Гласно ѕвечкање со оружје во Персискиот залив | Свет | DW | 10.05.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Гласно ѕвечкање со оружје во Персискиот залив

Иран делумно отстапи договорот за атомската програма и се заканува со блокада на Хормушкиот мореуз. САД испрати воени бродови во регионот. Можна ли е војна наскоро?

Како дојде до најновата ескалација?

Минатиот месец САД ги заострија санкциите против Иран. Извозот на нафта за Техеран е повеќе отежнат отколку претходно. Вашингтон во мај исто така ја прогласи Иранската револуционерна гарда за терористичка организација. Иран се чуствува загрозен бидејќи стравува од понатамошен економски пад поради санкциите. Како резултат на тоа, режимот на мулите ја заостри својата реторика. Првиот човек на морнарицата на Револуционерната гарда заедно со претседателот Рохани неодамна се заканија дека ќе го блокираат Хормушкиот мореуз во Персискиот залив.

Што би значела блокадата на Хормушкиот мореуз?

Последиците би се почувствувале во целиот свет, бидејќи 30 проценти од светската нафта се транспортира преку овој морски пат. Блокада на мореузот е лесно спроведлива. Тој на некои места е широк само 40 километри, а од тоа само две ленти се со широчина од три километри проодни за танкерите. Таму треба да се постават само неколку мини и целиот сообраќај ќе биде запрен. Ако Иран го стори тоа, војна во заливот е неизбежна. Но, прашање е дали Техеран ќе оди толку далеку. Ако се реши за блокада на нафтениот пат против себе нема да ги навлече само САД, туку и сите земји од Перискиот залив кои извезуваат нафта.

Повеќе:

-Очајнички маневар на Рохани

-Иран се откажува делумно од Нуклеарниот договор
-САД распоредуваат борбени сили во правец на Иран
 

Какви адути сѐ уште има во раце Техеран?

Нуклеарниот договор. САД излегоа од договорот постигнат во 2015 година, но европските партнери и Иран и понатаму се придржуваат до него успешно заобиколувајќи ги едностраните санкции на САД против Иран. Но сега режимот на мулите сака да излезе од некои делови на договорот. Тие сакаат да задржат поголем дел од збогатениот ураниум и други нуклеарни компоненти отколку што е предвидено со него. Европските партнери сега имаат 60 дена тоа да го прифатат и истовремено да ги ублажат санкциите за Иран во банкарскиот и нафтениот сектор.

Дали нуклеарниот договор е осуден на пропаст?

Тоа зависи од реакцијата на Европејците и од тоа како ЕУ ќе реагира на ултиматумот од Техеран. Сосем е можно дека тие тоа ќе го отфрлат како обид за уцена. Во таков случај договорот би пропаднал. Експертите се скептични и сметаат дека не била добра идејата така да се постапи со Европејците. Ескпертот за надворешнополитички прашања на СПД, Ролф Мицених за ДВ изјави дека „најновиот потег на Техеран дополнително ќе го дестабилизира регионот и ќе го поткопа меѓународниот поредок."



Што подготвува САД на воен план?

Прво масовно ќе го зголеми присуството на своите сили во Персискиот залив. Поморската единица која му е поддршка на носачот на авиони УСС Абрахам Линколн стасува во Персискиот залив за неколку дена. Исто така, бомбардерите Б-52 ќе бидат преместени во овој регион. Со други зборови САД сакаат да бидат подготвени веднаш да одговорат на секаков можен напад од иранска страна. Министерот за надворешни работи Мајк Помпео не исклучува воен одговор. Минатата недела изјави. „Доколку е потребно ќе го сториме и тоа!"

Има ли некакви сознанија за иранските планови?

Има. Но внимание, тие информации доаѓаат од американските разузнавачи, а тие не се секогаш точни како што знаеме од разни примери од минатото. Според овие „конкретни и доверливи" информации, Иранците планираат напади на американски трупи во Ирак и Сирија. За таа цел иранските ракети со краток дострел со едрилици се префрлени во Иран, пренесе Си-Ен-Ен, цитирајќи владини извори.

Што очекуваат Американците од своите сојузници во регионот?

Тоа можеше да се види во вторникот за време на ненајавената посета на министерот за надворешни работи Помпео на Ирак. САД бараат лојалност и заштита. Шиитската влада во Багдад им должи благодарност на Американците за тоа што е на власт. Во таа насока Помпео побара од ирачката влада доколку има потреба да ги поддржат САД, иако кај Ирачаните има големи симпатии кон иранските верски браќа. Останатите земји од Заливот, како што се сунитската Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, се традиционално на страната на САД. Дотолку повеќе со исклучок на Катар овие земји традиционално се во конфликт со Иран.

Ќе има ли војна или не?

Во моментов не, освен ако Иран не направи нешто непромислено. По правило Американците напаѓаат во голем стил откако ќе завршат со сите подготовки и стационирање нтрупи. Но ако Техеран го блокира Хормушкиот мореуз, или ги нападне американските трупи во тој регион, сигурно ќе следи брза реакција. САД не се заинтересирани за ескалација и претворање на конфликтот во голема војна. Претседателот Трамп уште во предизборната кампања вети дека нема така брзо да оди во војна како неговите претходници. Во таа смисла може да се каже: гласно тропање со оружје ДА, голема војна во Заливот - НЕ!

DW.COM

Реклама