1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Гласањето на дијаспората е експеримент“

4 мај 2011

Ден пред 5 јуни, македонската дијаспора за првпат ќе избира свои пратеници во македонскиот парламент. Се претпоставува дека околу 450 илјади иселеници имаат македонско државјанство, а 300-350 илјади и право на глас.

https://p.dw.com/p/118XY
Фотографија: AP

„Гласањето на македонската дијаспора во оваа фаза не кореспондира со Копенхашката декларација, која вели дека сите граѓани, сите избирачи мора да имаат еднакви услови и право да го дадат својот глас. Тоа значи дека покриеноста и достапноста на гласачките места не е адекватна дури ни во одредени држави каде што Република Македонија има свои дипломатско-конзуларни претставништва“, вели за Дојче веле Дарко Алексов од невладината организација „Мост“.

Дарко Алексов
Дарко АлексовФотографија: Petr Stojanovski

Од 30 илјади досега регрутирани набљудувачи, оваа граѓанска асоцијација се подготвува и со обучени набљудувачи, по случаен избор, да ја следи законитоста на гласањето во дијаспората.

„Во огромен дел од државите каде се населени, иселениците немаат право на кампања“, вели Алексов. Тој додава дека е пропуштено е време, преку македонското Министерство за надворешни работи да се евидентира бројот на иселениците и да се тестираат шансите да се гласа по електорнски пат.

Кој ќе патува 4000 километри за да гласа?

МНР закупи простор во познатите светски весници во Германија, САД, Австралија, каде едно соопштение чини од 10 до 15 илјади евра, но не се понудени огласи во ниту еден медиум на македонски јазик, вели Драшко Антов, кој во Германија издава весник на мајчин јазик.

Од Перт мора да се патува 4000 километри до најблиското дипломатско-конзуларно претставништво
Од Перт мора да се патува 4000 километри до најблиското дипломатско-конзуларно претставништво

Во Австралија, градот Перт, со поголема македонска колонија, е 4000 километри оддалечен од најблискиот македонски конзулат. „Кој би патувал и трошел за само едно гласање?“, се прашува Ицо Најдовски, познат радио водител во Австралија. Во неговата отворена програма во Перт ниту еден Македонец не бил запознат ни како се кандидира, ниту каде ќе се гласа, изјави Најдовски.

Гласањето на дијаспората се претвора во еден голем експеримент, вели Алајдин Демири, екс-амбасадор во Швајцарија, во која две третини од околу 250-те илјади лица со макеоднски пасош припаѓаат на албанската заедница.

„Во ред е идејата дијаспората да биде застапена во парлементот, но начинот како се води целиот процес, всушност на емиграцијата не и‘ овозможува да гласа. Екстремна манипулација за да се добијат тие три гласа и сега е проблемот како ќе се поделат“, кажа за ДВ Алајдин Демири.

Одзивот ќе биде скромен?

Wahl in Mazedonien
Фотографија: AP

Скептичните проценки велат дека одзивот на дијаспората ќе биде скромен, уште повеќе ако личностите се партиски номинирани, а не како независни од иселеничките здруженија.

„Пријавувањето за избирачкиот список може да се направи по електронска пошта и тоа веднаш ќе биде процесуириано“, изјави Борис Кондарко, претседател на ДИК. Донесена е одлука на иселениците да им се овозможи пријавување за гласање и со истечени рокови на пасошите.

Според првите партиски најави ДУИ ќе се определи за познат лекар, ВМРО-ДПМНЕ бара познати бизнисмени, СДСМ изборот ќе го направи од помладата и транзициска генерација на иселеници, велат во нивните партиски штабови.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска