштање на слобода, чиј услов беше да носи електронска белезица за надзор, воздржување од политички активности и давање интервјуа. Процесот се оддолжи и зашто во 2007 година во една од своите книги Шешељ објави податоци за тројца заштитени сведоци, за што доби 15 месеци затвор за непочитување на судот.

Често изгледаше како ни на самиот Шешељ да не му се брза, дека победата над „србормрсците“ мора да биде темелна и убедлива. Во притворот имаше време и пишуваше книги, всушност, обемни политички памфлети, неговата библиографија досега брои над 150 навредливи наслови од кои најнаивно е срочен „Хашка антисрпска гилотина“.

EU nein Danke

Кампања на Радикалната партија на Шешељ

Од комунист до Карлобаг

Роден во Сараево, Шешељ на 25 години станува најмлад доктор на науки во историјата на Југославија. На почетокот на 80-те ја кине членската книшка на Сојузот на комунистите, каде пристапил уште како тинејџер, и се поврзува со белградските салонски и вулгарни националисти. Станува познат како дисидент, кога е осуден на осум години затвор поради „контрареволуционерно загрозување на општественото уредување“. Казната му е скратена на две години, меѓу другото и поради петицијата потпишана од различни дисиденти, од кои многумина се подоцнежни негови противници. Тоа ќе биде првиот од неколкуте престои во затвор, каде во 1990 беше кратко и поради организирање воени доброволци. Шешељ работеше трудољубиво и гласно на големосрпскиот проект, со коктел од отровни пароли и стенд ап комедија.

„Хрватите сега ни се страшно поопасни, зашто Хрватска стана нуклеарна сила. Тие набавија атомско оружје - озрачени калашникови од Унгарија“, рече во познатата Минимаксовизија во 1991 година. Таму објасни дека Хрватска е целосно непотребна, дека Србија мора да биде до Карлобаг, додека Италијанците треба да ја земат Истра. Во таа емисија покажа пиштол. Младата фолк-ѕвезда Драгана Мирковиќ пребледе.

Вака во 1997 година новинарот на „Берлинерцајтунг“ го опиша Шешељ:

„Тешко е овој човек да се сфати сериозно. На пример, додека настапува во костум на четнички војвода, во борбена облека и со шубара, кои никако не одговараат на трапавото и млитаво тело на џин, со дебел мев, карактеристични очила и руса коса на патец. Четниците мора да имат долга црна коса и брада, да бидат жилави и со ѕверски поглед, токму како Вук Драшковиќ, прототипот на српски херој. За Шешељ кружат потсмешливи гласови дека потекнува од Хрвати, кои ги мрази од длабочината на душата; на Србите тој дури им изгледа некако германски, што е своевиден компаратив за хрватски...Попристојниот Белград го смета Шешељ за марионета во куклената претстава режирана од самиот Слободан Милошевиќ, толку почитуваниот и толку демонизиран Татко.“

Vojislav Seselj Serbien und Vladimir Zhirinovsky Russland

Шешељ и рускиот ултранационалист Владимир Жириновски

Милошевиќ и неговиот „омилен опозиционер“ на крајот сепак нема да доживеат иста судбина, да умрат во притворското одделение во Шевенинген, без пресуда.

Шешељ беше извонредно добро поврзан во меѓународното националистичко милје. Тој другаруваше со Владимир Жириновски и Жан-Мари Лепен, со руските и француските екстремни националисти. Двајцата ги прогласи за почесни граѓани на радикалниот Земун. Еднаш новинарите се собраа околу Шешељ кога стигна пред Собранието, а тој со смеа ги замоли да не му го оштетат автомобилот-подарок од Лепен-бел Пежо 605.

Предавство на политичките „синови“

Шешељ сите години остана официјален претседател на Српската радикална партија која ја основаше во 1991 година, веројатно единствената партија која не учествуваше во републичката власт по соборувањето на режимот на Милошевиќ. Политичкото чедо на Шешељ зенитот на популарност го доживеа всушност кога тој веќе беше зад решетки, но поддршката од речиси една третина на избирачите не беше доволна против демократските и „демократските“ комбинации, чија главна одлика често беше фамозниот коалициски капацитет. Чедото се побуни против својот патрон прв и единствен пат во 2008 година кога Томислав Николиќ и уште некои пратеници не сакаа да ја послушаат директивата од затворската келија и да гласаат против Спогодбата на Србија и ЕУ.

Serbien Tomislav Nikolic Serbische Radikale Partei SRS

Актуелниот српски претседател Томислав Николиќ долги години беше висок функционер на Радикалната партија

Останатото е веќе понова историја на Српската напредна партија, основана од Николиќ и, по неколку дена размислување, и од Александар Вучиќ, денес водечки и недопирливи политичари во Србија. Тие не сакаа веќе да имаат никаква работа со својот политички ментор, неколу срамежливи зборови на самокритика, сметаат, се доволни за раскинување со минатото во кое радикалното тројство распалуваше омраза кон Хрватите, Босанците и Албанците и ги славеше српските злосторства како херојски победи, и времето кога Николиќ и Вучиќ одушевено работеа на рецензија на книгите на Шешељ, чија мета потоа станаа и самите. Во насловите тие се „хашки денунцијант“ и „пропаднат пучист“ (Николиќ), „српски барон Минхаузен“ и „портпарол на партијата на крадците“ и „маченцето на Санадер“ (Вучиќ).

Шешељ од Шевенинген можеше немоќно да го набљудува распадот во сопственото политичко милје. Отиде во Холандија надевајќи се на бесмртност, но годините ја ронеа поддршката кон неговата Радикална партија, во меѓувреме потоната на маргините. СРС, Српската радикална партија, остана собиралиште на политички опскурни и закоравени мразители, од кои ниеден нема ни дел од сировата харизма и талентот кои ги имаше шефот. Тука не помагаат ни изборните плакати со неговата фотографија, кои и денес се наоѓаат понекаде по ѕидовите. Сега шефот повторно е тука, во природна големина, но болен и остарен, недоволно за националистичка ренесанса.

Реклама