Глобално корона-жариште: Експоненцијален раст и рекордна смртност во Индија | Свет | DW | 29.04.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Глобално корона-жариште: Експоненцијален раст и рекордна смртност во Индија

Речиси 380.000 новозаразени на ден– експоненцијалниот раст во Индија, на среден рок, може да стане проблем не само за земјата туку и за целиот свет. Згора на тоа од ден во ден се бележат рекорди во смртните случаи.

Светот е во шок од бројот на новозаразени со корона во Индија –  во последните 24 часа регистрирани се околу 360.000 нови случаи, што е нов светски рекорд. Во моментов, таму се заразени речиси 18 милиони, а близу 205.000 Индијци починале како последица од Ковид 19, од кои само во последните 24 часа рекордни 3645. 

Темната цифра веројатно е многу поголема. Ситуацијата е влошена поради новата „двоејна мутација“ B.1.617 кој е комбинација на две мутации на таканаречениот спајк протеин. Од почетокот на април експлодираат бројките во земјата и кривата расте експоненцијално.

На среден рок, овој експоненцијален раст може да стане проблем не само за Индија и нејзините соседи, туку и за целиот свет.

Гледај видео 02:15

Индија: Новиот бран на коронавирус наликува на цунами

Што значи експоненцијален раст кај коронавирусот?

Една стара безвременска индиска легенда е вистинскиот начин да се илустрира значењето на експоненцијалниот раст. Многу одамна индискиот владетел Шихрам ги тиранизирал своите поданици и земјата била во голема мизерија.

Повеќе:

-Коронавирус: колку е опасна „двојната мутација“ од Индија?

-Корона-драма во Индија: И армијата на помош

-Индија – катастрофа со најава

За кралот да ги увиди поплаките од населението, мудриот браман Сиса го измислил шахот со своите 64 полиња во која кралот е најважната фигура, но без поддршка на неговите пиони и другите фигури не може да постигне ништо. На кралот му се допаднала играта и сакал да го награди изумителот. Мудриот Сиса побарал на првиот квадрат од шаховската табла да се постави зрно пченица, на вториот двојно повеќе, значи две, на третиот повторно два пати повеќе од претходното, што значи четири, и така на секое наредно поле.

Кралот се чувствувал навреден од наводната скромност на браманот, а не бил свесен за размерите на неговата желба. На дворските аритметички мајстори им биле потребни денови за да ја пресметаат побараната количина пченица. На крајот сфатиле дека во целото царство не може да се собере толкава количина бидејќи на крајот на браманот требало да му се дадат  околу 730 милијарди тони пченица што е пак илјада пати поголемо од минатогодишната светска берба на пченица која беше 776,78 милиони тони.

Што значи шаховската формула за пандемијата?

Секако во корона-пандемијата не се работи за зрна пченица туку за луѓе, но ако ја примениме шаховската формула во овој контекст таа го дава бројот на пренос на заразата или таканаречен Р-број од 2, што значи дека секој еден заразен, заразува уште двајца други.

Во Индија во моментов има 1 милијарда и 395 милиони луѓе. Со коронавирусот во моментов се инфицирани речиси 18 милиони. За среќа репродуктивниот Р број е многу понизок од шаховската формула и според извештаите во моментов е 1,32.

Но, оваа вредност е многу поврзана со однесувањето на луѓето и социјалните фактори: дали тие се придржуваат до правилата за дистанца и хигиена и во какви услови живеат и работат. Така на пример во првиот корона бран во март 2020 Р-вредноста беше многу поголема од сега – 1,83. Во секој случај, со сегашниот развој бројот на заразени може многу бргу да се удвои.

Повеќе заразени води кон повеќе починати

Со експоненцијалниот раст на заразени и бројот на смртни случаи исто така рапидно се зголемува. Досега во Индија близу 205.000 луѓе починале како последица на Ковид 19. Стапката на смртност во моментов е 1,4%.  Доколку бројката на заразени се удвои, тоа ќе значи дополнителни 410.400 починати.

Со оглед на тоа што видовме дека коронавирусот не се задржува во границите на една земја, двојно-мутираниот индиски сој на вирусот B.1.617 и експоненцијалниот раст на новозаразени на индискиот потконтинент, со право предизвикува загриженост не само таму, туку и во целиот свет.