Големата преселба на путинистите | Северна Македонија | DW | 28.04.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Големата преселба на путинистите

Иако сѐ уште има да се заврши многу работа пред влијанието од Москва врз Балканот да се стави ад акта, евидентно е дека отпорот на регионот кон руските влијанија се покажува пожилав отколку што Кремљ претпоставуваше.

Победата на Макрон во Франција и Роберт Голоб во Словенија ги смирија растревожените духови во регионот и барем на кратко ја оддалечија неизвесноста од последиците на евентуалната победа на крајната десница во Париз и преживувањето на пријателот на Орбан во Љубљана.

Најдобрата вест е сепак онаа дека и овие избори потврдија оти звездата на путинизмот во Европа сѐ повеќе се гаси, треперејќи единствено во очите на сѐ поочајната клиентела на путинизмот. Од друга страна, порастот на поддршката за Ле Пен укажува дека феноменот на есктремот сѐ уште ужива растечка популарност кај добар дел од граѓаните на Франција, Европа, но и во нашиот регион. Факт кој заслужува претпазливо внимание.

Господе, чувај ме од пријатели

Прашањето за сентиментите на нашите гласачи околу изборите во Европа е многу повеќе од пуста љубопитност. Бидејќи задира како во согледување на домашните тековни трендови, така и во разбирањето на нашите евроинтеграции од еден сосема друг, досега превиден и, за нашата посакувана цел, не сосема пријатен аспект на членството во ЕУ. Досегашната вообичаена реторика околу евроинтеграциите диктираше претежно црно-бела претстава за евроскептицизмот или анти-еу сентиментот искажан од страна на националистичките, проруските или кон екстремизам наклонети групации од периферијата на политичкиот спектар. Во сенка на таа групација на дежурни ЕУ-фоби, сосема малку, всушност воопшто не се осврнувавме на опасноста од некритичната, чирлидерска, апсолутистичка ЕУ-филија и штетата која нивната „верност” кон Брисел ја нанесува кон интеграциските процеси и самиот имиџ на Унијата.

Во духот на старата молба, денешниот однос на Балканот кон Унијата би требало да биде помалку еуфоричен и повеќе по линија на „Господе, чувај ме од пријатели”, бидејќи овдешните непријателства се секому апла познати и нескриени. Доколку утре во Македонија се одржат евро-парламентарни избори, сосема е реално дека европската крајна десница би можела да се надева на цврста поддршка во нашето гласачко тело. Ле Пен и Јанша, Орбан и Салвини тешко дека би победиле убедливо, но секако би имале повеќе од солиден изборен резултат во Македонија. И тоа е факт кој треба да го замисли домашниот естаблишмент и општество. Од друга страна, нема причина да се сомневаме дека оваа реалност е веќе добро позната и земена предвид од страна на европските стратези при правењето пресметки какво би било влијанието од балканското гласачко тело врз Европа и демократските процеси. Особено во однос на придобивките и ризиците на балканското членство во ЕУ и балансот помеѓу едвај одржливиот тренд на умереност и растечкиот тренд на исклучивост. Какви-такви, Европа има некакви механизми за превенирање или контролирање на поклопувањето на балканскиот со европскиот екстремизам. Што не би можело да се каже за спремноста на Балканот да се справи со експлозијата на европскиот екстремизам и национализам во регионот. Барем не без помош од САД.

Еврофили со привилегирана лиценца и лајави евро-хејтери 

Разочараност од маратонските преговори за членство во Унијата, засилени со лошото владеење, ендемската корупција, криминал и непотизам - тоа се клучните горива врз кои се ложи силниот антиевропски сентимент на десницата, во нашиот случај засилен и низ споровите со земјите членки Грција и Бугарија. Она за што помаку се зборува е деструктивниот ефект на благоречивоста на либералната еврофилија мотивирана од клиентелизам и со речиси ексклузивно право во дефинирање што е вистинско проевропејство и кој има право или привилегија да биде сметан за еврофил со привилегирана лиценца на доверливост. Првиот заклучок е дека брборливоста, вулгарноста, гнасотијата, лајавоста на евро-хејтерите е кулминантна и апсолутна причина за падот на популарноста на Унијата во земјата.

Но првите впечатоци често умеат да бидат површни. Посебно доколку се споредат со несветите пракси на псевдо-либералните фактори кои безмалку очекуваат нивната еврофилија да биде прифатена како амнестија, олеснителна околност или прочка за наклонетоста кон корупцијата, непотизмот и криминалот. Таа калкулирана надменост, перфидност, трансакциска „авангардност” често умее да биде далеку подеструктивна по имиџот на ЕУ, Европа и самата демократија отколку силеџиските, вулгарни и генерално лесно препознатливи атаки врз Европа или Западот во целост. Како што би кажал брат Саше, каменот по главата на ЕУ и САД често доаѓа од нивна блиска рака, од нивни амбасади, нивни фондации и медиумски поддржувачи. И заемните сопки и подметнувања во рамките на однавек растегливиот еуфемизам наречен меѓународна заедница.

Америка како помало зло

Во овој час тој еуфемизам е сѐ уште – и по сѐ судејќи финално - диктиран од сплотеноста на САД и ЕУ во ставање крај на ерата на Путин воопшто и влијанието врз нашиот регион, конкретно. Иако сѐ уште има многу работа да се заврши пред влијанието од Москва врз Балканот да се стави ад акта, евидентно е дека отпорот на регионот кон руските влијанија се покажува пожилав и потврд отколку што Кремљ претпоставуваше. Мотивот за таа голема промена е фактичкиот дебакл на руската надворешна и подземна политика на Балканите, рушењето на имиџот на моќна Русија и ерозијата на übermensch митот на Путин.

Потврдата за дебаклот на Русија немојте да ја барате во вокабуларот или ставовите на познатите домашни про-Путин и проруски експоненти. Таа фина нијанса барајте ја и ќе ја најдете во тивките, перфидни, постепени, дискретни рокади и процеси кои се одвиваат кај досегашните крипто-путинистички ликови и групации и нивното префрлање од тврд путинизам кон гласно про-Американство и гневно анти-Европејство. За путинистичкиот мајндсет и интерес во Македонија и регионот, Америка е помало зло, поприфатлива алтернатива од „превртливата” ЕУ. Во очите и низ искуствата на естаблишментот, goal-oriented Америка е подеднакво негадлива кон гангстеризмот во политиката како и Русија на Путин. Реално, Америка би требало да биде навредена од ваквата споредба. А сепак, спремноста на Вашингтон да се дружи со ликови како Муковски, или пак да се потпира на довчерашните антиамерикански првенци како Александар Вучиќ и Еди Рама, ја ништи моралната аргументација на американската дипломатија во регионот.

Она што е далеку побитно за нас е прашањето дали постпутинистичкиот момент ќе доведе до битни промени во односот на САД и ЕУ кон криминалните кланови во политиката на Балканите. Или пак ќе се соочиме со нова линија на поделба диктирана од неретко спротивставените интереси на Брисел и Вашингтон и нивното потпирање врз домашните првенци на лошото владеење. Навидум, таа дилема е сѐ уште далечна. Но повнимателното следење на настаните укажува на поинаков тренд во зародиш.

Усогласеност или ривалство на САД и ЕУ?

Низ медиумите во Албанија минатата недела проструи изјавата на еден виден политичар дека во соседната земја се дојдени „помеѓу 20 до 30 европски обвинители поради кои на удар се владите во Тирана, Белград и Скопје”. Дека станува збор за десетици и десетици ангажирани преведувачи, за пробиени и фатени комуникации од безбедносно осигурани мобилни телефони поради кои „владите во овие земји ќе бидат попарени”.

- повеќе од авторотДвоење на дуетот: Заедно немоќни, одвоено неспособни

Интересно, веста не доби премногу внимание ниту во Албанија ниту во апострофираните земји. Иако клучниот момент во истата е поврзана со корупцијата – тема врз која Бајден ги доби изборите во САД, а ЕУ-бирократите пред земјите членки ја бранат агендата на проширување. Но, додека САД борбата против корупцијата ја базираат врз прогон на ислужени екс-политичари, пристапот на ЕУ е фокусиран врз активните политички фактори. Оттаму и дискрепанцата во пристапот кон корупцијата, подеднакво како и подемот на американофилијата кај крипто-путинистите во чекор со нивната сѐ погласна еврофобија.

- повеќе од авторот: Zeitgeist духот на Европа пред историска Zeitenwende

Првичниот впечаток е дека станува збор за усогласена политика на САД и ЕУ на справување со безвластието, зловластието на естаблишментите креирани и хранети од нивните дипломатии. Но вториот, подеднакво реален, впечаток – и за нас евентуално многу понадежен – е дека станува збор за своевидно ривалство помеѓу САД и ЕУ во обезбедување предимство преку селективно сатанизирање и еднооко протежирање на регионалните коруптократии со цел обезбедување политичко или стратешко предимство. Што е прилично непријатна вест за коруптократијата (и посебно про-руските фактори). Но воедно е токму мотив за надеж во општеството дека тој судир помеѓу западните „антикорупциски” слонови ќе придонесе барем кон кратење, ако веќе не и елиминирање на здивената спрега помеѓу политиката и организираниот криминал.

околку се случи, тоа е судир на кој треба да му се радуваме, да го поддржиме и широкоградо храниме. Колку поголем ефектот од него, толку помали ќе бидат можностите за ширење на екстремните идеологии кон нас и хранење од гнилите трупови на последните хомо-советикуси на Путин на Балканите.