Голема експлозија на бес во Либан | Свет | DW | 10.08.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Голема експлозија на бес во Либан

Протести, оставка, предвремени избори: во страшната експлозија во Бејрут не само што загинаа и беа повредени луѓе, туку таа многумина ги остави и без покрив над глава. Либан го втурна во уште подлабока политичка криза.

Во либанскиот главен град Бејрут во вторникот (04.07.2020) во страшна експлозија загинаа повеќе од 150 лица, а повредени беа повеќе од шест илјади. Многу објекти се уништени, една десетина од градот со 2,3 милиони жители останаа без покрив над глава. Либанската влада по првичните проценки смета дека материјалната штета се движи од три до пет милијарди американски долари. Други проценки се движат од десет до 15 милијарди. 

Точната причина за експлозијата сѐ уште е непозната. Иако претседателот смета дека е можно да се работи за напад, поверојатно е дека се работи за несреќен случај. 

Сигурно е дека детонираа околу 2750 тони високоексплозивен амониум нитрат кој се чувал во пристаништето. Материјата се користи за производство на ѓубриво и експлозив. Амониум нитратот веќе шест години бил складиран на пристаништето без специфични безбедносни мерки. Министерот за надворешни работи на Либан, Шарбил Вихби, во четвртокот изјави: „Прелиминарните извештаи укажуваат на тоа дека причината е погрешно ракување со експлозивни материи. Тешка небрежност која трае веќе шест години”. 

Владата веќе долго време знаела за опасноста и со тоа барем индиректно сноси вина за случувањето. Како реакција на тоа во Либан се разгореа протести.

Гледај видео 00:25

Страотната експлозија во Бејрут од повеќе агли

Протести: мирољубиви или насилни?

Од петокот илјадници лица во Бејрут се излезени на протести против владата. „Одмазда до падот на режимот”, скандираат демонстрантите. Некои од нив мавтаа со јажиња, а во центарот беше поставена бесилка. Повиците во социјалните медиуми се проследени со хаштагот „бесете ги”. 

На протестите во саботата лутите демонстранти фрлаа со камења и се обидуваа да ги пробијат кордоните. Полицијата употреби солзавец. Еден период демонстрантите под своја контрола го имаа Министерството за енергетика и трговија, како и Министерството за надворешни работи кое го декларираа за „главно упориште на револуцијата”. Тие влегоа и го запалија седиштето на Банкарското здружение на Либан. 

Армијата подоцна успеа да ги ослободи објектите. Во судирите меѓу демонстрантите и полицијата според податоци на либанскиот Црвен крст биле повредени повеќе од 230 лица. Еден полицаец загина. 

Општа состојба: повеќе од експлозии?

Разорните експлозии се само последната капка која ја прели чашата и причина за протестите против владата. Либан со години е заглавен во тешка економска криза. Една третина од населението е без работа. Покрај тоа грижата за 1,5 милиони сириски бегалци е само дополнителен товар за економијата на оваа шест милионска држава.

Многу години наназад меѓу населението расте фрустрацијата и гневот кон владата. Во октомври 2019 година се проширија протести низ цела држава кои беа организирани од луѓе од различни класи и религии. Имаа заедничко барање – оставка на владата.

Повеќе:

Бејрут: И натаму десетици исчезнати

Луѓето во Бејрут сакаат „револуција“

Експлозијата во Бејрут: Зошто амониум нитратот е толку опасен?

Демонстрантите им префрлаат на владините министри, без разлика од кој политички или религиозен спектар се, дека се грижат само за личниот интерес и не прават ништо за народот и земјата. Владата важи за корумпирана и некомпетентна. Народот во земјата на Средоземното Море која се граничи со Сирија и Израел посакува подобри услови за живот и веќе подолго време бара нови избори.

„Го повикуваме целиот измачен либански народ да излезе на улица и да побара прогон на корумпираните,“ повика поранешниот офицер Сами Раман преку мегафонот пред скалите на опколеното Министерство за надворешни работи. Протестите не се насочени против одредени личности туку против „систем кој ја уништи земјата.“ Во експлозиите демонстрантите гледаат потврда за неспособноста на владата која и покрај тоја што била свесна за опасната складирана материја со години не презела ништо.

Влада: Нови избори?

Вечерта по протестите во саботата, премиерот Хасан Диаб во телевизиско обраќање изјави дека кризата може да се надмине само преку нови избори и тој ќе му предложи на својот кабинет распишување на предвремени избори.

Но оваа најава не ги смири луѓето. Тие бараат оставка на целата политичка елита. Петмина парламентарци веќе си дадоа оставки наведувајќи го како причина катастрофалниот пристап на владата во справувањето со катастрофата. Министерката за информации Манал Абдел Самад како прв член од владиниот кабинет кој по експлозиите во неделата најави оставка. Како причина ја наведе експлозијата и последиците од неа: „Им се извинувам на сите Либанци. Не ги исполнивме вашите очекувања,“ изјави таа во обраќањето кое беше пренесувано на телевизија.

И министерот за животна средина во неделата вечер најави заминување од владиниот кабинет. „Со оглед на огромната катастрофа решив да дадам оставка,“ соопшти Демианос Катар. Владата потфрли во редица реформи.

Еден ден по експлозиите, и министерот за надворешни работи Насиф Хити најави оставка. Како причина го наведе, според него слабиот перформанс на влада, која не успеа да ја извлече земјата од тешката економска и политичка криза. Наследник му е Шарбил Винби, досегашниот дипломатски советник на либанскиот претседател Мишел Аун.

Помош: кога и од кого?

Во неделата попладне се оддржа донаторска конференција за помош за Либан. Видеоконференцијата на која  имаше претставници на околу 30 држави и организации беше иницираната од Обединетите нации и Франција. Непосредно пред конференцијата, германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас најави итен пакет помош од десет милиони евра. „На луѓето во Бејрут им е потребна нашата помош, им треба причина за надеж,“ изјави тој за весникот Билд ам Зонтаг. Германскиот Црвен Крст уште во саботата испрати во Бејрут авион со 43 тони хуманитарна помош во вредност од 1.5 милиони евра. Меѓу другото испратени се сетови за прва помош, ќебиња, алати, кујнски прибор и средства за хигиена. Франција формираше воздушен мост преку кој во земјата треба да се испорача хуманитарна помош и екипи. Дополнително кон Либан испрати и два брода, меѓу кои еден воен, кои исто така носат храна и хуманитарна помош. ЕУ веднаш по експлозијата стави на располагање 33 милиони евра помош за Либан, а во најави дополнителни 30 милиони евра.

 

Реклама