Голема света миса на скопскиот плоштад | Македонија | DW | 11.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Голема света миса на скопскиот плоштад

Кардиналот Винко Пуљиќ ќе ја предводи понтификалната света миса во Скопје - крунскиот настан од „Деновите на Мајка Тереза“. Плоштадот ќе биде претесен за големиот број верници, домашни и странски делегации и гости.

Понтификална света миса на плоштадот „Македонија“ во Скопје денеска ќе биде крунскиот настан од манифестацијата „Татковинска прослава - Денови на Мајка Тереза“. Скопскиот бискуп и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов, уште пред две недели соопшти дека папата Франциско на 24 август го именувал сараевскиот надбискуп, кардиналот Винко Пуљиќ, за негов специјален пратеник кој ќе ја предводи понтификалната света миса во Скопје.

Плоштадот „Македонија“ денеска ќе биде претесен да ги собере верниците, високите претставници на Католичката црква и на други верски заедници, бројни домашни и странски делегации и гости, дојдени во чест на светата Мајка Тереза.

„Ако сакаме да го опишеме животот и пораката на Мајка Тереза во само два збора тогаш тие два збора се Бог и љубов. Бог за Мајка Тереза е центар на нејзината егзистенција, додека љубовта е нејзината порака. Но, ако треба да употребиме само еден збор, тогаш зборот љубов е пред сѐ, затоа што љубовта е од Бога и секој кој љуби од Бога е роден и го познава Бога, затоа што Бог е љубов. Едноставен израз на Мајка Тереза е - каде е љубовта таму е и Бог“, рече бискупот Стојанов, претставувајќи го неодамна црковниот дел од програмата.

По повод канонизацијата на големата хуманистка во светица, католичката катедрала во Скопје, „Свето Срце Исусово“,

неодамна доби подарок изработен од сите златари и кујунџии во главниот град - златно стилизирано ковчеже во кое ќе се чуваат мошти и прамен од косата на Мајка Тереза.

Тие се горди што подарокот ќе добие посебно значење на денешниот настан, кога плоштадот ќе биде свето место, и на кое најчесто спомнуваните зборови ќе бидат љубовта, верата, почитта и името на светицата.

Церемонијата ќе започне во 9 часот со духовна програма на плоштадот „Македонија“, на местото каде што некогаш се наоѓала родната куќа на Мајка Тереза. Потоа ќе започне процесијата, а во 10 часот и светата миса. Во непосредна близина каде што ќе се одвива големата церемонија, сѐ уште се вишат трите бора што Мајка Тереза ги насадила во 1980 година, кога беше прогласена за почесен граѓанин на Скопје.

DW.COM

Реклама