1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големиот спор околу нуклеарната енергија во Германија

Андреас Бекер
6 декември 2016

Германскиот Уставен суд денеска треба да донесе одлука во спорот околу нуклеарната енергија во земјата. Што е спорно?

https://p.dw.com/p/2TlET
Deutschland Kernkraftwerk Isar
Фотографија: picture alliance/chromorange/T. Marx

Кој е тужител?

Тужители се три енергетски концерни кои се управители на атомски централи во Германија: германските фирми Еон и РВЕ, како и шведскиот државен концерн Ватенфал. Четвртиот концерн ЕнБВ се откажа од тужба.

Што е причина за тужба?

Уште во 2000 година големите снабдувачи со енергија, Еон, РВЕ, ЕнБВ и Ватенфал, со тогашната црвено-зелена влада постигнаа согласност за постепено напуштање на атомската енергија, а во 2002 година во сила стапи и соодветниот закон. Тој определуваше уште колку енергија атомските централи смеат да произведат пред да бидат затворени.

Во 2010 година, за време на вториот мандат на канцеларката Меркел, законот беше променет во полза на концерните и беше одлучено атомските централи да смеат да работат 14 години подолго.

По несреќата во Фукушима, Јапонија, во март 2011 година, Меркел се одлучи на радикална промена на курсот. Само неколку дена по несреќата владата донесе одлука за мораториум: осум од тогашните 17 атомски централи требаше да запрат со работа во период од 3 месеци за да се преиспита безбедноста на сите постројки.

Околу пет месеци по Фукушима, на 6 август 2011 година, законот за нуклеарна енергија беше повторно изменет. Тукушто донесената одлука за продолжување на работата на атомските централи беше повлечена. Оттогаш важи: до 2022 година мора да биде исклучена и последната германска нуклеарна централа.

Енергетските коцнерни поднесоа тужба пред Уставниот суд. Тие тврдат дека со забрзаното напуштање на атомската енергија им се нанесува штета од околу 19 милијарди евра. Еон наведува штета од 8 милијарди евра, РВЕ не дава официјални проценки на штета, но аналитичарите сметаат со 6 милијарди евра, а Ватенфал наведува штета од 4,7 милијарди евра.

Atommüll Fässer in Morsleben Archiv 2009
Фотографија: picture-alliance/dpa

За што одлучува судот?

Уставниот суд треба да донесе одлука дали државата го повредила основното право на фирмите на сопственост. Треба да се разјасни дали промената на законот за атомска енергија воопшто значи отуѓување на сопственоста, како што тврдат тужителите, или е само ограничување на сопственоста.

Со оглед на тоа што за секоја тужба се води посебна расправа, на крајот ќе има три пресуди. Посебен е случајот на Ватенфал, поради тоа што фирмата ѝ припаѓа на шведската држава, па судиите прво мора да разјаснат дали концернот воопшто може да се повика на германските основни права. Затоа, фирмата има поднесно тужба и пред Меѓународниот центар за решавање на инвестициски спорови (ИЦСИД), каде пресуда се очекува најрано на средината од наредната година.

Како по одлуката?

Доколку судот им даде за право на енергетските концерни, ќе мора да се промени законот за атомска енергија и во него да се вметне регулирање на обесштетувањето. При делумна победа, пак, концерните би имале евентуално право на отштета, но тоа би морале да го бараат преку цивилните судови. Процесот притоа би можел да трае со години.

Независно од тоа, концерните со владата треба да постигнат и согласност околу трошоците на складирање на атомскиот отпад.