Говорот на Трамп: Полувистини и непотребни шоу-елементи | Свет | DW | 05.02.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Говорот на Трамп: Полувистини и непотребни шоу-елементи

Поранешната реалити ТВ-ѕвезда Доналд Трамп беше целосно во свој елемент за време на говорот за состојбата на нацијата. Сепак, шоуто не можеше да ги замагли политички сомнителните тврдења, смета Карла Блајкер.

Тоа е еден од најважните телевизиски настапи на годината за американскиот претседател: говор за состојбата на нацијата. Шефот на државата ретко може да му се обрати на својот народ директно. Тој зборува повеќе од еден час - и секој збор се пренесува во живо на ТВ. За Доналд Трамп, кој ништо не љуби повеќе од воодушевена публика, ова е остварување на сонот.

Уште од самиот почеток, тој долго зборуваше за американската економија, која, според него, е во најдобра состојба досега. Стапката на невработеност е помала од кога било и од неговото стапување на должноста бројот на луѓе кои добиваат бонови за храна е намален за седум милиони. Меѓутоа, овие амбициозни наводи треба да бидат третирани со претпазливост. Стапката на невработеност константно паѓа уште од администрацијата на Обама. А активистите посочуваат дека многу од седумте милиони луѓе веќе не земаат бонови за прехранбени производи, бидејќи Трамп ги скрати програмите за помош. Ова не е импресивен успех, туку студена социјална политика.

Конфликтот со Иран

Вкупно, Трамп зборуваше еден час и 18 минути - значи, пократко од минатата година. Неговиот говор за „состојбата на унијата“ во 2019 година со 1 час и 22 минуди беше третиот најдолг таков говор во повеќе од 50 години. Само претседателот Бил Клинтон зборуваше подолго во 1995 и 2000 година.

Колку долго зборува човекот од Белата куќа, што зборува и пред кого - сето ова има свое значење. Секоја година, секој претседател ги поканува „обичните граѓани“ да присуствуваат на политичкиот настан во Претставничкиот дом. Овие луѓе се внимателно избрани врз основа на она за што се залагаат. За неговиот годинешен настап, Трамп ги покани, меѓу другите, Кели и Гејџ Хејк од Оклахома. Кели Хејк е вдовица на војник, кој беше убиен во експлозија на бомба во Ирак во 2008 година, за која за одговорен се сметаше иранскиот генерал Гасем Сулејмани. Американската војска го уби Сулејмани во јануари, по наредба на американскиот претседател.

Autorenbild l Kommentatorenbild DW Carla Bleiker PROVISORISCH (privat)

Карла Блајкер, авторка на коментарот

Присуството на Хејкови требаше да покаже дека убиството на Сулејмани било храбар чин, со кој биле одмаздени убиените Американци и спасени многу други животи. Сепак, тоа не може да го одвлече вниманието од фактот дека однесувањето на Трамп ги доведе САД на работ на војна со Иран. А и администрацијата не достави задоволителни докази дека Сулејмани наводно бил непосредно пред извршување на напад врз Американци.

Кога Ненси Пелоси го искина манускриптот

Гостите во текот на целата вечер се погрижија за моменти како во реално шоу. На пример, Меланија Трамп за време на говорот му го закачи претседателскиот „медал на слободата“ на конзервативниот радио водител Раш Лимбау, а семејството на еден војник беше изненадено со враќањето на сопругот и татко од мисијата во странство. Беа тоа само два од многуте моменти кои ја притискаа солзната жлезда. Професионалниот забавувач Трамп мора да имал ќеф при планирањето.

Можеби тој сакаше да направи особено добро шоу во случај да е ова неговиот последен говор за состојбата на нацијата. Доколку Трамп не биде реизбран, на подиумот за следниот говор за „состојбата на унијата“ ќе стои нов претседател или претседателка. Во моментов такво нешто е малку веројатно, но демократите сепак се надеваат на тоа. Ненси Пелоси, која како спикерка на демократското мнозинство во Претставничкиот дом седеше зад претседателот за време на говорот, на крајот го искина манускриптот од говорот кој претходно го беше доставил Трамп. Со оглед на многуте полувистини и химни од пофалби за имиграциската полиција и за лабавите закони за оружје, многумина би сакале да го сторат истото.

Реклама